Во најава

Промоција на биографската книга „Фудбал под сенка“ за легендарниот фудбалер Васил Рингов, напишана од Срѓан Ивановиќ

09.04.2026.
Промоција на биографската книга „Фудбал под сенка“ за легендарниот фудбалер Васил Рингов, напишана од Срѓан Ивановиќ
Промоција на биографската книга „Фудбал под сенка“ за легендарниот фудбалер Васил Рингов, напишана од Срѓан Ивановиќ

Биографската книга „Фудбал под сенка“, посветена на легендарниот македонски фудбалер Васил Рингов, во авторство на новинарот Срѓан Ивановиќ, ќе биде промовирана на 17 април (петок), во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“, со почеток во 20 часот.

Книгата излегува постхумно, неколку месеци по смртта на Рингов, кој активно беше вклучен во нејзиното создавање. Денот на промоцијата, пак, се поклопува со датумот на неговото раѓање.

Делото, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, ќе биде претставено од авторот Ивановиќ, уредничката Бисера Бендевска и едниот од синовите на славниот фудбалер – Марио Рингов. Тие ќе споделат свои видувања и сеќавања поврзани со создавањето на книгата, како и со ликот и делото на фудбалската легенда.

„Фудбал под сенка“ на искрен и непосреден начин ја раскажува животната и спортската приказна на Рингов – еден од најзначајните фудбалери во македонската и југословенската историја, чие име е тесно поврзано со успесите на ФК Вардар. Книгата нуди увид не само во неговата богата кариера, туку и во личните предизвици, размислувањата и вредностите што го формирале како спортист и како човек.

„Конечно добив шанса да ја раскажам мојата приказна без некој новинар да ме цензурира или да не сака да го објави тоа што сакам да ѝ го соопштам на јавноста. Конечно можам да зборувам за сите работи што ми тежат на срце. Конечно можам да ја раскажам мојата приказна. Головите никогаш не ме интересирале, па затоа не сакам да зборувам за нив. Освен неколку битни погодоци, не мислам дека тоа треба да биде моето наследство. Сакам да зборувам за фудбалот, за ФК Вардар, за луѓето. За луѓето што ги обележаа мојот живот и мојата кариера...“, се вели во воведниот дел на книгата, напишана во прво лице, каде што нараторот е самиот Рингов.

Васил Рингов (17 април 1955 — 23 декември 2025) е роден во Струмица. Кариерата ја започнал во ФК Беласица, како тинејџер кратко време бил дел од ФК Партизан, а вистински се афирмирал во ФК Тетекс, каде што станал клучен играч. Најголемиот успех го постигнал со ФК Вардар, со кој изборил пласман во Првата југословенска лига и станал водечка фигура во текот на 1980-тите. За клубот одиграл над 200 натпревари и постигнал 93 гола.  Во кариерата имал и кратки настапи во Динамо Загреб и во Ајнтрахт Брауншвајг. Почина во Скопје, минатата година, на 70-годишна возраст.

Срѓан Ивановиќ (роден 1977) е писател и истакнат новинар со долгогодишна кариера во медиумите. Покрај новинарството, се занимава и со едукација, одржувајќи обуки и предавања на тема Медиумската писменост и уметноста на јавниот настап. Како автор, досега има објавено два романа – „Писма од лудница“ („Арс Ламина“, 2023) и „Крвава уметност“ (самостојно издание, 2015).

Книгата „Фудбал под сенка“ наскоро ќе биде достапна за продажба во книжарниците на Литература.мк и онлајн преку www.literatura.mk.

Остави коментар

Во моментов нема коментари
array(0) {
}
Memory Consumption is: 8.01 MB