„Бричење петли“ (роман за
тажни и несреќни) најмногу им се обраќа на сите што ја чувствуваат неодредената
и недефинирана тага што авторот ја споменува на почетокот како увертира, за да
праша потоа: Тага по што? Од оваа точка како Аријаднина нишка се расплетува
дејството за да ја покаже раскошноста на нејзиното височество тагата; се
распостила приказната чијшто стожер е средовечниот новинар, стариот мачор со
прекар Силвестер, носителот на оваа тага. Него авторот го издигнува на ниво на архетип на
средовечниот македонски маж роден на село и задоен со традицијата во
педесеттите и шеесеттите, обликуван од социјализмот во седумдесеттите и
осумдесеттите, со разнишан идентитет во деведесеттите. Мутираните општествени
конвенции, изгубените корени и новонастанатите односи стануваат камен на
сопнување за Силвестер. Тој не може да се види себеси однадвор, потребни му се
другите да се согледа, спознае, дефинира. „Огледалце, огледалце, кој е најтажен
на светот?“ се прашува Силвестер, а одговорот се наметнува сам – мачорот на вжештениот
лимен покрив.