Стручната книга „Превентивна стоматологија“, во издание на „Арс Ламина“, ќе биде промовирана на 16 октомври (петок), со почеток во 10:30 часот, во амфитеатарот на Стоматолошки факултет во Скопје.
Кон делото ќе се осврнат промоторите: проф. д-р Дејан Марковиќ, кој специјално за овој настан доаѓа од Белград, проф. д-р Мира Јанкуловска и уредничката Бранка Бугариска. На настанот ќе се обратат и дел од авторите: Елизабета Ѓоргиевска (уредник), Марија Стевановиќ, Мира Јанкуловска, Ана Сотировска-Ивковска, Златко Георгиев, Александар Димков, Мери Павлевска, Ефка Жабокова-Билбилова, Весна Амбаркова, Олга Кокочева-Ивановска, Христо Петановски и Јасна Симоноска.
„Превентивна стоматологија“ е современ и сеопфатен учебник, создаден врз основа на долгогодишно научно и клиничко искуство и врз современите достигнувања во областа на превентивната стоматологија. Во фокусот е превенцијата како основа за зачувување и за унапредување на оралното здравје.
Книгата е структурирана во 19 поглавја и во три апендикси, во кои се обработени клучните концепти на примарната, на секундарната и на терцијарната превенција, на епидемиологијата и на факторите на ризик за најчестите орални заболувања, како и современите методи за нивна контрола и спречување.
Посебно внимание им е посветено на оралната хигиена, флуоридната профилакса, исхраната, контролата на плакот и превентивните клинички постапки, како и на орално-здравственото воспитување, на промоцијата на здравјето, на програмите за јавно орално здравје, на скринингот и на раната детекција на заболувањата.
Во учебникот се обработени и можностите за примена на дигиталните технологии во превентивната стоматолошка практика, како и специфичните пристапи кон разни групи пациенти.
Изданието првенствено е наменето за студентите по дентална медицина, но претставува корисен извор и за специјализанти, за стоматолози во клиничката практика и за други здравствени професионалци што сакаат да ги продлабочат своите знаења во оваа област.
Ова издание доаѓа по „Детска стоматологија“ – првиот сеопфатен учебник по детска стоматологија кај нас, од истиот авторски тим, објавен пред неколку години, исто така во издание на „Арс Ламина“.
Книгата „Превентивна стоматологија“ е достапна во книжарниците на Литература.мк и онлајн преку www.literatura.mk.