Книжевни факти

Го одбележуваме 88-от роденден на писателот Влада Урошевиќ

17.10.2022.
Го одбележуваме 88-от роденден на писателот Влада Урошевиќ

На денешен ден (17 октомври) во 1934 година во Скопје е роден познатиот македонски поет, раскажувач, романописец, книжевен и ликовен критичар, есеист, антологичар и преведувач Влада Урошевиќ. Завршил Филозофски факултет во Скопје. Докторирал на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје во 1987 година. Работел како соработник и уредник на Редакцијата за култура и уметност на Телевизија Скопје. Во 1982 година е избран за доцент на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје, а во 1988 година станал редовен професор. Бил уредник на списанието „Разгледи“. Урошевиќ е член на ДПМ од 1961 година. Исто така, тој е член на МАНУ (од 1997 година), како и дописен член на меѓународната „Академија Маларме“ во Париз и редовен член на Европската поетска академија со седиште во Луксембург и член на Македонскиот ПЕН центар.

Академик Урошевиќ важи за еден од најзначајните претставници на македонскиот модернизам, фокусиран врз истражување на чудесното, фантастичното и надреалното. Покрај пишување, Урошевиќ се занимавал и со преведување. Така, познати се неговите препеви на песни од руските поети: Пушкин, Лермонтов, Сологуб, Каменски, Хлебников, Мајаковски, Пастернак итн.

Има објавено над 50 книги: поезија, раскази, студии, критики и есеи, антологии и романи. Добитник е на најпрестижните книжевни награди: „Браќа Миладиновци“, „Григор Прличев“, „Рациново признание“, „Кирил Пејчиновиќ-Тетоец“, „Младост“, „Нолит“, наградата на Турскиот ПЕН „Халид Един Адивар“ (2007), „Стале Попов“ (2006), орденот на московската организација на Сојузот на руските писатели „Сергеј Есенин“, како и „Роман на годината“.

Издавачката куќа „Арс Ламина“, во рамките на својот проект „Македонски книжевни класици“, под својот импринт „Арс Либрис“, минатата година реобјави три значајни наслови од Влада Урошевиќ: „Вкусот на праските“, „Мојата роднина Емилија“ и „Невестата на змејот“. Во чест на роденденот на великанот на македонската книжевност, се потсетуваме на содржините на овие три значајни книги.

„Вкусот на праските“

Приказната на „Вкусот на праските“ од Влада Урошевиќ почнува со пристигнувањето на еден провинцијалец во градот. Тој случајно се разминува со една девојка, која го маѓепсува и со која се среќава, на сон и на јаве. Потоа земјотрес (катастрофалниот земјотрес од 1963 г.) и смрт. Оттука па натаму е многу тешко да се зборува за „приказната“ на „Вкусот на праските“, бидејќи таа не е од централен интерес на авторот. Тука тој сака да постигне нешто друго. Што е тоа друго што веќе половина век ги мачи книжевните критичари? Едноставниот одговор е: уметност.

Романот „Вкусот на праските“ – објавен веќе далечната 1965 година – е првото романескно достигнување на истакнатиот поет, раскажувач, романсиер, есеист и професор по книжевност Влада Урошевиќ. Во него е запишан – со фантазмагоричен јазик и суптилна мешавина од текстови – бунтот на македонската книжевност против конвенциите на реалистичка книжевност.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлaјн преку www.literatura.mk.

https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14765

„Мојата роднина Емилија“

Романот или збирката раскази – според преференциите на читателот – насловен/а „Мојата роднина Емилија“ е приказна за детството и младоста на младиот неименуван наратор и неговата исто толку млада роднина. Местото и времето на случување се јасно определени: Скопје за време на Втората светска војна. Но, како што читателот несомнено забележува, тие се само предлошка на фантастичниот свет карактеристичен за речиси сите дела на Влада Урошевиќ.

Скопје на Урошевиќ е целосно „изместено“: скриени врати и тајни премини постојано го прекршуваат просторот, а оживеани сеќавања и градби што одамна не постојат го прекршуваат времето; еднорози и други фантастични животни изникнуваат во дворовите и покрај фактите во енциклопедиите; чудни кореспонденции водат и до уште почудни средби, до многубројни каталози на егзотични и мистични предмети и појави; и, на крајот на сè, еден брод што плови по една непловна река.

Делото „Мојата роднина Емилија“ или „Осумнаесет затворени раскази кои сочинуваат еден отворен роман“ е една голема и возбудлива авантура што со сигурност никого нема да остави рамнодушен.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлaјн преку www.literatura.mk.

https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14764

„Невестата на змејот“

„Невестата на змејот“ е приказна за херојот Денко и неговото патешествие од Горниот во Долниот свет, за да ја спаси својата сестра Летка од канџите на змејот. Романот изобилува со најразлични мотиви од фолклорот на овие простори, но и од пошироката митска, па дури и алхемиска традиција. Баучи, наречници, змејови и песоглавци го населуваат светот на Горната земја, каде што се случува првата половина од приказната. Во вториот дел, грабнувањето на Летка го води Денко во Долната земја, односно во „нашиот“, „стварен“ свет.

Сепак, „романот бајка“ (како што гласи поднасловот) не е само тоа: станува збор за дело во кое народното творештво се преиспитува од современа, критичка дистанца, од книжевен и општествен аспект. Работите не се такви какви што изгледаат на прв поглед. „Невестата на змејот“ е роман што ќе ги задоволи вкусовите и на народното творештво и на современата книжевност, бидејќи во него, на учен и интересен начин, се испреплетуваат и двете – исто како што во приказната се судираат – и на момент се спојуваат – Горната и Долната земја.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлaјн преку www.literatura.mk.

https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14763

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

array(0) {
}
Memory Consumption is: 8.08 MB