Промоција на книга

„Филмската пропаганда во дигиталната ера“ од Сашо Кокаланов

25 март (среда) / 19 часот / „Литература.мк“, „Дајмонд мол“

Модератор: Оливера Ќорвезироска
Промотори: Елеонора Венинова,  Владимир Блажевски,  Отец Пимен

Сашо Кокаланов во оваа книга дава историски, контекстуален, модерен и постмодерен, наједноставно проверлив приказ на тоа што е пропаганда, какви се нејзините облици, за што служи пропагандата, за што служи пропагандата преку филмот, софистицирана е или груба, прикриена е или отворена, прикажана е на бело платно или преку стриминг-платформи, мала е или голема!

 

Музички настап

Фанк шуи

26 март (четврток) / 21 часот / „Литература.мк“, „Дајмонд мол“

Бендот „Фанк шуи“, основан пред  16 години, се вбројува меѓу најпрепознатливите имиња на современата македонска и регионална музичка сцена. „Фанк шуи“ започнува како авторски проект што со текот на времето прераснува во стабилен музички состав. Нивниот деби-албум „Aether“ беше објавен во 2012 година, по што следуваше „R.E.M.“ во 2015 година и ЕП-то „Импулс“ во 2018 година. Во 2023 година бендот го објави третиот студиски албум „Никогаш Пак“, кој ги вклучува сингловите „Ветер“, „Не Време“ и „Крик“. Албумот беше проследен со промотивни активности и две распродадени концертни вечери во Скопје. Во изминатите години Funk Shui настапуваа на повеќе меѓународни музички фестивали и конференции, меѓу кои Eurosonic ESNS, MENT Ljubljana, Mondo.NYC, Athens Music Week, PIN Music Conference и Liverpool Sound City. Синглот „Метеори“ беше прогласен за „Сингл на годината 2020“ според публиката на порталот Balkanrock.

Бендот е номиниран за HEMI Music Awards во 2021 и 2023 година, како и за INES Talents во 2021 и 2022 година. Зад себе имаат турнеи низ Велика Британија, Полска, Австрија, Германија, Холандија и низ повеќе балкански земји.

 


 

Промоција на книга и театарска изведба

„Театарски приказни“ од Митко Бојаџиски

27 март (петок) / 19 часот / „Литература.мк“, „Дајмонд мол“

Модератор: Бисера Бендевска / Промотори: Гоце Ристовски, Звонко Димоски

Во книгата „Театарски приказни“ се застапени 65 есеи за 30 наши познати актери, кои авторот настојува да ги претстави како луѓе – надвор од „штиците што живот значат“. Тоа се актери што не разрешуваат драмски туку животни ситуации, како сплет на случајности или како мајсторски режирани животни „претстави“, со сите параметри што го прават успешно едно драмско дело. Книгата е создавана повеќе од десет години. Таа е привлечна за читање не само поради интересните приказни, туку и затоа што претставува плејада од личности, карактери, ситуации, психолошки моменти и отпечатоци од времето. Со ова издание, македонската култура добива и еден вид архивски документ кој не само што ги зачувува спомените на големите имиња од нашата сцена, туку и инспирира нови генерации уметници и љубители на театарот да го ценат и негуваат театарското наследство.

Во книгата се застапени: Никола Ристановски, Димче Мешковски, Ванчо Петрушевски, Коле Ангеловски, Благоја Чоревски, Мите Грозданов, Бајруш Мјаку, Драган Спасов Дац, Милица Стојанова, Салаетин Билал, Снежана Коневска-Руси, Ацо Јовановски, Љупка Џундева, Благоја Спирковски Џумерко, Јоана Поповска, Зора Ѓеоргиева, Ванчо Мелев, Перо Арсовски, Горан Илиќ, Игор Џамбазов, Миле Вратеовски, Васил Зафирчев, Ѓокица Лукаревски, Валентин Костадиновски, Атанас Атанасовски, Фирдаус Неби, Игор Трпчески, Соња Михајлова, Васил Михаил и Софија Насевска-Трифуновска.

Митко Бојаџиски (1962, Струмица) е автор на осум драми, книга поезија и роман. Познат е и како автор на театарската претстава „Кец на десетка“, која е дел од репертоарот на МНТ.

 

Музички настап

Night and day quartet

27 март (петок) / 21 часот / „Литература.мк“, „Дајмонд мол“

Настапуваат: Јани Костурски, Оливер Јосифовски, Бојан Петков-Шамба, Павел Ренџов

Скопскиот џез-состав Night and Day Quartet изведува светски и македонски џез-стандарди во препознатлив аранжман со вокал, гитара и ритам-секција. Составот негува топол и елегантен вокален џез звук, инспириран од традицијата, но отворен и кон современи интерпретации. Квартетот го предводи вокалистот Јани Костурски, дипломец на музичкиот колеџ „Беркли“ во Бостон, кој е познат по својата музичка разновидност и соработките со истакнати македонски џез-музичари. Во составот настапуваат и тројца врвни инструменталисти: басистот Оливер Јосифовски, еден од најактивните македонски џез-музичари со богата меѓународна кариера, гитаристот Бојан Петков – Шамба и тапанарот Павел Ренџов, музичар со долгогодишно искуство на европската сцена и соработки со бројни џез-состави.

Публиката ќе има можност да ужива во вечер исполнета со џез-стандарди, импровизација и префинета клубска атмосфера, во духот на класичниот џез квартет.

 

Донаторски настан 

 „Облеката и модата, од праисторијата до денес" од Зорка Тодорова- Младеновиќ

28 март (сабота) / 19.30 часот / „Литература.мк“, „Дајмонд мол“

Организатор:  „Ротари клуб Скопје Центар“

Настанот ќе биде посветен на приказната што досега не била раскажана – приказната за историскиот костим и модата во светот и во Македонија, нивниот развој, креативна енергија и културен белег. Ова нема да биде класична промоција, ова е донаторска вечер со цел … Со поддршка на донациите книгата  „Облеката и модата, од историјата до денес" од Зорка Тодорова- Младеновиќ ќе добие своја печатена форма и ќе стане културно наследство за идните генерации, редок документ на македонски јазик и сведоштво за облекувањето низ вековите и денес. Донаторите ќе добијат и соодветен број примероци по официјалното печатење на книгата, како знак на благодарност за нивната поддршка.

Во продолжение на настанот ќе се одржи настап на диџеј Дарко Марковски.

 

Театарска претстава

„Љубовни писма“

30 март (понеделник) / 20 часот / „Литература.мк“, „Дајмонд мол“

Играат: Игор Ангелов и Верица Недеска

„Љубовни писма“ е драма на тишината. На паузите. На неизговореното. Текстот ја следи кореспонденцијата меѓу двајца луѓе од детството до зрелоста — нивниот однос се развива низ писма што сведочат за љубов, амбиција, социјални разлики, компромиси и пропуштени можности. Она што ја прави оваа драма посебна е нејзината форма: нема класична сценографија, нема движење, нема драмска експлозија. Сè се случува преку читање. Преку збор.

Улогите ги толкуваат Игор Ангелов и Верица Недеска. Ангелов ја потпишува и режијата, избирајќи минималистички пристап што ја почитува оригиналната драматургија на Гурнеј. Наместо режиски интервенции, создаден е простор за слушање — простор каде што секој збор има тежина, а секоја пауза значење.

Во време на брза комуникација и дигитална размена, „Љубовни Писма“ нè потсетува на интимноста на рачно напишаниот збор. На трпението. На времето што поминува. На љубовта што можеби никогаш не се реализира целосно, но сепак останува да живее во напишаното.

Визуелниот сегмент е надополнет со илустрации на младата уметница Веда Спасовиќ, чиј поетски визуелен јазик внесува суптилна емоционална подлога во сценското доживување.

 

Мултимедија

Проекција на филмот „Бранови“

1 април (среда) / 19 часот / „Литература.мк“, „Дајмонд мол“

Настан во соработка со Амбасадата на Република Чешка во Македонија.

„Бранови“ (Vlny, 2024) е чешка историска драма што нè враќа во турбулентниот период на Прашката пролет во 1968 година и инвазијата на силите на Варшавскиот пакт во Чехословачка. Филмот ја раскажува приказната за редакцијата „Меѓународен живот“ на Чехословачкото радио – место каде што група новинари се обидуваат да ја одбранат вистината и слободата на говорот во време на политички притисоци и цензура. Во центарот на приказната е Томаш Хавлик, млад човек кој по случајност се вработува во редакцијата, додека вистинскиот сон за новинарство му припаѓа на неговиот помлад брат. Обидувајќи се да го заштити братот од проблеми со режимот, Томаш се наоѓа во опасна ситуација – тајната полиција го принудува да соработува со нив. Работејќи со новинарите, тој постепено ја открива вистинската вредност на слободното новинарство и моралната одговорност да се зборува вистината.

Филмот е во режија и по сценарио на Јиржи Мадл (Jiří Mádl), а продуцент е Моника Кристлова. Главните улоги ги толкуваат Војтјех Водохоцки, Онджеј Ступка, Тања Пауфова, Станислав Мајер, Војтјех Котек и други. Филмот има добиено бројни награди и признанија, меѓу кои Наградата од публиката на 58. Меѓународен филмски фестивал во Карлови Вари (2024) и Satellite Award (2024) за најдобар филм на странски јазик… Воедно, „Бранови“ беше најгледаниот чешки филм во 2024 година и втор најгледан чешки филм во историјата.

 

Музички настан

Skopje Jazz Inc.

1 април (среда) / 21 часот / „Литература.мк“, „Дајмонд мол“

Настапуваат: Трајче Велков (труба), Горан Гешоски (бас-гитара), Зоран Костадиновски (гитара) и Виктор Филиповски (тапани)

Skopje Jazz Inc. е македонска џез-група оформена во 2018 година. Нејзините членови – Трајче Велков (труба), Горан Гешоски (бас-гитара), Зоран Костадиновски (гитара) и Виктор Филиповски (тапани) – се искусни студиски и „сешн“ музичари, како и соработници во авторски проекти на повеќе комбо и биг-бенд состави во земјава и во странство. Зад себе имаат бројни настапи на меѓународната џез-сцена.

Ги обединува идејата да создаваат, негуваат и промовираат џез-музика. Нивниот репертоар опфаќа авторски композиции аранжирани во стил својствен за музичките афинитети на бендот, во кои се спојуваат традицијата и современите текови, со смел поглед кон иднината.

 

Промоција на премиум сет и музички настап

Тони Зен -  „Изборот на Тони Зен“

2 април (четврток) / 20 часот / „Литература.мк“, „Дајмонд мол“

Настапува: Тони Зен (вокал), Ратко Даутовски (перкусии), Борислав Миланов (саксофон и флејта), Мартин Јосифовски (бас-гитара) и Ади Имери (гитара)

По повод 21 година од објавувањето на неговиот прв албум, Тони Зен ќе претстави нов премиум-сет, односно кутија што содржи два албума на винил и две стихозбирки. Едниот албум, насловен „Од изворот на изборот“, веќе беше објавен во 2019 година на цеде, но овој пат излегува и на винил. Другото издание, пак, е всушност новиот, седми по ред албум, насловен „21/7 – Другата страна на изборот“, кој ги содржи песните создадени во последните две години. Овој албум ќе биде достапен единствено на винил.  И двата албума имаат своја стихозбирка во која се објавени текстовите на песните. Во стихозбирката на албумот „Од изворот на изборот“ текстовите се преведени и на англиски јазик. Покрај стиховите, изданијата содржат и фотографии и јапонска калиграфија изработена од Тони Зен. Фотографиите се снимени на филм, со цел да се зачува автентичноста на ова издание, односно на концептот насловен „Изборот“.

Според Тони Зен, ова претставува негово животно дело, односно остварување на долгогодишен сон.

Освен слушање на плочите, на оваа промоција публиката ќе има можност да слушне и дел од песните од овие албуми, изведени во акустична верзија со бенд.

*Присуството на настанот е само со покана.

 

Музички настап

Промоција на албум „New Balkan Jazz“ од Павле Михаиловиќ

3 април (петок) / 21 часот / „Литература.мк“, „Дајмонд мол“

Настапуваат: Павле Михаиловиќ (трубач), Коста Пауновиќ (гитара), Андреја Христиќ (клавир), Никола Марковиќ (бас) и Никола Радојичиќ (тапани)

Павле Михаиловиќ е трубач, композитор и бенд-лидер од Белград, претставник на новата генерација балкански џез-музичари кои ги поместуваат границите на современиот џез. Неговиот проект „Pavle MH – The New Balkan Jazz“ ја спојува енергијата на џез-импровизацијата,  ритмичкиот пулс на хип-хопот и богатото мелодиско наследство на Балканот, создавајќи модерен и автентичен музички израз што ја поврзува локалната традиција со глобалниот урбан звук. Како автор и изведувач, Павле соработувал со бројни уметници од српската џез-сцена, но и со познати поп-изведувачи. Неговиот неодамна објавен сингл „We in Belgrade“ е снимен во соработка со американскиот басист од Лос Анџелес, Bubby Lewis, познат по работата со светски ѕвезди на современата музичка сцена. Михаиловиќ настапува со бенд составен од: Коста Пауновиќ (гитара), Андреја Христиќ (клавир), Никола Марковиќ (бас) и Никола Радојичиќ (тапани).

Пред публиката во Скопје, бендот премиерно ќе ја претстави музиката од претстојниот албум „New Balkan Jazz“, носејќи енергичен и современ спој на импровизација, грув-ритми и балканската музичка традиција.

 

 Музички настан и промоција на издание

„Во тивок модус“ од Јана Андреевска

4 април (сабота) / 20 часот / „Литература.мк“, „Дајмонд мол“

Промотор: Михаило Трендафиловски / Изведба: Дино Имери
Малечките браќа Себастијан и Кристоф секоја вечер играат игри лежејќи на тревата во дворот од нивната куќа. Најинтересна им е броењето на ѕвездите, на кои им даваат и интересни имиња. Но, еден ден, ќе ја здогледаат на небото најсјајната ѕвезда наречена Голд Стар. Таа ќе им даде задача заедно да ја пронајдат Музичката кутија. Продолжува нивната авантура во потрагата по сјајната музичка кутија, а кога ќе ја пронајдат, ќе ја ослободат и заробената музика, односно заробените ноти. Тоа е всушност, музиката на Универзумот. Ова е едукативна и забавна музичко-сценска пиеса, која е инспирирана од големиот композитор Јохан Себастијан Бах. Приказната е оригинално создадена за оваа пригода.

Промоција на книга

„Луѓе - сенки“ од Сашо Кузмановски

6 април (понеделник) / 19 часот / „Литература.мк“, „Дајмонд мол“

Модератор: Бисера Бендевска

„Луѓе-сенки“ е романот со кој се заокружува трилогијата за инспекторот Џовани, ревносен и правдољубив полицаец, кој бескомпромисно им пристапува на службените задачи, дури и на оние најзаплетканите и најтешките. Во „Луѓе-сенки“, случајот е од највисоко државно значење, затоа што е засегнат претседателот на државата, а следствено на тоа и државноста. Романот е историска фикција, заснована на вистински настани од нашето колективно минато, околу која авторот Сашо Кузмановски ја гради сопствената приказна, постапка што е препознатлива за неговата творечка поетика.  По успешно затворените случаи со украдениот тетробол од Музејот на пари во Народната банка на Македонија и мистериозното убиство во локалитетот Стоби, инспекторот за крвни деликти, Јован Ингилизов-Џовани, е исправен пред најсложениот случај во својата кариера – атентатот врз претседателот на државата.

 Романот е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, а е последен дел  од трилогијата на Кузмановски, во која досега се објавени трилерите „Афера во музејот на пари“ и „Бахус“.

 


 

Театарска претстава

„Те чекам“

7 април (вторник) / 20 часот / „Литература.мк“, „Дајмонд мол“

Играат: Гоце Андонов, Ангела Лефкова / Автор и режисер: Изабела Јакимова   
Интерактивна дуодрама „Те чекам“  е драма што не завршува на сцената. Простор за неизговореното, за сето она „супер“ што не е. Претстава за мажите што не плачат. За жените што чекаат. И за тишината што убива.  Оваа претстава зборува за наследените модели на тишина и насилство, и цената што ја плаќаме кога не умееме да зборуваме за емоциите. Преку интензивен дијалог, живи ситуации и директна комуникација со публиката, претставата ја отвора темата на ментално здравје, срамот и стравот од ранливост, особено кај мажите. Претставата е работена по конвенции кои произлегуваат од отсек на применет театар, во овој случај ТЕАТАР НА ЈАВНОСТА. Тоа значи, дека истата е интерактивна и во истата имаме вклучување и на луѓе од публиката. Претставата уште на почетокот го крши четвртиот ѕид, и создава чувство на заедништво и мото дека заедно сме во ова и заедно можеме да го решиме и да го разбереме.

Претставата се движи од сарказам до траума, од смеа до грч. Се игра и со публиката, која не е само сведок туку и учесник во личната исповед на еден човек, што доцна сфаќа дека неможноста да зборува – убива.

Оваа форма на театар се користи за практични цели, со акцент на социјални, педагошки, терапевтски и политички аспекти. Се одлучивме да работиме токму по овие методи бидејќи основната цел на применетиот театар не е само естетска или забавна, туку и да предизвика промени во општеството, да се решаваат проблеми или да се осветлат важни теми низ интеракција и искуства.

 


 

Музички настап

Parussion Group

7 април (вторник) / 21 часот / „Литература.мк“, „Дајмонд мол“ 

Настапуваат: Михаил Парушев (тапани), Андреј Петровски (гитара), Јован Цветковиќ (пијано), Иван Бејков (бас) 

Концертот е наменет за публика што бара авторска, современа и жива музика – каде фјужнот не е стилска формула, туку процес во движење, а ритамот е колективен јазик што се создава во моментот. Формиран во 2003 година во Скопје, ансамблот Parussion Group е предводен од композиторот и тапанар Михаил Парушев, чија музичка визија се движи низ различни жанровски слоеви – од акустични и електрични звучни пејзажи, преку полиритмија, до современ фјужн-пристап што ги спојува импровизацијата, јасната форма и живата сценска енергија. По повеќе од две децении активна концертна работа, Parussion Group функционира како отворен колектив во кој секој музичар активно учествува во обликувањето на заедничкиот звук.

Концертот е наменет за публика што бара авторска, современа и жива музика, каде фјужнот не е стилска формула, туку процес во движење, а ритамот е колективен јазик што се создава во моментот.

 


 

Концертна промоција на книгата

„Македонскиот вокален мелос во современиот контекст - Оживување на една заборавена музика“ и настап на Вера Милошевска трио + спец. гостин Бранислав Николов

8 април (среда) / 19 часот / „Литература.мк“, „Дајмонд мол“

Ракописот на Вера Милошевска-Јосифовска со наслов „Македонскиот вокален мелос во современиот контекст – оживување на една заборавена музика“ претставува вистинско освежување во контекстот на книгите кои се појавуваат во нашата културна заедница и третираат теми од нашата богата музичка традиција. Од една страна, овој ракопис дава досега неанализирани аспекти на нашата секојдневна музичка култура која, како што вели самата авторка, се наоѓа под опсадата на медиумската експанзија на бројните музички правци со кои од петни жили се бори за доминација, а од друга страна, ракописот е резултат на индивидуалното искуство на авторката Милошевска-Јосифовска во промовирањето на нашиот подзаборавен вокален мелос, со оглед на тоа што и самата е најпознатата и најпопуларна наша изведувачка на традиционална музика во современ аранжман, во рамките на мега популарната група „Љубојна“. Истовремено, нејзиното искуство како етнолог и антрополог, музичар и интерпретатор, како и нејзиниот истражувачки интерес, претставуваат гаранција за успешноста на посебниот пристап кон анализата на нашата музичка култура. цена Според претходно кажаното, со потполна увереност во квалитетот на текстот, срдечно им го препорачувам ракописот „Македонскиот вокален мелос во современиот контекст – оживување на една заборавена музика“ на сите читатели.

Настанот е збогатен со настап на „Вера Милошевска трио“ +  спец. гостин Бранислав Николов.

 

* Присуството на музичките и на театарските настани е со влезници и со резервации на 070 391 100 или на 070 585 021. Влезниците се достапни на www.literatura.mk и во „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“.  

Со секоја влезница следува подарок. ЗА ВЛЕЗНИЦИТЕ КУПЕНИ ОНЛАЈН ПОТРЕБНО Е ДА ПРИКАЖЕТЕ ПОТВРДА ЗА НАРАЧКА НА КАСА, КАДЕ ШТО ЌЕ ЈА ДОБИЕТЕ ПЕЧАТЕНАТА ВЛЕЗНИЦА СО ПОДАРОК КОЈА ПОТОА ЈА ПРИЛОЖУВАТЕ НА ВЛЕЗ.