„Книжевната критика е неодминлив дел од творечкиот опус
на Оливера Ќорвезироска. Нејзиното критичко око е вперено најчесто кон
современата македонска продукција, но и кон регионалната и поретко – светската
книжевност во од. Критичкиот механизам на Ќорвезироска функционира како преса
со која се притиска, се цеди и се гмечи секој новопојавен текст што сè уште
мириса на печатарско рулче. А, пак, за да функционира беспрекорно оваа
комплексна машина, подмачкана е со сета ерудиција, наобразба и писателско
искуство на авторката.
На полпат (критика или молк) е нејзина трета збирка со критички текстови, во која се
собрани 44 осврти кон домашни, регионални и едно странско издание, поделени во
три дела и пишувани во периодот од 2016 година до денес.“
Бисера Бендевска
„Во ова изместено време на многу писатели и малку
читатели, реткост е да се најде некој што посветено чита и пишува книжевна
критика. Уште поретко е да се најде писател што чита и што пишува книжевна
критика. Од ова, уште поретко е да се најде добар писател што чита и што пишува
книжевна критика. А, најретко од сè е да се најде добар писател што чита и што
пишува добра книжевна критика, а токму тоа е она што се споило во оваа книга.“
Елизабета Баковска