Промоции

Промовиран првиот сеопфатен учебник по детска стоматологија на македонски јазик – Детска стоматологија

13.09.2022.
Промовиран првиот сеопфатен учебник по детска стоматологија на македонски јазик – Детска стоматологија
Во присуство на многубројни гости од областа на образованието и стоматологијата, денеска (13 септември), во амфитеатарот на Стоматолошки факултет во Скопје беше промовиран првиот сеопфатен учебник по детска стоматологија кај нас – Детска стоматологија. Книгата, која ја напишаа група автори, е во издание на „Арс Ламина – публикации“.
Кон книгата се осврнаа проф. д-р Ќиро Ивановски (декан на Стоматолошкиот факултет), проф. д-р Елизабета Ѓоргиевска (уредничката и една од авторите на книгата) и Бранка Бугариска (директорка на издаваштво во „Арс Ламина“), а видеообраќање имаше и проф. д-р Џон Николсон (еден од авторите).
Покрај Ѓоргиевска и Николсон, автори на содржината се реномирани професори и стручни лица од областа на детската стоматологија: Марија Стевановиќ, Мира Јанкуловска, Ана Сотировска-Ивковска, Златко Георгиев, Дејан Марковиќ, Александар Димков, Мери Павлевска, Алберто Бенедети, Драгана Габриќ, Марко Вулетиќ, Бернард Јанковиќ, Ефка Жабокова-Билбилова, Тамара Периќ, Бојан Петровиќ, Весна Амбаркова, Олга Кокочева-Ивановска и Јасна Симоноска.

– Ми преставува голема чест што денеска го промовираме првиот учебник на македонски јазик, кој ја опфаќа целата материја што се изучува во научната област – детска стоматологија. Во изработката на овој проект по првпат во историјата на овој факултет учествуваат сите членови на Катедрата за детска стоматологија. Тоа се мои почитувани колеги кои многу години се вклучени во наставната дејност на Стоматолошкиот факултет, спроведуваат научно-истражувачка работа, секојдневно се занимаваат со проблематиката на детската стоматологија, лекувајќи ги нашите најмлади пациенти во ординација. Целото нивно искуство стекнато со години го пренесоа на страниците на овој учебник. Тука се собрани сите нивни сознанија од научните истражувања и работата со пациенти. Дополнителен квалитет и специфична тежина на овој учебник му дава и тоа што во пишувањето на учебникот беа вклучени и еминентни имиња од различни области на стоматологијата од реномирани универзитети – високорангирани на Шангајската листа. Станува збор за нашите почитувани колеги од универзитетите во Белград, Нови Сад, Загреб и Лондон – изјави деканот на Стоматолошкиот факултет, проф. д-р Ќиро Ивановски.

Проф. д-р Ѓоргиевска истакна дека книгата е сублимат на долгогодишна работа и искуство во работа со децата во стоматолошка ординација, но и пресек на најсвежите сознанија во научната мисла од оваа област.

– Како уредник на оваа книга, која е првиот сеопфатен учебник по детска стоматологија кај нас, би сакала прво да се заблагодарам на моите колеги од Катедрата за детска и превентивна стоматологија, кои безрезервно и без двоумење се согласија да бидат дел од овој проект и кои вложија максимални напори книгата да изгледа во согласност со најновите сознанија во детската стоматологија. Особено сум благодарна на нашите ценети колеги од Велика Британија, Србија и Хрватска, кои несебично ја прифатија поканата да учествуваат во пишувањето на учебникот, а со тоа да дадат сопствен печат и да го збогатат ова прво издание. Голема благодарност до рецензентите проф. д-р Снежана Иљовска, проф. д-р Миле Царчев и проф. д-р Ќиро Ивановски, за вложениот труд во разгледувањето на ракописот и корисните забелешки со цел подобрување на конечниот изглед на книгата. Благодарност и до издавачката куќа „Арс Ламина“, која ја препозна потребата од издавањето на ваков учебник и макотрпно и минуциозно учествуваа во секој чекор од неговата изработка – рече таа.

Оваа книга е наменета, пред сè, за студентите по дентална медицина, но и за специјалистите по детска и превентивна стоматологија и сите што сакаат да ги прошират знаењата во областа на детската стоматологија.

– Конечно, студентите, постдипломците, стручните стоматолошки сестри и техничари, сите идни стоматолози и специјалисти од повеќе области на детската стоматологија од нашата земја на едно место можат да ги најдат сите релевантни податоци и најновите научни сознанија. Овој учебник на стручен, но истовремено и многу разбирлив начин ги надградува знаењата од детската стоматологија. Се надевам дека книгата ќе најде примена и кај сите стоматолози, кои сакаат да ги дополнат и да ги освежат знаењата од областа на детската стоматологија... Беше привилегија да се соработува со Стоматолошкиот факултет и со ценетите професори и експерти и да се уредат нивните научни сознанија во ова сеопфатно издание, богато со податоци. Со оваа книга се збогатува не само понудата на литература по стоматологија кај нас туку и воопшто – домашната научно-образовна издавачка дејност. „Арс Ламина“ продолжува со неуморното инвестирање во домашната книжевна сцена со објавување на стручни и образовни изданија што го поддржуваат и го збогатуваат едукативниот процес. Со овие книги се образуваат и се надградуваат повеќе генерации доктори, специјалисти и научници од повеќе области – се вели во обраќањето на Бранка Бугариска, главна уредничка во „Арс Ламина“.

Содржината на овој учебник е систематизирана во 37 поглавја, кои се приказ на клучните проблематики со кои се занимава детската стоматологија, почнувајќи од растот и развојот на орофацијалната регија и одонтогенезата; приемот, прегледот и контролата на болката кај педијатрискиот пациент во стоматолошката ординација; преку неправилностите во развитокот на забите, денталниот кариес и заболувањата на пулпата и пародонталните ткива кај млечните, младите трајни и трајните заби и нивна терапија. Разработени се современите материјали што се користат во детската стоматологија, со посебен осврт на естетиката во детската возраст и употребата на ласерите во детската стоматологија. Посебно се опишани заболувањата на меките ткива во оралната празнина кај децата, оралните манифестации на инфективни и системски заболувања. Значајно место е посветено на повредите на забите кај деца (фрактурите и повредите на потпорните ткива) и нивните компликации. Даден е осврт на орално-хируршката проблематика кај деца, како и дентогените инфекции, примената на антибиотици, туморите и цистите, но и ургентните состојби. На крајот, даден е преглед на можностите за изработка на протетски надоместоци во млечната и трајната дентиција и опциите за користење на интерцептивната ортодонција.

Книгата е достапна во книжарниците на „Литература.мк“ и онлајн преку www.literatura.mk.

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

array(0) {
}
Memory Consumption is: 7.56 MB