#Bookstagram

#bookstagram интервју со @vo.svetot.na.knigite

23.03.2023.
#bookstagram интервју со @vo.svetot.na.knigite

Во денешното интервју решивме да разговараме со Сузана Стојанова, која редовно го исполнува инстаграм-просторот преку својот профил @vo.svetot.na.knigite со содржина што сите вљубеници во книгите навистина ја ценат.

На почетокот, таа ни откри дека инспирацијата да почне свој #bookstagram профил ѝ била желбата да ги спои своите две омилени работи: читањето (книгите) и патувањето, се разбира во зависност од можностите. На едно нејзино патување, како по обичај, носела многу книги за навечер да си прочита нешто и се родила идејата да ги спои двете работи што ги сакала во фотографија што ќе остане како спомен. Со тоа си ја исполнила својата замисла што одамна ја размислувала – како и на кој начин да го сподели прочитаното со повеќе љубители на пишаниот збор, да ги направи преубавите книги уште попримамливи за читателите и за да привлече некои што помалку читаат. Сето тоа се случило во 2018 година, поточно на 15 април @vo.svetot.na.knigite ќе го слави петтиот роденден. Оттогаш, тој е составен дел од нејзиниот живот што го работи со љубов.

Девиза по која го води својот профил: Убави книги заслужуваат убави фотографии.

Во продолжение прочитајте го целото интервју:

Постои ли некоја посебна личност што Ви ја всади љубовта за книгите?

Не, не постои. Некако, едноставно, мислам дека сум се родила со љубов кон книгата. Уште од детска возраст, кога сите играа со кукли, детски игри, јас повеќе преферирав да се дружам со пишаниот збор. Списанија, лектири, книги, сè што содржи пишан збор, мене ми беше интересно. Буквално секој ден ја посетував библиотеката, шетав покрај полиците во детскиот оддел, барајќи книга што не сум ја прочитала. Затоа сметам дека посебна личност што ми ја всади љубовта кон книгата не постои. Напротив, се гледам како посебна личност што на многумина им ја всадив љубовта кон книгите. :)

Како одлучувате кој предлог од #Bookstagram е релевантен да го прифатите, а кој не?

Секоја прочитана книга за мене е релевантен избор за #Bookstagram. За мене нема лоша книга. Јас сум на мислење дека многу важен фактор е моментот за каков жанр си расположен да читаш. Штом ја прочитам книгата, веднаш сакам да ја презентирам, да дискутирам за таа книга, бидејќи многу често не наидувам на луѓе кои би сакале да дискутираат за книги и, ете, се роди идејата да го искажам сето тоа во мене на тој начин.

Која е книгата што би ја препорачале некому без воопшто да се колебате?

Ги има повеќе, но ајде, ако е една, би ја препорачала „Никаде без ќерка ми“. Ме трогна бескрајната мајчинска љубов, автентична приказна за љубовта, личната драма, траумите, понижувањата...

Дали сте запознале некој светски познат автор?

Да, на Саемот на книгата одржан во Скопје се запознав со Томас Енгер.

Имате ли книги во домашната библиотека што никогаш не сте ги прочитале?

Па, мојата библиотека е обемна, така што постојано имам книги што сè уште не сум ги прочитала.

Сакате да читате во тишина или не Ви пречи џагор додека читате?

Повеќе би сакала да читам во тишина. Џагорот ми пречи и ми го свртува вниманието. Исто така, книги и музика – не, некако не ми оди мешање на две уметности. Кога читам книга сакам да уживам во дејството, да навлезам дури и во скриените мисли на авторот.

 Повеќе би сакале да бидете карактер од некоја фантазија или од романса?

Најмногу би сакала да бидам детектив, инспектор од крими-серијалите. Уште кога ја читам книгата многупати забележувам дека се ставам во нивна улога и пробувам да решам некоја ситуација. Понекогаш размислувам ако сум јас авторот дали исто би го решила случајот – некогаш сум успешен инспектор, а некогаш не. :)

Дали би прочитале книга ако ви се допадне корицата без да прочитате ниедна рецензија за неа?

Да, многу често читам книги без да прочитам рецензија. Понекогаш ме привлекува и корицата – ќе погледнам некоја добра корица и таа ме поведува да добијам желба да навлезам во приказната. Впрочем, зар бајките не беа тие со своите шарени корици и насликани страници што нè привлекуваа да ги прелистаме, иако не знаевме да читаме? Тие ни го трасираа патот кон книгата и сите убавини што ни ги дава таа.

Кога би можеле да читате само еден жанр до крајот на животот, што би избрале?

Некако, дојдов до заклучок дека, со текот на времето, потребите се менуваат. Во тинејџерските години читав повеќе романси, потоа трилери, особено психолошки, а сега и по некоја драма. Сепак, ако немам избор и морам да се одлучам за еден жанр, би избрала трилери.

Кои се топ 5 книги на сите времиња за Вас?

  • „Никаде без ќерка ми“
  • „Пустински цвет“
  • „Заборавете дека сте имале ќерка“
  • „Ана Каренина“
  • „Невидливиот живот на Ади Лару“

Дополнително прашање: Омилена жена автор и омилен цитат поврзан со жената.

Милица Јаковлевиќ – Мир Јам, позната како српската Џејн Остин.

Цитат:

„Ќе го убијат човекот во тебе, па се чудат кога ќе станеш ѕвер“.

„И го сакам дождот. Тој никогаш не открива дека на моето лице всушност има солзи, а не капки дожд“.

Дополнително прашање 2: Дали постои уште нешто што сакавте да ве прашаме, а не го сторивме тоа?

Да. Знаеме дека многу филмови произлегуваат од некоја книга па прашањето би било: Што повеќе преферирам, дали книга или филм? Би одговорила книга, книга, секогаш книга. Кога читам книга, сама си правам филм. Имам некоја визија за ликовите, на филм ми се има често случено да се разочарам од тоа што сум го замислила и тоа што е прикажано. А и секако, филмот е скратена верзија на книгата и многу работи во филмот се изоставуваат, додека пишаниот збор не познава граници.

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

02.
Mar.
#Bookstagram
Секој збор, секоја реченица, секоја страница е залудно напишана ако не си го пронајде патот до своите читатели. 
array(0) {
}
Memory Consumption is: 7.75 MB