Акции

Мoџо Килингтон: Романот Уништување го напишав во еден здив

02.12.2021.
Мoџо Килингтон: Романот Уништување го напишав во еден здив

На колку сè начини можеме да си го уништиме животот. Дали заслужуваме втора шанса и можеме ли да избегаме од себеси, се само некои од прашањата со кои Божидар Божиновски, познат како Moџо Килингтон, се занимава во својот нов роман „Уништување“. Книгата, која е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, ќе биде промовирана вечерва (2.12.2021) со почеток во 19 часот, во книжарницата Literatura.mk Superstore во „Скопје сити мол“.

Станува збор за трета книга на Моџо Килингтон, по стихозбирката „Аутопсија на љубовта“ (2019) и романот „Денот кога не се разбудив“ (2020), двете во издание на „Арс Ламина“. Со Моџо разговаравме по повод промоцијата на книгата „Уништување“.

* Во описот на книгата се вели дека „Уништување“ е емотивен, брутално соголен, интензивен роман, напишан во филмски манир. Што те инспирира за приказната?

– Како и секогаш, животот и неговите чудни патишта. Овде, конкретно, приказната е за мала, може да се нарече, административна грешка, која на главниот лик му го менува животот. На подобро или не, тоа останува на личната перцепција на читателот, а сепак тој решава да ги прави сите работи и желби од кои бил лишен во стегата на моралот на средната класа и удобниот живот без многу потреси.

* Книгата е дел од едицијата „Во еден здив“, во која се вклучени изданија што се читаат токму така – во еден здив. Дали книгите што се читаат во еден здив се пишуваат исто така брзо? Колку време беше потребно да ја финализираш „Уништување“?

– Со оглед на тоа што почнав со поезија, тој начин на изразување ми е поблизок. Поезијата е огномет на емоции, душевен оргазам и празнење што се одвива кратко и се чита кратко за да остави некаква емотивна трага. Кога почнав да пишувам роман, првиот беше напишан за три дена. Овој е малку покомплициран – пет дена. :) Пишувам додека ме држи некоја инспирација или енергија, можеби да си дадев еден месец ќе беше многу подолг и подобар романот, но немаше да ја има оригиналната форма и замисла, да се чита брзо и да остави емотивна трага. Финалната верзија е прва верзија, повеќе сакам романот да биде автентичен, отколку да биде добар. Затоа, не се ни навраќам да препишувам делови или да коригирам, како што било во моментот така останува замрзнато.

* Многу писатели имаат кажано дека дури и во најнеобичните фикции има биографски елементи или вистина. Дали „Уништување“ има автобиографски моменти и колку ликовите и случувањата се инспирирани од реалноста?

– Не би рекол автобиографски, се надевам барем дека нема, повеќе би биле тие човечки моменти, оние што, верувам, на сите ни се блиски, потрагата по себе, уништувањето на соништата што сме ги имале, несигурности, гревови, талкања и физички и ментални и духовни. Сите сме номади кои си го бараат домот, а ретките и среќните ќе го најдат.

* Главниот протагонист во „Уништување“ е четириесет и двегодишниот доктор Јан Рајсберг, сопруг на Марија, татко на Лотар и Ана... Кој е Јан Рајсберг? Дали е инспириран од вистински лик и каде го лоцираш временски и просторно? Кои прашања ги отвораш со него и на кои дилеми даваш одговор?

– Јан е само име зад сите негови дела, може секој да биде Јан. Тоа е само име зад сите процеси на животот што ги доживуваме. Во овој случај, само еден мал дел од нив, затоа што животот како целина е преголема тема и можеме само да избереме за што ќе пишуваме. Просторно и временски книгата е пишувана да биде и блиска и далечна на секоја публика, како да можеш да ја допреш и да најдеш сличности со секое место и време, се разбира одново, а повторно да не е никаде конкретно. Книгата не дава одговори, целта е да го доведе читателот сам да побара одговори, не за книгата, туку за сопствениот живот. Кога би бил на местото на Јан како би постапил.

* Јан Рајсберг еден ден дава отказ, се погледнува во огледалото во тоалетот на еден бар и се прашува: „Кој сум јас?“ Колку често си го поставуваш ти ова прашање и колку често треба секој да се праша од нас?

– Секојдневно и сè уште немам одговор. Дали сум јас телото, дали има душа и тоа сум јас, а телото е само алатка на душата, дали сум јас можеби моите мисли, дали сум само биолошки организам чиишто навики, мислења, ставови се продукт на општествените шеми, која е границата меѓу доброто и злото, дали е индивидуална и дали можам да имам своја или тие се универзални норми. Едноставно, што ме обликува како човек, кога сум сам, кога сум во меѓучовечки односи, кога сум во интеракција со општеството... И дали сум конечна форма или можам да се моделирам според своите желби. Потоа следуваат и прашањата дали тие желби се мои или се реклами за тоа како треба да изгледа примерна единка во општеството, како да имам насмевка ко од божиќна реклама, дали понов телефон ќе ме направи среќен и, на крајот, дали сум само купувач кој кога ќе престане да заработува и троши веќе не е член општеството. Можеби таа тажна улога во консумеризмот ја имаме сите. Да не сме луѓе, само да сме купувачи и потоа да умреме... Немам одговори за ова, барам, ама не се надевам дека ќе најдам. А дали треба другите да си поставуваат прашање кои се, тоа е нивен избор.

* „Уништување“ е роман за (само)уништувањето, за бегството од себеси и за потрагата по втора шанса во животот? Дали, барајќи промени и нов почеток, неопходно е да се уништи (напушти) стариот живот? Дали веруваш во втора шанса?

– Не верувам дека е неопходно, само е пожелно, затоа што кога ќе ги изгориш сите мостови и ќе немаш каде да се вратиш можеш да почнеш одново. Ако не е така, тогаш си со една нога во старото и со една нога во новото, што е комотна позиција, но нема многу да смени, затоа што при првите пречки сме навикнати да се враќаме назад. Верувам и во втора и во трета и во седумнаесетта шанса, затоа што животот е прекраток за човек да живее само еден живот.

* Неуморно ги следиш случувањата во нашето секојдневие и коментираш на социјалните мрежи, каде што имаш многубројни следбеници? Колку активизмот на социјалните мрежи кај нас е релевантен и може да смени нешто?

– Тука обично се појавуваат две гледишта, дека ништо не може да се смени и дека можат да се направат промени преку социјални мрежи. Нормално, реалноста е некаде на средина, со социјалните мрежи и поголемиот доток на информации имаме увид и во поголем број проблеми што се случуваат низ земјата и можеме соодветно да реагираме. Во не така далечното минато имавме бомби што некои медиуми не ги емитуваа, па како главен медиум тогаш беа социјалните мрежи и „Јутјуб“, за кои не може да се каже дека изиграа мала улога во таа состојба. Исто така, тука се собираат луѓе за протести, за акции за чистење, за добротворни акции што не би биле можни доколку ги немаше социјалните медиуми, се разменуваат мислења, се шират погледи и пријателства и, за жал, многу омраза. Сепак, и омразата е дел од позитивните страни на социјалните медиуми, затоа што веќе не е скриена, туку знаеме дека постои и дека е тука меѓу нас. Она што не верувавме дека постои како количество омраза сега е јавно и полесно за детектирање. И нормално, за осуда и негова корекција.

* Изминатите две години живееме во услови на пандемија, проследено со стрес, страв, болка, загуба... Колку Ковид-19 тебе лично ти го промени животот? Колку сите се сменивме?

– За жал, недоволно... На лично ниво сите нè промени, сепак сме само капка во морето и на почетокот имав поголеми надежи дека ќе има пошироки општествени промени, поголема емпатија, повеќе солидарност помеѓу обичните луѓе, дека ќе видиме дека сме „ние“ и „тие“ од другата страна на општеството, оние што можат да си дозволат да бидат изолирани без проблем, да избегнуваат интеракции, да не мораат да работат и дека ќе ги согледаме проблемите што се можеби поубиствени од Ковид-19, како што се сиромаштијата, социјалната нееднаквост и распределбата на капиталот. Се надевав дека кога ќе сфатиме дека огромен дел од нас нè дели само една плата до пропаст ќе се сменат општествените улоги, дека ќе има промени. Сепак, тоа заврши на шеги за сертификати и си тераме исто ко претходно, само со маски. На општествено ниво. На лично ниво, трагедиите не би ги коментирал, не можам да се охрабрам да пишувам за туѓата болка. А за мојата можеби ќе читате во некоја следна книга, можеби не.

*Препознатлив си по популарната македонска комична телевизиска емисија „Фчерашни новости“, а работиш и како сценарист на серијата „Преспав“ и ја водиш рубриката (Не)реално со Моџо Килингтон, во рамките на политичкиот магазин „Трилинг“ на Телевизија 24. Колку во овие ангажмани имаш креативна слобода и простор за личен авторски печат?

– За среќа, имам комплетна слобода, тоа е и еден од принципите за соработка, да не бидам цензуриран, изменуван, па макар бил и груб и сум згрешил. Што често сум, ама со слободата доаѓа и одговорноста. Уште поважно е што досега сум немал притисоци од политички партии или поединци, освен неколку закани, кои нормално не ги сфаќам сериозно. Такви ги има стотици дневно насочени кон различни луѓе. Мило ми е што државните и партиските стеги попуштаат кон слободата на говорот, право што го имаме сите и треба да биде неприкосновено и без притисоци. Има уште многу работа на тоа поле, но верувам дека ќе биде подобро. Поважно од тоа е луѓето да се ослободат од замислените авторитети, како шеф, претпоставен, партиски комесар или што и да имаат сега по партиите, и да кажат што мислат, што ги мачи, да дадат свој придонес кон подобрување на состојбите. И блокирајте ги блиските, можеби нема да има закани од повисоки инстанции, ама ќе слушате цело време „ти најде да ја решаваш работата во државата“ од другата соба.

* По повод промоцијата, со секој купен примерок на новиот роман „Уништување“, ќе следува попуст од 30 отсто на претходните две книги од Moџо Килингтон: стихозбирката „Аутопсија на љубовта“ и романот „Денот кога не се разбудив“. Промотивната акција, која ќе се одвива во сите книжарници на „Литература.мк“, ќе почне денеска (втори декември), и ќе трае до петти декември (недела).

Романот „Уништување“ веќе е достапен во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн преку http://www.literatura.mk.

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14755

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

array(0) {
}
Memory Consumption is: 8.04 MB