„Поклони се и
почни“ е ведра, игрива сликовница за заедништвото, забавно поттикнување на
децата (и животните!) да учествуваат во најразлични собирања и прослави по
секакви поводи – „раѓањето
на десетмилијардитото ливче во шумата“, во
конкретниов случај. И кога
знаат и кога не знаат да пеат, да играат, да пишуваат песни и да римуваат,
децата треба да се собираат како и животните од сликовницата (штурчето Свирче,
богомолката Богдана, бумбарот Јакоб, дабарот Дрварко и црвеношиестиот валаби),
бидејќи шансите да го научат она што го сакаат се многу поголеми кога околу нив
има повеќемина што можат да помогнат. Или барем само да слушаат. Односот помеѓу
штурчето Свирче, главниот херој во сликовницата, кое сака а не знае да пишува
во рима и дабарот Дрварко кому не му е гајле за рима а одлично ја владее, е
прекрасен пример за волшебната моќ на дружбата. На крајот од сликовницата има и
работен додаток за совладување на римите, така што сите, и ликовите и
читателите, излегуваат од оваа духовита, несекојдневна книга на Владимир Лукаш
и Љубиша Камењаров оспособени за дружење и... римување.
„Поклони се и
почни“ е симболичен поттик за секое дете да го земе микрофонот на своите желби
в раце и да ја започне забавата на детството по сопствена мерка. Како
вистинска, среќна „ѕверка“!