Читална

Домашното за домашни задачи - Збогум, Вано, Ванке од Оливера Николова е роман со клуч

15.06.2022.
Домашното за домашни задачи - Збогум, Вано, Ванке од Оливера Николова е роман со клуч

Поговор на Јелена Лужина кон „Збогум, Вано, Ванке“ од Оливера Николова

Еднаш, одамна, пред околу 33 години (сигнификантна бројка!), Оливера Николова – во македонската литература, тогаш, третирана како „писателка на детски книги“ – го објави и својот втор недетски роман, насловен со навидум неутрална („наивна“) синтагма Домашни задачи. Се разбира, синтагмата е параболична, иронична, дури и автоиронична, ама читателите тоа нема да го знаат однапред. Туку ќе го насетуваат постапно, чекор-по-чекор, како во секој сериозен роман. Aлудирам на највнимателните читатели, извеште(ре)ни не само во декодирањето на текстурите кои стручно се именуваат книжевни уметнички дела туку и (барем) полуинформирани за контекстот (серија вистински настани) кој авторката настојува (и успева) да го „конвертира“ во книжевен текст (фикционална/уметничка проза, жанр: роман).

Да, Домашни задачи се класична double talk проза која, по наше, најсоодветно ја опишува легендарната цепенковска синтагма: Ти зборувам, ќерко, дошикај се, снао! Писателот кој има намера да ја развива токму таа/таква романескна стратегија, априорно лизгава, мора да е ем многу опитен ем драматолошки/наратолошки супершеретски. Затоа што, нели, адутите мора да ги подредува/елаборира така што на читателот ќе му овозможи трикот да го насети некаде во првата третина на текстот. За да го препознае откако ќе ја совлада првата половина и целосно да го „освести“ дури некаде на последните страници. Кога книгата ќе ја затвори со чувството дека таканаречените „паралелни наративи/приказни“ – кои ја структурираат нејзината таканаречена „содржина“ – во основа се многу-и-многу „поподмолни“ отколку што се гледа на прв поглед. И дека, дури, на некој нејасен начин, тие успеваат да го засегнат. „Поподмолно“ отколку што мислел.

За да ги потврдам овие (работни) хипотези, треба најпрвин да подредам некои елементарни библиографски и ини факти.

Романот Домашни задачи Оливера Николова го пишува (најверојатно) помеѓу летото/есента 1984 година и (претпоставувам) есента/зимата 1988 година; книгата номинално излегува пред скопскиот Саем на книгата (пролетта 1989); минуциозната структура/фактура (романескниот материјал од кој е составена нејзината „приказна“) сугерира дека текстот е пишуван и допишуван долго, ептен внимателно. Си дозволувам да тврдам оти темелно го познавам интегралниот опус на авторката и – затоа, еве – се осмелувам да проценам дека Домашни задачи се (можеби) нејзината занаетчиски „најпедантна“ проза, најдолго пишувана (четири-пет години) и, последователно, „исткаена“ и „испеглана“ до перфекција. Знаејќи го (до некаде) спацио-темпоралниот контекст во кој тие „ткаења“ и „пеглања“ постапно се испишувале врз финалните им 180-тина страници, претенциозно заклучувам дека авторката внимавала на секоја „ситница“. Бездруго поучена/мотивирана од опитот стекнат по објавувањето на својот прв недетски роман Тесна врата, објавен во летото 1983 година, во издание на тогаш доминантната („елитна“) скопска „Мисла“, обемен (358 страници!) и (тоа време) неочекувано провокативен:

Дигресија, неопходна: романотТесна врата е „апартна“, компликувана, „мрачна“, ама ептен вешто водена приказна со неколку клучни протагонисти, многу текст и еден-два солидно профилирани лика; намерно е „оптоварен“ со тежок поттекст и нетипична/„лизгава“ тема (верски заедници/секти, среде безбожниот самоуправен социјализам речиси сатанизирани!); пишуван е со намера да го искаже/потврди неоспорниот скрипторски ангажман на авторката... Болдираниот термин ангажман, тоа време, ја подразбираше и соодветната „тежина“ на книжевниот текст „како таков“. Ама и јасен/„чист“ идеолошки предзнак со кој Оливера Николова решила да полемизира.

Романот Тесна врата е спакуван во тешка кафеава корица, тврд повез... Посериозно – здравје. Го препрочитав, одново, пред две-три недели и сосема ја разбирам тогашната, ајде да речеме, стратегија на авторката: одбир на „лизгавата“ тема со која (по дваесет-и-кусур години!) најпосле би морала (смеела?) да биде „припуштена“ во тогашниот круг (секта!) на „вистински писатели“. Тоа време, кругот сè уште е релативно тесен (колку и онаа врата од нејзиниот прв недетски роман!), полн со мажишта „од кариера“, која од која полукративна, не нужно/само писателска. На шега ќе го дефинирам како Клуб на хероите на „машко писмо“ во кое, се разбира, не верувам: писмо си е писмо, или го бидува или не го бидува!

*

Назад кон меритумот: романот Домашни задачи и посочената временска маркација 1984-1988, релевантна/незаобиколна поради две специфични причини:

Првата причина: Автентичниот настан – работнички штрајк од 1984 година – по етиологија македонски, кој во романескната текстура на Оливера Николова функционира не само како „иницијална каписла“ за таканаречената приказна (го иницира, го развива и го поентира романескното дејство) туку и како нејзината цврста референцијална рамка. Или, согласно со стандардите на книжевната теорија, како faction кој, благодарение на вештината на писателката, во романот супериорно се транспонира во fiction. Проверка: гуглање на тема „Штрајкови во СФРЈ“. Оutcome: купишта достапни информации и коментари за цели сурии бившојугословенски работнички штрајкови. Наградно прашање: дали знаевте дека првите работнички штрајкови на југословенските комунисти им се случиле веќе во 1945 година (каменолом на островот Брач, плус неколку големи пристаништа во Хрватска)?! И дека, потоа, „инцидентите“ од таков и сличен вид им се нижеле континуирано, наспроти целиот лажен сјај за „социјализмот со човечка лика“? Мојава генерација ги памети тие штрајкови, некои од подоцнежните, кои главно траеле по неколку дена и завршувале, претпоставувам, со некакви полусреќни/килави спогодби.

За разлика од сите нив, македонскиот работнички штрајк од 1984 година останал забележен како: а) „најдолгиот штрајк во историјата на Југославија“ – траел цели 82 дена, но и б) штрајк кој завршил со „чиста“ победа на штрајкувачите. Кои не штрајкувале заради своите плати или работните услови, туку за правото нивната мала и успешна фирма „Иднина“ да не стане дел од локалниот мегакомбинат. Некојси странец [извесниот Џек Ловингер (Jack Lowinger)], „случаен минувач“ кој отпослежно ги истражувал феномените на југословенскиот социјализам, во својата докторска дисертација (пишувана во 2009 година, 25 години подоцна!) заклучил дека, за разлика од речиси сите бившојугословенски штрајкови, токму овој, македонскиот, завршил со среќен крај: демек, победниците биле токму штрајкувачите, „понижените и навредените“ (би рекол Островски), кои – нели – решително се кренале да ги бранат сопствените права. И во таа нерамноправна 82-дневна борба успеале да го победат навидум непобедливиот Голијат – во стварноста: гигантскиот рударско-индустриски комбинат кој очебијно имал сериозни намери/причини да им ја голтне нивната малечка „Иднина“. Цитираниот Ловингер, се разбира, не можел да го сфати она што совршено добро го разбирала и го напишала Оливера Николова: дека номиналната работничка победа од 1984 година – во стварноста сосема темпорална, кратковечна и горчлива – однапред била таксана како Пирова.

Втората причина: За разлика од споменатиот (Ловингер), но и од другите хроничари и статистичари кои македонскиот работнички штрајк од 1984 година го евидентирале и отпослежно го коментирале како успешен/победнички, авторката на романот Домашни задачи настаните ги следела/анализирала не само во живо (дури и ин ситу, во самиот град Кратово!) туку и со голем интерес и уште поголемо разбирање. Знаејќи – о, колку добро! – и зошто се случуваат тие, ама и како ќе бидат поентирани/ефектуирани. Автентичните писатели секогаш читаат помеѓу редовите, умеат да ги декодираат навидум „невидливите“ причинско-последични релации и интуитивно ги препознаваат оние загадочни сигнали кои „бликнуваат“ од таканаречениот поттекст! Романот Домашни задачи е „составуван“ токму од тој и таков материјал. Формално невидлив! Како и секој fiction!

Фактот дека е пишуван долго – четири-пет години (1984-1988), очигледно и со прекини, што е нетипично за нејзиниот работен ритам! – како да го потскажува заклучокот дека романот Домашни задачи на Оливера Николова ù беше, ајде да речеме, особено важен. Не само за да го „одбрани“ своето легитимно место во наддетскиот стратум на македонската литература туку и за да ги потврди (најпосле: да ги наметне!) високите стандарди на сопствената поетика, валерите на сопственото книжевно писмо. Не (само) женско (?) туку – писмо како такво!

Дури кон крајот на 1988 година, по долгото пишување, допишување и предопишување на напишаното, Оливера Николова најназад ја затвора/заклучува уште едната своја „активистичка“ романескна авантура „за возрасните“, овој пат дури и пожестока/подиректна од онаа со дебитантската ù книга Тесна врата. И својот нов (новоангажиран) роман Домашни задачи му го доверува на уредникот на тогашната „Македонска книга“, уште една респективна и моќна издавачка куќа, година-две подоцна темелно исприватизирана и потоморена, согласно со извежбаните стратегии на тогаш трендовскиот постсоцијалистички казино капитализам. Споменатиот уредник ја бендисува актуелната тема, провокативна и жешка, ù комплиментира на авторката, ветува дека книгата ќе биде објавена бргу, ептен е ентузијастичен по однос на проектот...

Авторката памети дека првите примероци ги имала добиено пред пролетниот Саем на книгата, кој, тие години, сè уште се случуваше во две-три хали на некогашниот Скопскиот саем. Поголем и репрезентативен градежен комплекс, во меѓувреме урнат/потоморен за местото да му го отстапи на тазе промовираниот трендовски мегакомплекс со горделиво име „Ист гејт“.

На примерокот што го имам дома пишува дека романот Домашни задачи е објавен во 1989 година, во издание на „Македонска книга“ (187 страници, мек повез, сива корица со некоја скромна шареникава графика...).

Авторката, неодамна, ми ја прераскажа „поттекстуалната“ верзија на неговата книжевна/јавна судбина. Имено, романот не можел да биде претставен/промовиран на оној Саем на книгата во 1989 година, бидејќи пакетите со речиси сите примероци (освен тие првите, авторските) необјасниво се затуриле... Некаде помеѓу печатницата и книжарниците/депоата на тогаш респективниот издавач „Македонска книга“...

Оној ист уредник, ептен ентузијастичен по однос на проектот, никако не успеал да им влезе во трага, како земјата да ги голтнала... Што, се разбира, немало ама никаква врска со „криптопротагонистите“ на романескната приказна – тоа време ептен моќен (кратовски) комбинат и неговите идни сопственици, капиталисти во жесток подем. Триж помалку можело да има врска со судбината на онаа мала и успешна (кратовска) фирма „Иднина“, која (четири-пет години пред тоа) цели 82 дена штрајкувала за да не стане дел од посочениот мегакомбинат. Ама, во меѓувреме ја снемало. Доколку решите да прогуглате, лесно ќе дознаете дека споменатиот комбинат бил основан уште во 1954 година, дека перманентно се развивал, дека постои и денес, дека е во приватна сопственост и дека му оди исклучително добро: во мигот, сопственичкото портфол ио му е составено од дури 21 поединечна фирма. Голијат.

*

Меритумот на романот Домашни задачи (сижето): навидум линеарна и лесно читлива приказна, сјајно напишана, тензична (драмски напната) речиси од почеток до крај, во најголем дел развивана преку неколку доминантни и добро профилирани ликови, машки и женски, сите позиционирани („затекнати“/„фатени“) во некојси мал град. Во кој доминира (во секоја смисла) некојси голем самоуправносоцијалистички рударски комбинат, моќен. Некрунисаниот суверен на тоа-нешто-моќно е некојси недопирлив (и невидлив) локален генерал-губернатор. Феудалец со комунистичко педигре и со неограничени овластувања кои, се разбира, ги „покриваат“ и самиот град и околијата/губернијата. Дури и државата.

Прва дигресија: Романот Домашни задачи почнува како и секоја добро спакувана драма или проза: откако клучниот настан – во случајот штрајк – веќе трае, извесно време. Доволно долго за да стане (полу)јасно дека протагонистите (дури и антагонистите) се соочуваат со сопствената немоќ која, според Аристотел, не може да заврши поинаку освен со општата „макљажа“[1]. Бизарноста/парадоксалноста на романескниот наратив е токму фактот дека 82-дневната побуна на протагонистите – штрајкувачите – номинално била победничка: малата „Иднина“ сепак опстанала. И останала самостојна. Ама, за тоа ја платила најгорчливата и највисоката можна цена: поединечна и колективна. Рекапитуларот – горчливата привилегија за тие кои ќе умеат да се соочат со катарзата и, потоа, таа иста катарза да ја преживеат/надминат – неизбежно е циничен: Чуму бунтовници во скудните времиња?!

Втора дигресија: Поводот („иницијалната каписла“) за романот на Оливера Николова во основа е литераризација (fiction) на еден брутално вистинит настан (faction), тоа време ептен драстичен и, сè уште, политички сосема „неприфатлив“, „неодбранлив“ во самоуправниот поранешнојугословенски социјализам „со човечка лика“. Речиси е за неверување (или, можеби и не е?) дека тој најдолг работнички штрајк – „антидржавен“ и „антикапиталистички“ – се случил токму во социјалистичка Македонија, најјужната и најтажната братска република. И дека во него, замислете, победиле токму самоуправувачите. (Намерно ја користам политичката фразеологија од тоа време, бидејќи е ептен стилоиндикативна, поетички и семантички!) Победиле ли, навистина? Зарем, воопшто, можеле да победат?

Романот Домашни задачи брутално ни потскажува дека целата тримесечна „макљажа“ на наивните поранешнојугословенски самоуправувачи беше некој вид политикантско-квазидемократски перформанс. Токму затоа, неговиот „централен топос“ (штрајк) авторката го третира (само) како рамковна романескна граѓа, несомнено потентна, преку која – доколку соодветно ја литераризира – ќе може, меѓу другото, да го п(р)окаже и она што тогашните македонски прозаисти не го правеле баш секој ден и во секоја книга: дека смислата на „вистинскиот“ роман не е прераскажувачка („документаристичка“), туку е „создавачка“, односно креативна. Литературата, ако ја бидува, не раскажува, не „пресликува“, не „сведочи“... Туку создава светови кои пред тоа ги немало. Никаде и никогаш. Светови од зборови, алузии, насет, ветувања, стравови, грижи, сонови. Светови загадочни, шифрирани, заверени со седум печати. „Очудени“, би рекол Виктор Шкловски (1893-1984), еден од најлуцидните книжевни теоретичари по Аристотел!

Дури и кога е навидум едноставна, испишана во чисти и кратки реченици, литературата – ако навистина ја бидува – неизбежно е и заколнато загадочна. Таинствена. Очудена. Особено литературата на авторката за која зборуваме.

Како знам? О, знам со сигурност! Не само затоа што темелно сум ја читала Оливера Николова туку и затоа што сум ја преведувала на друг јазик. Преведувачкото читање е најдобро, најточно и, се разбира, најтешко, дури и најнеизвесно читање на сите времиња. Затоа што не ги чита/преведува само зборовите и синтагмите, речениците и пасусите, туку задолжително мора да ги чита и имагинативно да ги преведува и сите криптограмски траги, сето она што авторот го испозапишал помеѓу редовите, со невидливото мастило...

*

Најнакрај:

Од денешнава дистанца, речиси 35-годишна, заклучувам дека овој свој роман авторката секогаш го сметала за важен: не за корпусот кој научно го нарекуваме македонска литература,туку важен за неа лично. Верувам дека, токму затоа, решила не само да го вклучи во десеттомното издание на своите избрани дела (ах, пустиот авторски vademecum!) туку и да го преработи/преформатира, децентно ама битно. За да му го смени и насловот: ироничната алузија од првото издание (Домашни задачи) сега е пренасловена во горчливата евокација на битката која, впрочем, однапред беше загубена (Збогум, Вано Ванке).Не познавам многу автори, особено од нејзината „достоинствена генерација“, кои на ваквиот rewriting би се решиле тукутака. Ама, таа никогаш не била како другите, многумина.

Споредувајќи ja оваа втора верзија со онаа од пред 35 години, заклучувам дека авторката не интервенирала во таканаречената основна наративна линија, ама дека почувствувала оти би требало малку да ги поднагласи и/или акцелерира некои места. И го направила тоа, шармантно и ептен ефикасно, со едноставни технички интервенции: некои места во текстот, во принцип дескриптивни (секогаш кратки), просто ги болдирала – како да се дидаскалии во драмската партитура! Мајсторлак за мерак! Теоретичарите од прочуената руска формалистичка школа, редум капиталци од кои учам цел живот, уште пред стотина-и-кусур години покажале/докажале дека најсуштествениот и „најуметнички“ елемент на книжевниот текст не е неговата „приказна“, туку начинот на кој таа приказна е направена. Приказната може да биде каква сакаш, дури и најтривијална во вселената. Финтата е само во постапката која треба да ја „составува“: или те бидува, па пишуваш книжевно уметничко дело; или не те бидува, здравје, прави нешто друго!

Насловот на капиталната книга на веќеспоменатиот Виктор Шкловски – Изкуството като прийом–преведен на македонски (и на кој било јазик), гласи: „Уметноста како постапка“.Дека уметноста е, навистина, постапка (а не „приказна“, „досетка“, „инспирација“ и штотизнам...), тоа го знае, го разбира и го практикува секој „автентичен“ писател. И го „спроведува“ – интуитивно.

Како и Оливера Николова, не само во втората верзија на својот роман Домашни задачи/Збогум, Вано Ванке.


[1] Хрватски збор со значење на тепачка, калакурница, општ метеж

„Збогум, Вано, Ванке“ со поговор од Јелена Лужина е дел од едицијата со десет тома со 12 реобјавени книги од творештвото за возрасни на Оливера Николова, во издание на „Арс Ламина“.

Книгата „Збогум, Вано, Ванке“, која е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн преку https://www.literatura.mk.

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14898

Остави коментар

Во моментов нема коментари
array(0) {
}
Memory Consumption is: 7.86 MB