Култура

Го одбележуваме Светскиот ден на театарот со книгите Театарот и актерите од сосема друг агол и Да се почне одново

27.03.2023.
Го одбележуваме Светскиот ден на театарот со книгите Театарот и актерите од сосема друг агол и Да се почне одново

На 27 март, на иницијатива на Интернационалниот театарски институт – ИТИ на УНЕСКО, во глобални рамки се прославува Светскиот ден на театарот. Одбележувањето на овој ден е иницирано на 9. Светски конгрес на ИТИ на УНЕСКО во јуни 1961 година, а од следната година тој почнал да се слави на 27 март – датумот кога е отворена сезоната на „Театарот на нациите“ во Париз. Светскиот ден на театарот денес на различни начини се одбележува од речиси сто национални центри на Интернационалниот театарски институт, кој е основан во 1948 година од УНЕСКО и е најважната меѓународна невладина организација во областа на изведувачките уметности. Секоја година има интернационалната порака, која се преведува на повеќе од 20 јазици и им се чита на гледачите пред претставите во театрите низ светот. Автор на првата меѓународна порака во 1962 година бил францускиот писател, сликар и режисер Жан Кокто.

Од 1997 година, Македонскиот ИТИ центар го одбележува Светскиот ден на театарот и со македонска порака. Традиционално, пред почетокот на претставите се читаат пораките – националната и светската порака, напишани од актери, драмски автори, режисери или продуценти.

На овој ден, покрај тоа што се играат претстави, се одржуваат и предавања, како и мултимедијални настани со музика, танц, сликарство и проектирање видеа. Исто така, се публикуваат и стручни книги, монографии и литература инспирирана од оваа уметност.

Во чест на Светскиот ден на театарот со книгите, потсетуваме на две значајни книги, во издание на „Арс Ламина“. Станува збор за „Театарот и актерите од сосема друг агол“ од Нада Поп-Јорданова и „Да се почне одново“ од Драган Клаиќ.

„Театарот и актерите од сосема друг агол“ од Нада Поп-Јорданова

Книгата „Театарот и актерите од сосема друг агол“ од академик Нада Поп-Јорданова е посветена на психофизиолошките аспекти на театарската уметност и на актерите. Главното прашање на кое се бара одговор во ова истражување е: што е тоа што ги мотивира луѓето да се занимаваат со театар и да стануваат актери? Дали по своите психолошки карактеристики актерите се разликуваат од другите (обичните) луѓе? Дали успешните актери се поинакви од оние просечните? Што било неопходно тие да се развијат како познати и добри актери? Како и дали актерите ги потиснуваат сопствените психолошки карактеристики за да ја одиграат улогата успешно во која се нагласени сосема други карактеристики на ликот? Од што зависи трансформацијата на актерот во ликот кој го игра и како настанува враќањето во реалниот живот. Оваа од многу аспекти извонредна книга, одговорот на ова прашање го бара на вистинското место: во невронауката. Едно од ретките вакви дела на македонски јазик, тоа е неизоставно четиво за секој со макар и површен интерес за заднинските процеси што ја диктираат не само актерската уметност туку и човековото комплексно секојдневие.

Дискутирани се резултати од објавени научни студии посветени на психолошките карактеристики на актерите, мозочните региони што се активираат при играње или гледање претстава, за личноста воопшто и особено за таа на актерите (емоционалноста, нарцизмот, емпатијата). Посебен придонес на книгата претставуваат истражувања направени во нашата земја: едното за културните и психолошките процеси во актерската креација на ликот и второто за профилите на личност кај македонските актери. Со оглед на тоа што ваков психофизиолошки и невронаучен пристап кон театарската уметност и личноста на актерите нема во нашава земја, овој труд е еден оригинален придонес во областа.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн преку: https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14795

„Да се почне одново“ од Драган Клаиќ

„Да се почне одново – промена на системот: државните театри меѓу пазарот и демократијата“ не е книга за преживување на театарот во период на економска рецесија – макар што сенките на кризата постојано се надвиваат во поглавјата што следуваат – туку е книга за самиот поим институционален театар, некомерцијален и, оттука, субвенциониран; за неговите препознатливи доблести, вредности и за придобивките што ги носи тој. Вака пишува реномираниот театролог и културен критичар Драган Клаиќ во својата луцидна, аргументирана и елоквентна полемика за одбрана на доблестите на институционалниот театар.

Под притисок на економијата, глобализацијата и културната индустрија, институционалниот театар сè повеќе личи на неговиот двојник, комерцијалниот театар, и некритички го прифаќа неговиот модел. Од друга страна, и покрај субвенциите што ги добива, тој не може да го пронајде моделот што ќе му овозможи правилно да функционира и да го прави тоа што го знае најдобро: да експериментира, истражува и критикува. Веднаш се наметнува прашањето што да се прави? Книгата „Да се почне одново “на Драган Клаиќ дава многу конкретни одговори на ова прашање и вешто се движи помеѓу минатото и сегашноста, идеалите и стварноста, уметноста и економијата, културата и културната политика – и се наметнува како задолжително четиво за сите оние што се интересираат за судбината на театарот во XXI век и се активни чинители во создавањето на неговата иднина.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн преку:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14449

Остави коментар

Во моментов нема коментари
array(0) {
}
Memory Consumption is: 5.53 MB