Моно Самоников е „чуден лик, неприспособлив
месечар, homo absurdus, сенка“, ќе
напише критичарот Миодраг Друговац, и живее во сопствените мисли и прогонувачки
соништа. Копајќи по свеста и растурајќи низ долапите на потсвеста, Моно трага
по потврда за сопствената виновност
за настан што се случил во неговото детство.
А, кога Моно бил дете, имало војна. И
во таа војна, детето Моно посведочило убиство кое како возрасен верува дека
можел да го спречи, а не го сторил тоа. Оттука, овој роман може да се чита и
како морална дилема на една цела генерација која во пресвртните историски
моменти го сведочела хоророт, а притоа не можела да даде свој придонес во
борбата.
„Кратката пролет на Моно Самоников“ е
егзистенцијалистички роман за апсурдот на живеењето во услови на егзистенција
отуѓена од стоичкото во човекот.