Дизајн

Запознајте ги авторите на шесте книжевни дела чии корици треба да се дизајнираат на конкурсот Порта Европа

22.07.2022.
Запознајте ги авторите на шесте книжевни дела чии корици треба да се дизајнираат на конкурсот Порта Европа
Запознајте ги авторите на шесте книжевни дела чии корици треба да се дизајнираат на конкурсот Порта Европа

Шест книжевни дела од млади автори од цела Европа ќе добијат оригинални корици – преку конкурсот „Порта Европа“, што деновиве го распиша издавачката куќа „Арс Ламина – публикации“. Повикот се однесува на илустраторите и дизајнерите на возраст до 35 години, кои можат да достават предлог-дизајни на корици за книгите: „Кожата е еластична обвивка што го обвива целото тело“ од Бјорн Расмусен, „Градината од стакло“ од Татјана Цибуљак, „Приказна за духовите“ од Лаура Фројденталер, „Почитувани бубачки и други морничави приказни“ од Маша Колановиќ, „Лекција за месечарот“ на Фредерико Педреира и „Книга на жалоста (Приказната за Нилс во шумата)“ од Марија Наваро Скарангер.

Заинтересираните можат да аплицираат со едно или со повеќе решенија за корици, за еден или за повеќе од шесте понудени. Решенијата во .jpg или .png формат, заедно со кратка биографија на кандидатот, треба да бидат испратени на е-адресата publishing@arslamina.com, со назнака „Конкурс за дизајн на корици“, најдоцна до 11 септември 2022 година.

Резултатите од конкурсот ќе бидат објавени на 28 септември 2022 година. Вкупниот награден фонд за победничките решенија изнесува 39.000 денари (односно 6.500 денари за едно решение).

Прочитајте повеќе за правилата за учество на конкурсот:

https://blog.literatura.mk/2022/07/14/konkurs-za-dizajn-na-korici-porta-evropa/

Во продолжение дознајте повеќе за авторите на шесте романи чии корици треба да се дизајнираат на конкурсот „Порта Европа“:

1. Бјорн Расмусен, работен наслов „Кожата е еластична обвивка што го обвива целото тело“ (Huden er det elastiske hylster der omgiver hele legemet)

Бјорн Расмусен е роден во 1983 година и дипломира на Данската школа за драматургија во 2007 година и на Данската школа за писатели во 2011 година. Истата година ја добива книжевната награда „Монтана“ за романот „Кожата е еластична обвивка што го обвива целото тело“, се здобива со тригодишен грант за работа од данската влада во 2013 година, а следната година ја добива и наградата „Култур Борнхолмс“. Во 2016 година е награден со книжевната награда на Европската унија.

***

Петнаесетгодишниот Бјорн живее во школото за јавање во Западен Јуланд со двајцата браќа и со депресивната мајка. Бјорн се бори со својата хомосексуалност што ја чува во тајност и со деструктивните мисли, така што посегнува по себеси. Кога Бјорн се вљубува во дваесет години повозрасниот учител по јавање, се развива чудна и садомазохистичка љубовна приказна, која има далекосежни последици.

„Кожата е еластична обвивка...“ е роман за растењето на еден млад човек кој се навраќа на животот од неговото детство во рурална Данска и конкретно – на неговиот однос со многу повозрасниот учител по јавање, со кој развива приврзаност што прераснува во романтична и еротска опсесија. Секаков вид на конвенционално резиме на заплетот би било неправедно за книгата: мрачните тинејџерски години кои вклучуваат дрога и самоповредување, кризи на идентитетот, нефункционално семејство, прва голема љубов и жестоки сексуални копнежи, како и обид да се справи со сите предизвици на колку што е можно поекстремен начин. Но, исклучителниот јазик и гласот во романот го наведоа данското жири на Европската награда за литература, како и данските критичари и читатели од сите возрасти, да бидат целосно обземени од овој дебитантски роман. Идиосинкратската, а сепак сигурна проза и поезија е дива, непречена и им пркоси на сите табуа. И покрај непромисленото соочување со очајот, таа успева да го раздвижи, да го фасцинира и да го шокира читателот со својата блескава, непобитна убавина. Во својата приказна, авторот изнесува зборови и реченици од омилените писатели, без притоа да ја загрози сувереноста на приказната. „Кожата е еластична обвивка...“ е комбинација од проза, поезија, социјален реализам и автобиографија, што е без преседан во данската литература.

Линк: https://www.euprizeliterature.eu/author/bjorn-rasmussen?fbclid=IwAR2NmyU1FvWeed6RNuHW1tn-abZ0GX6gEzdl6GW4h81r7NIk37M4ESfClQI

2. Татјана Цибуљак, работен наслов „Градината од стакло“ (Grădina de sticlă)

Татјана Цибуљак е родена во 1978 година во Кишинев, Република Молдавија, и по националност е Молдавка и Романка. Студира на Факултетот за новинарство и комуникации при Државниот молдавски универзитет. Првпат го привлекува вниманието на јавноста во 1995 година, како авторка на колумната „Вистински приказни“ во дневниот весник „Флукс“. Во 1999 година му се приклучува на тимот во телевизиската куќа ПРО ТВ Кишинев како репортер, уредник и ТВ-водител, а исто така работи и за УНИЦЕФ во Молдавија. Од 2008 година живее во Париз.

Како писателка дебитира во 2014 година со збирката раскази „Модерни бајки“ од издавачката куќа „Урма Та“ во Кишинев. Во 2017 година го објавува првиот роман: „Летото кога мајка ми имаше зелени очи“ од издавачката куќа „Картиер“ и ги добива следните награди: наградата на Сојузот на писатели на Молдавија, наградата на културно-литературното списание „Опсерватор“ во Букурешт и наградата „Опсерватор лицеум“ на фестивалот ФЛИТ во Јаш, Романија. Романот е преведен на француски и на шпански јазик. „Градината од стакло“ е нејзин втор роман, за кој ја добива наградата на Европската унија во 2019 година.

***

„Градината од стакло“ е билдунгсроман за едно девојче сирак, кое ќе успее во животот. Иако главната тема имплицира ризик од мелодраматичност, авторката ја избегнува стапицата пишувајќи стилско ремек-дело. Една Русинка ја посвојува Ласточка од сиропиталиште и ја принудува да собира празни шишиња и да ги мие, во еден двор на чуда во Кишинев во осумдесеттите години на минатиот век, каде што рускиот и романскиот јазик се континуирано предизвикани од секакви животни приказни. Приказната на Ласточка содржи неколку теми: потрага по идентитет, станување жена и мајка, заедно со интензивна оркестрација на чувствителноста и огорченоста и на љубовта и омразата. На привлечен начин авторката го создава секојдневниот универзум, сцена по сцена, еден допир по друг. Девојката-жената-мајката се присетува на своето детство, на тоа колку било нереално и чудесно, како и на нејзината преобразба, распарчена од трагичното мајчинство. Романот содржи неоспорна историска, дури и политичка димензија, што ги допира темите на бесарабиско-романскиот однос и падот на комунизмот. Суптилната напнатост се контролира не само тематски туку и преку предизвици и во вокабуларот и во темите. Елиптично и страсно, творештвото на Татјана Цибуљак е за потрагата по нашето место во светот.

Линк: https://www.euprizeliterature.eu/author/tatiana-tibuleac?fbclid=IwAR3OUH2_j8mmcKC2L7lDDTaBTewZeessH7Gqm_A-B67j_fYBgS4JpO-LGYc

3. Лаура Фројденталер, работен наслов „Приказна за духовите“ (Geistergeschichte)

Лаура Фројденталер е родена во 1984 година во Салцбург. Студира германски јазик и литература, филозофија и родови студии. Живее во Виена. Нејзините раскази „Черепот на Медлин“ се објавени во 2014 година. За романот „Кралицата молчи“ ја добива книжевната награда на градот Бремен во 2018 година, а романот добива препорака за најдобро прозно дебитантско остварување од Германија на фестивалот за дебитантски романи во Шамбери во 2018 година. Следната година, Фројденталер го објавува својот втор роман, „Приказна за духовите“, за кој ја добива Европската награда за литература истата година.

***

Што ако во вашиот живот одненадеж се отвори празнина? Ова е прашањето што Лаура Фројденталер го поставува во нејзиниот втор роман „Приказна за духовите“.

Во годината кога Ана прави пауза од академскиот живот, што планира да ја искористи за да свири клавир и да пишува учебници, всушност, целосно си ја нарушува рамнотежата. Една по една ги напушта своите навики и хобија. Преку ден талка по улиците, а навечер во бележникот си запишува што забележала. Станот во кој живее заедно со Томас веќе 20 години го чувствува сè потуѓ и непријатен. И не само затоа што Томас е сè помалку присутен. Долго време се сомнева дека тој ја изневерува, а девојката – што Ана ја смета за негова љубовница – се појавува како попатен дух што шепоти. Но, се појавуваат и звуци и привиденија што Ана тешко може да ги препознае.

Линк: https://www.euprizeliterature.eu/author/laura-freudenthaler?fbclid=IwAR3HVemFIUkjiAzKoCam5-schpaAJUfy5mumZZtnJRWWWFRwbhiBpge-Boo

4. Маша Колановиќ, работен наслов „Почитувани бубачки и други морничави приказни“ (Poštovani kukci i druge jezive priče)

Маша Колановиќ е родена во 1979 година во Загреб. Работи како вонреден професор на катедрата за кроатистика на Факултетот за хуманистички и општествени науки на Универзитетот во Загреб. Дипломира и докторира на истиот факултет на катедрата за хрватски јазик и компаративна книжевност. Објавува голем број трудови за книжевноста и за популарната култура, а авторка е на романот „Барби од подрумот“ (2008) и на збирката раскази „Почитувани бубачки и други морничави приказни“ (2019), за која ја добива наградата на Европската унија. Таа е авторка и на две поетски збирки, „Пијавици за осамени“ (2001) и „Јамерика“ (2013) и на монографијата „Ударник! Бунтовник? Потрошувач...“ (2011). Уредничка е на зборниците „Компаративниот постсоцијализам: словенски искуства“ и „Културниот живот на капитализмот во Југославија: (пост)социјализмот и другиот“ (2017).

***

Расказите „Почитувани бубачки...“ раскажуваат за апсурдноста на постоењето, поврзано со безмилосниот капитализам, со протагонисти кои се обидуваат да го зачуваат своето достоинство додека претаат како бубачки, а понекогаш буквално се распукуваат. Збирката брои 12 раскази на повеќе теми. Една стара тетка на умирање, која се плаши да не биде закопана жива, одлучува да го понесе својот мобилен телефон во гробот, барајќи од нејзиното семејство да ù се јави следниот ден по погребот. Раскажувачка му чита рекламни слогани од каталогот на ИКЕА на нејзиниот сопруг на смртна постела и поранешен директор на стоковна куќа. Девојка чија мајка починала од рак на дебелото црево го отвора плакарот на мајка си за да го најде нејзиниот „дневник на трошоци“ за тоа како и што купила преку „Ибеј“, очајнички трошејќи пари за да не размислува за својата дијагноза. Еден стар татко „паѓа“ во рацете на телеоператор со кој потпишал неповолен договор и почнува да добива огромни сметки бидејќи не може да се справи со технологијата. Мало девојче ги замолува родителите да ù купат иста таква кукла каква што случајно видела во документарецот за Чернобил. Сите дванаесет раскази се приказни во кои животот и смртта се испреплетуваат со смеата, солзите во очите и грутката во грлото.

Линк: https://euprizeliterature.eu/author/masa-kolanovic?fbclid=IwAR2piqsBqsoTyqbj_Go9i-_5raq00Z7WpE79A7hJaVKXg7bEtF6AunnRa3o

5. Фредерико Педреира, работен наслов „Лекција за месечарот“ (A lição do Sonâmbulo)

Фредерико Педреира е португалски писател, роден во 1983 година. Студира во Португалија и во Велика Британија, каде што се здобива со магистерска диплома на универзитетот „Ројал Холовеј“ во Лондон. Завршува докторски студии по книжевна теорија на универзитетот во Лисабон. Педреира работи неколку професии: новинар, преведувач и книжар.

Има објавено десетина книги, вклучително шест поетски збирки, два романа, книга со кратки раскази и збирка есеи. Во 2021 година ја добива Европската награда за литература за книгата „Лекција за месечарот“. Се потпишува како преведувач на дела од Јејтс, Луиз Глик, Честертон, Орвел, Дикенс, Свифт, Велс, Харди, Банвил и Вирџинија Вулф.

***

„Лекција за месечарот“ е фикционализирана автобиографија во која авторот се враќа во своето детство, одново создавајќи го минатото врз основа на сеќавањата и на фантазиите.

Едно момче опседнато со слабеење, ги поминува своите бескрајни летни одмори во домот на неговите баба и дедо – култната „зелена куќа“ во која некогаш живееле неговиот татко и шесте чичковци, оставајќи зад себе богатство од предмети и спомени. Со својот брат, тој непрестајно гледа видеокасета од финалето на Европскиот куп во 1990 година помеѓу Милан и СЛ Бенфика додека, незабележано, семејното куче доживува епилептичен напад. Во жешките летни ноќи, момчето мечтае гледајќи во постери од осумдесеттите години на минатиот век кои рекламираат брендови на цигари и познати возачи на трки како Фитипалди и Прост. Во зелената куќа има огромна библиотека, некогаш сопственост на неговиот прадедо, кој за време на неговиот живот се зближил со познатиот португалски писател Фернандо Песоа. Напуштајќи ја својата опсесија со фудбалот, момчето се насочува на прашливите грбови од бескрајните низи книги, доведувајќи ги во прашање изборите на својот предок, кого го видел само еднаш или двапати кога бил во поодмината старост. Момчето се впушта во авантура на себеоткривање, почнувајќи од милите патувања со неговата мајка во Соединетите Американски Држави, Тунис и Бразил, и завршувајќи со конфликтен период на егзистенцијално преиспитување во задушливата соба на студентскиот дом. Момчето станува младо возрасно лице кое – опкружено со не толку здрави амбициозни студенти од целиот свет – чувствува дека не требало да ја напушти својата земја и ја мрази идејата да биде „граѓанин на светот“. Сепак, таму го чекаат нов пријател и ново семејство. Дали тоа ќе биде доволно за да го сфати своето минато и врската со неговата избрана иднина?

Линк: https://www.euprizeliterature.eu/author/frederico-pedreira

6. Марија Наваро Скарангер, работен наслов „Книга на жалоста (Приказната за Нилс во шумата)“ [Bok om sorg (Fortellingen om Nils i skogen)]

Марија Наваро Скарангер е родена во 1994 година во Осло, каде што и живее. Студира на Академијата за креативно пишување во Хордалан и компаративна книжевност на Универзитетот во Осло. Како авторка на две книги, Скарангер покажува импресивна прецизност во начинот на кој со голема оригиналност ги изнесува важните теми. Нејзиниот дебитантски роман „Сите странци имаат затворени завеси“ (2015) е првата норвешка книга напишана во конзистентен мултиетнолект од разновидно предградие на Осло, а нејзиниот јазик впива изрази од различни земји и потекла. Романот добива големо внимание и ја освојува наградата за дебитантски роман. Во март 2020 година, се случува промоција на филмската верзија на романот низ норвешките кина. Нејзиниот втор роман, „Книга на жалоста (Приказната за Нилс во шумата)“, се објавува во 2018 година и истата година ја добива наградата „Осло“. За истиот роман, ја добива и Европската награда за литература во 2020 година. Во 2019 година е дел од дванаесетте соработници на Homeland, престижна антологија која истражува што значи да се биде Норвежанец.

***

„Книга на жалоста (Приказната за Нилс во шумата)“ е вториот роман на Марија Наваро Скарангер. Нилс, млад човек на околу 30 години, си го одзема животот. Низ анегдоти, навидум тривијални настани и спомени, неговата сестра ја раскажува приказната за семејството пред и по Нилс. Тоа е приказна за момче кое веќе било осаменик како дете, млад човек кој никогаш не го нашол своето место во општеството, во образованието, на работа или меѓу пријателите. Мајката на Нилс и неговите браќа и сестри се обидуваат да најдат начин да живеат по Нилс, така што приказната на романот се разделува на три многу различни патеки што треба да се следат.

Линк: https://www.euprizeliterature.eu/author/maria-navarro-skaranger?fbclid=IwAR1byigyGjpRVUooNTBBYUmAKwgbTmhTYeMhl9pP5C3FlYZff3SqSh0Vjy4

За сите новости следете ја страницата на „Фејсбук“ – „Порта Европа“.

https://www.facebook.com/portaevropa

Издавањето на едицијата „Порта Европа“ e кофинансирано од Европската унија.

Остави коментар

Во моментов нема коментари
array(0) {
}
Memory Consumption is: 7.7 MB