Промоции

Промоција на последното дело од Петре Бакевски – поемата Нова Атлантида

18.11.2022.
<strong>Промоција на последното дело од Петре Бакевски – поемата Нова Атлантида</strong>

Последното дело од истакнатиот македонски писател Петре Бакевски, „Нова Атлантида“, што е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, ќе биде промовирано на 23 ноември (среда), во 19 часот, во Галеријата на Младинскиот културен центар во Скопје. Промотори на книгата ќе бидат етаблираната критичарка, есеистка и театролог Јелена Лужина, познатиот новинар и колумнист Ерол Ризаов и Татјана Димовска-Атанасова, уредничка во „Арс Ламина“. Модераторка на настанот ќе биде Ана Зафирова.

Станува збор за последната книга на којашто Бакевски работел пред својата смрт во 2011 година. Изданието е сочинето од три пеења: „Бротче од хартија“, „Ecce homo“ и „Јазол од ветрови“. Првиот дел (верзија), првично објавен во 2008 година, е добитник на наградата за најдобра поема „Григор Прличев“. Авторот подоцна се посветил на создавање на другите два последователни дела, кои се заокружени во една целина под насловот „Нова Атлантида“. По првпат, ексклузивно од печат излегува комплетираното дело со сите три пеења. Уредник е Томе Силјаноски, а поговорот го напиша Лужина.

Книгата е дел од едицијата „Македонски книжевни класици“, во рамките на која издавачката куќа „Арс Ламина“ досега го (ре)објави дел од творештвото на книжевните великани: Петре М. Андреевски, Гане Тодоровски, Димитар Солев, Живко Чинго, Ѓорѓи Абаџиев, Влада Урошевиќ, Блаже Конески и Оливера Николова.

„Нова Атлантида“, како што има кажано Петре Бакевски, е сублимат на целото негово поетско, книжевно и животно искуство. Во неа се сите негови возвишувања и паѓања, сите негови соништа и изгубени илузии.

„Атлантида е метафора за исчезнувањето. Таа има двојно значење, и лично и општо. Животот на човекот се одвива во биолошки круг. Само времето постојано трае, се продолжува, се обновува, се пресоздава, ги пласти драмите, селективно и двоумно ги памети сеќавањата, предупредува и повторно се става на искушенија. И на нови предизвици. На нови потраги. На нови откровенија“, рекол Бакевски.

Петре Бакевски (Кавадарци, 5 јануари 1947 – Скопје, 25 август 2011) е еден од најзначајните македонски писатели, интелектуалци и книжевници. Беше долгогодишен главен уредник на книгоиздателството „Детска радост“. Добитник е на низа награди и признанија во македонската културна сфера и пошироко.

Неговата книжевна биографија ги вклучува буквално сите родови и жанрови: поетски (во распон од лирски песни до поеми, епски, најчесто испишани во слободен стих), прозни (во распон од раскази и романи, до книжевни и театарски критики, есеи, репортажи, коментари, полемики), драми (секакви, во проза и во стих).

Книгата „Нова Атлантида“ е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“, како и онлајн на следниот линк:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14913

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

array(0) {
}
Memory Consumption is: 7.51 MB