Во историјата на книжевноста Мигел Сервантес е познат како автор на Дон
Кихот, првиот модерен европски роман, канонско дело на западната литература,
кое дури и денес и за книжевната критика и за книжевната публика претставува
едно од најдобрите и најзначајните дела во историјата на литературата. Но,
освен овој роман, опусот на Сервантес опфаќа и неколку други дела што претставуваат
врвни литературни остварувања и неизбежен сегмент од секој сериозен приказ на
светската книжевност, a едно од тие дела е токму Примерни новели.
Примерни новели претставува збирка од дванаесет подолги раскази
пишувани во периодот меѓу 1590 и 1612 година, а објавени во 1613 година. Оваа
книга се појавува во јавноста во период кога првиот том од Дон Кихот е веќе
објавен и кога Сервантес полека стекнува кредибилитет и статус на почитуван
автор. Иако се работи за подолги раскази, Сервантес во предговорот не ja
објаснува употребата на терминот новели, нагласувајќи дека тој е првиот шпански
автор што го презема сè попопуларниот жанр на романот (т.е. новелата), бидејќи
смета дека токму тој книжевен вид и стилски, и жанровски, и содржински одговара
на неговата намера да создаде книжевен приказ на општествените, историските и
политичките аспекти на своето време и истовремено да се надоврзе на традицијата
на дидактичната книжевност./