Акцијата „Автор во фокус“ ја продолжуваме со Лијан Моријарти – позната по нејзините трилери и романси, кои се адаптирани во популарни ТВ-серии. Книгите на Лијан Моријарти: „Девет совршени туѓинци“, „Три желби“, „Последната годишнина“ и „Семејни тајни“, сите во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, се достапни со 30 % попуст во рамките на акцијата „Автор во фокус“ на „Литература.мк“.
Попустите важат од 23 до 27 јули, во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на веб-страницата www.literatura.mk.
Лијан Моријарти е една од најпознатите и најпродавани современи австралиски писателки, родена на 15 ноември 1966 година, во Сиднеј. Како најстара од шесте деца, пораснала во креативна средина – двете нејзини сестри, Џеклин и Никола, исто така се успешни авторки. Интересно е што својот прв „издавачки договор“ го потпишала со својот татко, кој ѝ дал хонорар од 1 долар за приказна во три тома со наслов „Тајната на островот на мртовецот“.
По завршувањето на училиштето, Моријарти работела во рекламирање и маркетинг, а имала и сопствена агенција, пред да стане фриленс копирајтер. Во 2004 година, по магистрирањето на Универзитетот Маквари во Сиднеј, го објавила првиот роман „Три желби“, кој го напишала како дел од студиите.
Моријарти досега има објавено десет романи за возрасни, меѓу кои неколку бестселери на „Њујорк тајмс“: „Големи мали лаги“, „Семејни тајни“, „Девет совршени туѓинци“, „Последната годишнина“ и други.
Нејзините книги се продадени во над 20 милиони примероци ширум светот и се преведени на повеќе од 40 јазици. Многу од нејзините дела се адаптирани во телевизиски серии:
„Големи мали лаги“ беше инспирација за серија на HBO со Никол Кидман и Рис Витерспун, која освои повеќе награди „Еми“.
„Девет совршени туѓинци“ доби телевизиска адаптација на Hulu, со Никол Кидман и Мелиса Мекарти во главните улоги. По успехот на првата сезона, оваа година почна да се емитува и втората сезона.
Минатата година, Peacock ја сними серијата Apples Never Fall по романот „Семејни тајни“, со Анет Бенинг, Сем Нил, Џејк Лејси и Алисон Бри во главните улоги.
Оваа година премиерно беше прикажана австралиската мини-серија со 6 епизоди, инспирирана од романот „Последната годишнина“, со Тереза Палмер, Миранда Ричардсон, Даниел Макдоналд и Хелен Томсон во носечките улоги.
Моријарти е позната по маестралниот начин на кој гради напнати, психолошки и семејни драми, често почнувајќи со едноставна, секојдневна ситуација што постепено прераснува во нешто многу подлабоко и емотивно. Нејзините ликови се живописни, реални и често полни со контрадикторности – токму како во вистинскиот живот.
Приватно, Лијан живее во Сиднеј со својот сопруг Адам и нивните две деца, Џорџ и Ана. Во слободно време сака да чита, да скија и да шета со својот лабрадор.
Акцијата „Автор во фокус“ важи во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на www.literatura.mk.
Со купување сет книги од авторот во фокусот – Лијан Моријарти – следува подарок кафе во Café Literatura!