Годината
е 1939-та, а местото е Париз. На младата, убава и амбициозна парижанка Одил Суше
сè ù оди од рака: ја добива својата работа
од соништата во Американската библиотека во Париз и почнува љубовна врска со
згодниот и либерален полицаец Пол, кој ја сака и ги поддржува нејзините соништа
и амбиции. Но, Германија секавично напредува во војната, а Париз е под опсада и
преполн со нацистички војници. Сè
што на Одил ù е драго,
вклучувајќи ја и Американската библиотека, може да исчезне секој момент.
Годината
е 1983-та, а местото е малото гратче Фројд во Монтана. На тинејџерката Лили
ништо не ù оди од рака.
Непопуларна е на училиште, не може да го освои момчето кое го посакува, а мајка
ù одеднаш тешко се разболува. Но, тука
е нејзината софистицирана и образована сосетка со странско потекло со која
полека се зближува. Таа со нејзиниот ум и со нејзиното однесување отскокнува од
здодевното секојдневие на малиот град, а нејзиниот живот и минатото се
обвиткани со мистерија и тајни. Лили не знае колку тие тајни засекогаш ќе ù го сменат животот.
Романот
„Париската библиотека“ од Џенет Скеслин Чарлс е интересна и возбудлива
приказна, полна со љубов и драма, тажни и среќни човечки судбини. Исто така, тоа
е роман за книги и роман за неочекувани херои и хероини – за тоа како книгите
можат да ни го сменат животот, а како читателите можат да го сменат светот.