„Ши, ѕифри, копчи“ е збирка поезија за деца со многу
интересна структура. Замислена е како „пеење“ на мечокот Гриз Ли кој
онеобичувајќи го светот околу себе нѐ води низ еден ден – од неговиот почеток
до крајот; од будењето до заспивањето. Гриз Ли измислува зборови, наутро вели
ШИ (наместо добро утро), напладне ЅИФРИ (наместо добар ден) и навечер КОПЧИ
(наместо добро вечер). Измислувањето нови, непознати зборови за стари, познати
нешта ја поттикнува креативноста на децата и нивната јазична слобода. Секој од
зборовите на Гриз Ли, лирскиот херој на оваа книга, претставувува одделен
циклус со подеднаков број страници. Утринските или ШИ-песните се најкуси,
сонливи; пладневните ЅИФРИ-песни се подолги, со ококорени очи; и најдолги се
КОПЧИ-вечерните песни кои завршуваат со миење заби, како и секој детски ден.
Гриз Ли има необични пријатели со обични имиња; ама и
обратно – обични пријатели со необични имиња. Сите тие се бркаат низ стиховите
и римите играјќи си со јазикот, со своите палавости или со мечтите да пораснат
што побргу, впрочем, како и малите читатели на оваа несекојдевна збирка.