Топ листа

Умешност на лутината е најпродаваната мотивациска книга во Литература.мк во октомври

03.11.2022.
<strong>Умешност на лутината е најпродаваната мотивациска книга во Литература.мк во октомври</strong>

Новата книга од областа на популарната психологија „Умешност на лутината: мал водич за голема лична моќ“ од м-р Билјана Велковска е најбараната мотивациска книга во книжарниците „Литература.мк“ во октомври. Зад неа се новата книга „Нашиот луд мозок“ од неврологот Дин Бурнет, која открива што навистина ни подготвува умот, и мотивациската книга што ги согледува скриените моќи на нашиот внатрешен глас и ни покажува како да го искористиме во борбата со анксиозноста – „Гласот во нашата глава“ од Итан Крос. Следуваат: „Иднината на умот“ од Мичио Каку, „Здив: нова наука за една загубена уметност“ од Џејмс Нестор, „Е, баш ме заболе“ од Марк Менсон, „Астрофизика за луѓе кои немаат време“ од Нил Деграс Тајсон, „Уметноста на создавање спомени“ од Мајк Викинг и книгата од најбогатиот човек на светот – „Да се смислува и да се талка: збирка размисли од Џеф Безос“.

Во продолжение проследете ја топ 10 листата со најбарани изданија од областа на нефикцијата во книжарниците на „Литература.мк“ во октомври.

1. „Умешност на лутината“ од Билјана Велковска

„Умешност на лутината“ е спој на научна теорија и истражувања, како и на лични искуства. Во фокусот на книгата е најмалку разбраната човечка емоција – лутината. Оваа дива емоција, тешка за скротување, може да биде корен на многу наши дисфункционалности, но и извор на нашата лична моќ. Книгата ја дисецира емоцијата лутина и начините на нејзино изразување – потиснување, задржување на лутината, пасивно-агресивен стил, конструктивна лутина – и посочува како да добиеме најмногу од својата лутина.

Преку примери од секојдневието, книгата ни открива слој по слој од лутината. Откако ќе ја прочитаме сфаќаме дека патувањето со „Умешност на лутината“ било патување во самите нас. Наша е лутината, наш е изборот што ќе правиме со неа. Негирањето на нашата лутина е негирање на себеси. Одењето против својата лутина е одење против самите нас. Да се разбере и да се прифати лутината значи да се разбереме и да се прифатиме себеси... Овој водич е особено важен да се има на полицата во секоја домашна библиотека, бидејќи во исто време е пред самото време, но и сосема навремен, имајќи предвид дека е време да се почне еволуција на лутината.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“, како и онлајн на следниот линк: https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14939

2. „Нашиот луд мозок: што навистина ни подготвува умот“ од Дин Бурнет

Невронауката ни дава забавни и интригантни одговори на прашањата зошто понекогаш нашиот сопствен мозок нè саботира. Поради што губите во расправите со луѓе кои знаат многу помалку од вас? Зошто никогаш не можете да се сетите на името на жената со која штотуку сте разговарале, иако сте ја препознале и точно знаете која е таа и кој ве запознал со неа? И зошто, откако неодамна сте ја прекинале врската, со денови лежите склопчени на каучот, движејќи се само повремено да ги избришете солзите и носот, кој ви тече?

На овие и на уште многу интересни прашања, поврзани со „однесувањето“ на нашиот мозок, одговара неврологот и комичар Дин Бурнет во својата книга „Нашиот луд мозок: што навистина ни подготвува умот“. Во книгата тој вели дека на сите ни се случува да влеземе в кујна или да го отвориме лаптопот или самоуверено да застанеме на говорница и одеднаш да немаме поим што сме сакале да направиме. А сето тоа благодарение на тоа што мозокот решил да прави глупости. Човечкиот мозок – толку блескаво паметен, толку високоразвиен – е особено збунет, погрешлив и неорганизиран. Дали знаете, на пример, дека вашето паметење е егоцентрично? Дека теориите на заговор и суеверието неизбежно се дел од еден здрав човечки мозок? Или дека алкохолот во извесна мера може да ви го подобри паметењето (само внимателно прочитајте ја книгава пред да решите лично да се уверите во ова)?

Во книгата „Нашиот луд мозок“ Бурнет нè запознава со таинствената сива (и бела) материја, толку склона да прави будалштини и попатно ни го објаснува несовршенството на величествениот човечки мозок и како тоа несовршенство влијае на сè што правиме, говориме, доживуваме. Стручна, духовите и забавна, оваа книга им е наменета на сите што понекогаш се прашуваат зошто родениот мозок им го саботира животот или што повторно смислил сега.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14948

3. „Гласот во нашата глава, зошто е важен и како да го користиме“ од Итан Крос

Итан Крос е наградуван психолог кој во оваа книга ни ги открива скриените моќи на нашиот внатрешен глас и ни покажува како да го искористиме во борбата со анксиозноста, како да си го подобриме психичкото и менталното здравје и како да ги продлабочиме нашите врски со другите. Кажете му на странец дека разговарате со себеси, мошне веројатно е дека ќе ве смета за ексцентрик. Кога разговараме со себеси, често се надеваме дека ќе го поттикнеме нашиот внатрешен тренер, но наместо тоа, го поттикнуваме нашиот внатрешен критичар. Кога се соочуваме со тешка задача, нашиот внатрешен тренер нè охрабрува: Ајде, го можам тоа! Но, исто толку често, нашиот внатрешен критичар нè обесхрабрува: Нема да успеам. Сите ќе ми се смеат. Која е поентата? Крос ги истражува тивките разговори што ги водиме со себе. Испреплетувајќи ги револуционерните проучувања на мозокот што ги спроведувал во неговата лабораторија со конкретни студии на случај, тој објаснува како внатрешните разговори ги обликуваат нашите животи, работа и врски. Тој предупредува дека препуштањето на негативни и дезориентирачки разговори со себе – што тој ги нарекува „брборење“ – можат да ни го нарушат здравјето, да ни го „спуштат“ расположението, да ни ги ограничат социјалните конекции и да почнеме да попуштаме под притисокот.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“, како и онлајн на следниот линк: https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14746

4. „Иднината на умот“ од Мичио Каку

Мичио Каку е професор по физика на њујоршкиот Градски универзитет, соосновач на теоријата на поле на струни и автор на научни книги, меѓу кои „Хиперпростор“, „По Ајнштајн“, „Физика на невозможното“ и „Физика на иднината“. Бил домаќин на научни телевизиски емисии на Би-би-си, „Дискавери“ и „Саенс“. Неговите емисии можат да се чујат на 130 радиостаници ширум светот. Пишувал за најугледните светски списанија и гостувал на најгледаните телевизии.

Во оваа книга, професорот Каку на лесно разбирлив начин ни ги презентира досегашните сфаќања и откритија поврзани со човековиот ум и неговите ограничувања, но уште повеќе и неговите потенцијали. Во возбудлива низа од историски раскажувања и уверливи објаснувања, авторот нуди фасцинантна перспектива во разбирањето на мозокот, мислите, чувствата, стравовите и долгата низа несвесни пориви што во голема мера ги формираат одлуките што ги носиме секојдневно. Притоа, професор Каку нè уверува дека нашиот ум, и покрај тоа што не е целосно разбран, е секако разбирлив. Каку е оптимист за иднината на човештвото. Воодушевено раскажува за најновите технички, експериментални и дијагностички постигнувања што нудат извонреден увид во неистражените пространства на човековиот ум. Истовремено, однапред се радува на откритијата што допрва нè чекаат во блиската иднина – забележувајќи јасен историски тренд, професор Каку нуди уверлива визија за човештво во блиската иднина – човештво кое со помош на технологијата ќе стане уште похумано и уште подобро.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн преку

https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=13607

5. „Здив: нова наука за една загубена уметност“ од Џејмс Нестор

Без разлика што јадете, колку вежбате, колку сте слаби, млади или мудри, ништо од тоа не е важно ако не дишете правилно. Ова е главната порака на новата книга од областа на популарната наука – „Здив: нова наука за една загубена уметност“ од новинарот Џејмс Нестор. Книгата излезе од печат на македонски јазик во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Нема ништо посуштинско за нашето здравје и за нашата благосостојба од дишењето: внесување воздух, па испуштање, и така дваесет и пет илјади пати на ден. Сепак, како вид, луѓето во голема мера ја имаат изгубено способноста за правилно дишење – што со себе носи тешки последици. Новинарот Џејмс Нестор патува низ светот за да открие што тргнало наопаку со дишењето и бара начини како да го поправи тоа. Одговорите не се наоѓаат во пулмолошките лаборатории, како што би можеле да очекуваме, туку во калливите останки на древни гробишта, тајните советски објекти, хорските училишта во Њу Џерси и на магливите улици на Сао Пауло. Нестор им влегува во трагата на луѓе кои ја истражуваат скриената наука зад низа древни практики на дишење, како пранајама, сударшан крија и тумо, и се здружува со други пулмонаути како него, за да ги тестира научно долгогодишните верувања во однос на тоа како дишеме. Потпирајќи се и на медицински текстови стари илјадници години и на неодамнешни врвни студии во пулмологијата, психологијата, биохемијата и човечката физиологија, „Здив“ извршува темелно превреднување на она што сме мислеле дека го знаеме за нашата најосновна биолошка функција. Веќе никогаш нема да дишете исто.

Книгата „Здив: нова наука за една загубена уметност“ е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн https://www.literatura.mk.

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14923

6. „ЗЕН: Уметноста на едноставното живеење“ од Шунмио Масуно

Преку јасни, практични лекции и лекции што се учат лесно – по една на ден во текот на сто дена – познатиот будистички свештеник Шунмио Масуно евоцира мудрост стара со векови за да ви покаже како да ја применувате суштината на зен-будизмот во модерното живеење. Тука ќе научите како длабоко да издишувате за да ги исфрлите негативните емоции, како да го средувате својот дом едноставно, што ќе ви помогне да ги расчистите вашите мисли, да ги подредувате обувките навечер за да внесете ред во вашиот ум, да засадите едно цвеќе и да гледате како расте, помалку да се грижите за она што не можете да го контролирате и уште многу други нешта... Дури и ќе си создадете време за да не размислувате за ништо. Поедноставете си го животот со уметноста на зен-будизмот и научете како да се чувствувате порелаксирано, поисполнето и со обновено чувство на мир и спокој.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=13682

7. „Е, баш ме заболе“ од Марк Менсон

Во оваа книга-водич за самопомош, што дефинира една цела генерација, авторот, кој е суперѕвезда во блогерските кругови, не нè замајува со глупости од типот дека постојано треба да се обидуваме да бидеме „позитивни“, за да станеме навистина подобри и посреќни луѓе. Веќе со децении ни се сервира тезата дека позитивното мислење е она клучното што води кон среќен и исполнет живот. Но, Марк Менсон вели: „Море, кој ја ’врти‘ позитивноста. Да бидеме искрени – нештата се зафркнати, но немаме друг избор освен да живееме со нив онакви какви што се“. На неговиот многу популарен блог на интернет, Менсон ниту ја бојадисува стварноста во розово, ниту ја заобиколува. Тој ги изложува работите токму онакви какви што се, што е една вистинска доза необработена, свежа и искрена вистина – нешто што денес навистина ни недостига. Менсон ја изнесува и ја брани тезата дека луѓето, според природата на работите, се суштества со свои мани и ограничувања. „Не може секој да биде исклучителен – општеството е сочинето од победници и губитници, а нешто од сето тоа ниту е фер, ниту, пак, е по твоја вина.“ Неговиот совет до нас е да си ги препознаеме и да ги спознаеме нашите ограничувања и да ги прифатиме – и дека токму тоа, вели тој, е вистинскиот извор на моќ со кој можеме да се стекнеме. Откако еднаш ќе ги прифатиме нашите стравови, грешки и несигурности – откако ќе престанеме да бегаме и да ги избегнуваме болните вистини, туку ќе почнеме да се соочуваме со нив – дури тогаш можеме и да тргнеме во потрага по храброста и самоувереноста по кои трагаме толку очајно.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“, како и онлајн на следниот линк:

https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=13453

8. „Астрофизика за луѓе кои немаат време“ од Нил Деграс Тајсон

Каква е природата на просторот и времето? Кое е нашето место во универзумот? Кое е местото на универзумот во нас? Ова е најдобриот водич во потрагата по одговорите на овие прашања што го зашеметуваат умот, напишан од познатиот астрофизичар и популарен автор Нил Деграс Тајсон. Но, современиот човек речиси и да нема време да размислува за вселената. Затоа, Тајсон пишува на оваа тема со разбирлив и лесно читлив стил, правејќи ги и најсложените вселенски концепти достапни за оние што немаат време. Додека чекате да се свари утринското кафе или да дојде автобусот, „Астрофизика за луѓе кои немаат време“ ќе ви го каже само најнеопходното за разбирање на вестите од областа на вселенските науки, но и за информирано учество во разговори на таа тема. Ќе знаете интелигентно да зборувате за Големата експлозија, црните дупки, кварковите и квантната физика, за откривањето нови планети и потрага по вонземски живот. Оваа книга речиси гарантирано ќе ги прошири вашите перспективи и ќе ги збогати вашите знаења, и тоа на начин што ќе ве предизвика да посакате уште.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“, како и онлајн на следниот линк: https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=13595

9. „Уметноста на создавање спомени“ од Мајк Викинг

Мајк Викинг, кој е истражувач на среќата и најпродаван автор на „Њујорк тајмс“, во книгата „Уметноста на создавање спомени: како да создавате и да помните среќни моменти“ открива како да создавате и да помните среќни моменти, кои го прават животот посладок.

Секоја година имаме на располагање фиксен број денови. Некои денови нè одминуваат не оставајќи никаква трага зад себе, а некои ги помниме засекогаш. Дали го паметиш првиот бакнеж? Или највкусниот оброк? Или мирисот на свежо потстрижената трева на совршен летен ден? Кога нашите сетила се стимулирани, кога ќе ја искористиме моќта на првите искуства и кога сме свесни за сопствените чувства и емоции, полесно ќе ги зачуваме нашите среќни спомени. Повикувајќи се на научни истражувања на среќата, Мајк Викинг нè учи како да создаваме среќни спомени и како полесно да ги задржиме. Користејќи податоци и дневници, прашалници, глобални анкети и истражувања, научни осврти на однесувањето и експерименти со среќата, „Уметноста на создавање спомени“ ќе ни објасни како да создадеме совршени моменти. Моменти што ќе ги запаметиме засекогаш. Моменти што ќе ја обликуваат нашата личност.

Книгата е веќе достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн преку https://www.literatura.mk.

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14748

10. „Да се смислува и да се талка: збирка размисли од Џеф Безос“

Како најбогатиот човек во светот, Џеф Безос, ги развива своите идеи? По кои принципи се води американскиот интернет-претприемач, деловен и медиумски магнат и инвеститор? Која е тајната на неговиот огромен успех во бизнисот? На овие и на уште многу прашања поврзани со основачот на меѓународната технолошка компанија „Амазон“, одговара новата книга „Да се смислува и да се талка: збирка размисли од Џеф Безос“. Автор на воведот е Волтер Ајзаксон, некогашен уредник на „Тајм“, и автор на биографиите за Стив Џобс, Бенџамин Френклин, Хенри Кисинџер, Леонардо да Винчи, Алберт Ајнштајн и други.

Со оваа фасцинантна збирка на записи од Џеф Безос – оригиналните годишни обраќања до акционерите, заедно со многубројни говори и интервјуа што го откриваат неговиот живот, работа и развојот на неговите идеи – ќе ја разберете заднината на неговиот феноменален успех во деловниот свет.

Опфаќајќи многу теми од областа на бизнисот и политиката, од иновациите и опседнатоста со корисниците, па сè до климатските промени и освојувањето на вселената, оваа книга нуди редок увид во начинот на размислување на Безос, но и поглед во блиската иднина во чиешто обликување тој непосредно учествува. Книгата е напишана во директен, јасен стил и содржи неизоставни лекции за бизнис-вредностите, стратегијата и извршувањето на деловните замисли.

Покрај тоа, авторот на читателот му нуди и необично јасни и разбирливи излагања на многу поими од областа на бизнисот, финансиите, јавните политики, објаснети на оригинален и лесно сфатлив начин од страна на еден од најбогатите луѓе во историјата на човештвото.

Книгата е достапна во книжарниците „Литература.мк“, како и онлајн преку https://www.literatura.mk.

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14912

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

array(0) {
}
Memory Consumption is: 8.44 MB