Новата стручна книга „Превентивна стоматологија“, во издание на „Арс Ламина“, беше промовирана денеска (16 октомври) во амфитеатарот на Стоматолошкиот факултет во Скопје, пред бројна публика составена од професори, стоматолози, студенти и од други гости. За значењето на ова академско издание зборуваа деканката на Стоматолошкиот факултет, проф. д-р Соња Апостолска, промоторот проф. д-р Дејан Марковиќ, една од авторките, проф. д-р Мира Јанкуловска, како и главната уредничка во „Арс Ламина“, Бранка Бугариска.
„Превентивна стоматологија“ е современ и сеопфатен учебник, создаден врз основа на долгогодишното научно, наставно и клиничко искуство на авторите, како и на современите достигнувања во оваа област. Во неговиот фокус е превенцијата како основа за зачувување и за унапредување на оралното здравје, со посебен акцент на раното откривање на заболувањата и примената на соодветни превентивни мерки.
Деканката на Стоматолошкиот факултет, проф. д-р Апостолска, истакна дека мисијата на факултетите не се остварува само преку наставата и преку научноистражувачката работа, туку и преку создавањето квалитетни учебници и стручна литература, кои претставуваат трајно професионално наследство на институцијата.
„Вистинската вредност на знаењето не е само во она што го знаеме, туку и во она што преку него го правиме за другите. Кога знаењето се претвора во превенција, превенцијата во здравје, а здравјето во подобар и поквалитетен живот, тогаш нашата академска мисија ја добива својата вистинска смисла“, истакна проф. д-р Апостолска.
Промоторот проф. д-р Дејан Марковиќ, кој специјално за оваа пригода пристигна од Белград, ја истакна хуманата димензија на превентивната стоматологија и нејзиното значење за образованието и за професионалниот развој на стоматолозите.
„Ниту една друга гранка на стоматологијата не ја отсликува толку непосредно Хипократовата заклетва и обврската да се грижиме за здравјето на оние што ни ја довериле својата грижа. Превентивната стоматологија можеби не е најатрактивната или најпрофитабилната гранка, но несомнено е една од најхуманите и најзначајните за пациентите. Затоа образованието и континуираната едукација на студентите и на стоматолозите се од исклучителна важност, особено за кај младите професионалци да се негуваат хуманоста, емпатијата и моралната одговорност, кои најдобро се изразуваат преку заложбата за зачувување на оралното здравје. Постоењето на сеопфатен учебник како ‘Превентивна стоматологија’ е исклучително важно, бидејќи им нуди цврста основа на студентите, но и стручна поддршка на дипломираните стоматолози, запознавајќи ги со проверените и со најновите сознанија во областа. Авторскиот тим вложил голем труд за да создаде јасно, прецизно и со научни докази поткрепено дело, разбирливо и корисно како за студентите и стоматолозите во почетокот од кариерата, така и за искусните професионалци“, истакна проф. д-р Дејан Марковиќ.
Учебникот е дело на 12 истакнати професори и стручњаци од Стоматолошкиот факултет во Скопје: проф. д-р Елизабета Ѓоргиевска (уредничка), проф. д-р Мира Јанкуловска, проф. д-р Марија Стевановиќ, проф. д-р Ана Сотировска-Ивковска, проф. д-р Златко Георгиев, проф. д-р Александар Димков, проф. д-р Мери Павлевска, проф. д-р Ефка Жабокова-Билбилова, проф. д-р Весна Амбаркова, проф. д-р Олга Кокочева-Ивановска, проф. д-р Христо Петановски и проф. д-р Јасна Симоноска.
Авторите истакнуваат дека учебникот е создаден со цел да ги поврзе современите научни сознанија со практичните потреби на стоматолошката професија, нагласувајќи ја важноста на превенцијата во секојдневната клиничка практика.
„Главниот мотив за создавањето на учебникот ‘Превентивна стоматологија’ беше потребата од систематизирање на современите научни сознанија и на практичните искуства во оваа област во литература што ќе им биде достапна и применлива на студентите по стоматологија и на здравствените професионалци. Со ова издание сакаме да го истакнеме значењето на превенцијата како основа за зачувување на оралното здравје, раното откривање на заболувањата и навремената примена на соодветни превентивни мерки. Современата стоматологија не треба да се насочува само кон лекување на веќе настанатите заболувања, туку и кон нивно спречување преку едукација, преку редовни контроли и преку индивидуален пристап кон секој пациент. Учебникот ги поврзува теоретските знаења со практичната примена на современите превентивни стратегии, вклучувајќи ја процената на факторите на ризик, контролата на денталниот биофилм, примената на флуориди и значењето на правилната исхрана и на оралната хигиена. Посебно внимание ѝ посветуваме на индивидуализацијата на превенцијата, бидејќи потребите на секој пациент се различни и бараат соодветно приспособени мерки. Истовремено, современите технологии и раната детекција овозможуваат навремено препознавање на промените, зачувување на природните забни ткива и намалување на потребата од посложени стоматолошки интервенции. Нашата цел е ‘Превентивна стоматологија’ да биде корисен извор на знаења за студентите, за стоматолозите и за другите здравствени професионалци, како и поттик за поголема примена на превентивните принципи во секојдневната практика. Веруваме дека со ова издание придонесуваме кон унапредување на стоматолошката едукација и на стручната литература на македонски јазик, но и кон развивање на свеста дека оралното здравје е нераскинлив дел од општото здравје и од квалитетот на животот“, истакнаа авторите.
Книгата е структурирана во 19 поглавја и три апендикси, во кои се обработуваат клучните концепти на примарната, на секундарната и на терцијарната превенција, епидемиологијата и факторите на ризик за најчестите орални заболувања, како и современите методи за нивна контрола и спречување.
Посебно внимание им е посветено на: оралната хигиена, флуоридната профилакса, исхраната, контролата на денталниот плак и превентивните клинички постапки. Опфатени се и орално-здравственото воспитување, промоцијата на здравјето, програмите за јавно орално здравје, скринингот и раната детекција на заболувањата. Во учебникот се разгледуваат и можностите за примена на дигиталните технологии во превентивната стоматолошка практика, како и специфичните пристапи во грижата за различни групи пациенти.
Изданието првенствено е наменето за студентите по дентална медицина, но претставува корисен извор и за специјализантите, за стоматолозите во клиничката практика и за другите здравствени професионалци што сакаат да ги продлабочат своите знаења во оваа област.
„Особено сме горди што ‘Арс Ламина’ е издавач на ова значајно академско дело, зад кое стојат дванаесет автори – истакнати професори и стручњаци од Стоматолошкиот факултет во Скопје, предводени од проф. д-р Елизабета Ѓоргиевска. Во време кога науката и медицинската практика постојано напредуваат, современата и систематизирана стручна литература на македонски јазик е од особено значење – пред сè за студентите, но и за стоматолозите што продолжуваат да учат и да се усовршуваат во текот на својата професионална кариера. Веруваме дека овој учебник ќе биде драгоцен извор на знаење за многу генерации идни стоматолози и ќе придонесува за унапредување на грижата за оралното здравје“, истакна Бранка Бугариска, главна уредничка во „Арс Ламина“.
„Превентивна стоматологија“ претставува продолжение на соработката на „Арс Ламина“ со авторскиот тим, по објавувањето на „Детска стоматологија“ – првиот сеопфатен учебник по детска стоматологија кај нас, исто така во издание на „Арс Ламина“.
Книгата „Превентивна стоматологија“ е достапна во книжарниците на „Литература.мк“, во сите поголеми книжарници низ земјава и онлајн преку www.literatura.mk.