Топ листа

Џабе живиш у Скопје e најпродаванa книгa во Литература.мк од областа на нефикцијата

10.03.2023.
Џабе живиш у Скопје e најпродаванa книгa во Литература.мк од областа на нефикцијата

Новата книга од Зоран Спасов Ѕоф, „Џабе живиш у Скопје“, се најде на врвот на листата со најпродавани книги во „Литература.мк“, во февруари 2023 година. Овој т.н. „водич до сигурна смрт од смеење“, за многу кратко време по промоцијата во декември 2022 година стана најбаран наслов во сите поголеми книжарници.

На топ 10 листата со најпродавани книги од областа на нефикцијата се „Животот на нашата планета“ од Дејвид Атенборо, новата книга од Опра Винфри, „Што ти се случило?“, како и мотивациските бестселери: „Гласот во нашата глава, зошто е важен и како да го користиме“ од Итан Крос, „Нашиот луд мозок: што навистина ни подготвува умот“ од Дин Бурнет, „Е, баш ме заболе“ од Марк Менсон и „Не слушате кога ви зборуваат: Што пропуштате да слушнете и зошто е важно тоа“ од Кејт Марфи. Читателите многу го бараа и водичот за поквалитетен живот „Уметноста на создавање спомени“ од Мајк Викинг, како и романот „Истанбул: Сеќавањата и градот“ од Орхан Памук.

1. „Џабе живиш у Скопје“ од Зоран Спасов Ѕоф

„Џабе живиш у Скопје: водич до сигурна смрт од смеење“ е збирка актуелни, изумрени и подзабораени поими, фрази, изрази, идиоми, апсурди, фазони, афоризми, синоними, топоними, акроними, криптоними и многу други „–ними“. Книгава е локализирана у покушај да се долови хајлевел шегобијноста на скопјаните, бидејќи авторот е чврсто убеден дека ние Македонците (заедно со Србите) имаме најбољи хумор у свет. Дел од изразите се користат поише од петсто години, дел стотина, дел од 1945 година, па навака, дел откако Тито го заболе ногата, дел откако Кљусев искочи на бина… Авторот ги реактуелизира со цел да се разбудат и расталасаат некои чувства што дугачко време дремат у латентна состојба. Оваа книга е вивисекција на скопските: (не)култура, историја, менталитет, хумор и јазик, но и одолжување на авторот на неговото Скопје.

Книгата, како и претходните хит-романи на Ѕоф: „Торонто експрес“ и „Тито, мојот претпоследен херој“, е во издание на „Попули“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Дизајнот на корицата е на стрип-авторот Михајло Димитриевски – Тxе Мичо.

Книгата „Џабе живиш у Скопје“ е достапна во сите поголеми книжарници и онлајн преку https://www.literatura.mk.

https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14970

2. „Животот на нашата планета“ од Дејвид Атенборо

Земјата ја делиме со другите животни и со растенијата – најсовршениот замислив систем за одржување на животот, конструиран милијарди години. Стабилноста на планетата почна да се губи паралелно со намалувањето на разновидноста на живиот свет – овие две нешта се меѓусебно поврзани. Затоа, за да ја обновиме стабилноста на планетата, мораме да го обновиме биодиверзитетот, токму она што го уништуваме сега. Тоа е единствениот излез од кризата што ја предизвикавме самите. Мораме да ја вратиме дивината во светот. Ова е пораката што најпознатиот британски автор на природонаучни филмови, сер Дејвид Атенборо, ни ја испраќа преку својата книга „Животот на нашата планета“, која неодамна излезе од печат во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Дејвид Атенборо речиси седум децении има богата кариера како природонаучник и телевизиски презентер. Патувал во најоддалечените краеви на светот, каде што одблизу снимал диви животни во нивните природни живеалишта. Во книгата тој зборува за својата кариера како презентер, филмски продуцент и историчар на природата, но и за изумирањето на дивините и зголемувањето на јаглеродни емисии во истиот период. Атенборо предупредува на последиците од антропогените климатски промени и намалувањето на биодиверзитетот со кои ќе се соочиме во блиска иднина, но истовремено и предлага конкретни промени во нашиот општествен и стопански живот со кои би можеле да ја спречиме претстојната катастрофа. Со тоа, овој вљубеник во природата се фокусира на убавината на планетата на која живееме, но и нуди чекори со кои ќе го зачуваме нашиот дом.

Атенборо е познат и како автор и презентер на документарниот серијал „Живот“ (Life), што го работел заедно со „Би-би-си“ и претставува детален поглед на животинскиот и растителниот свет на Земјата. Тој е единствениот човек кој има добиено награди БАФТА за емисии во црно-бела техника, во колор, во ХД, 3Д и 4K. Додека неговата работа на почетокот повеќе е фокусирана на природниот свет, неговите понатамошни активности се насочени кон поддршка на теми врзани со зачувување на природата. Во 1985 година ја добива високата титула „сер“, а документарниот филм и книгата „Живот на нашата планета“, објавени во 2020 година, се негово сведоштво за неговиот живот и за иднината.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“, како и онлајн на следниот линк:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14714

3. „Гласот во нашата глава, зошто е важен и како да го користиме“ од Итан Крос

Итан Крос е наградуван психолог кој во оваа книга ни ги открива скриените моќи на нашиот внатрешен глас и ни покажува како да го искористиме во борбата со анксиозноста, како да си го подобриме психичкото и менталното здравје и како да ги продлабочиме нашите врски со другите. Кажете му на странец дека разговарате со себеси, мошне веројатно е дека ќе ве смета за ексцентрик. Кога разговараме со себеси, често се надеваме дека ќе го поттикнеме нашиот внатрешен тренер, но наместо тоа, го поттикнуваме нашиот внатрешен критичар. Кога се соочуваме со тешка задача, нашиот внатрешен тренер нè охрабрува: Ајде, го можам тоа! Но, исто толку често, нашиот внатрешен критичар нè обесхрабрува: Нема да успеам. Сите ќе ми се смеат. Која е поентата? Крос ги истражува тивките разговори што ги водиме со себе. Испреплетувајќи ги револуционерните проучувања на мозокот што ги спроведувал во неговата лабораторија со конкретни студии на случај, тој објаснува како внатрешните разговори ги обликуваат нашите животи, работа и врски. Тој предупредува дека препуштањето на негативни и дезориентирачки разговори со себе – што тој ги нарекува „брборење“ – можат да ни го нарушат здравјето, да ни го „спуштат“ расположението, да ни ги ограничат социјалните конекции и да почнеме да попуштаме под притисокот.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“, како и онлајн на следниот линк: https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14746

4. „Што ти се случило?“ од Опра Винфри и Брус Д. Пери

Бестселерот број 1 на „Њујорк тајмс“, „Што ти се случило: разговори за траумите, за отпорноста и исцелувањето“ од Опра Винфри и Брус Д. Пери ќе го промени начинот на кој го гледате вашиот живот. Дали некогаш сте се прашале „Зошто го направив тоа?“ или „Зошто не можам да го контролирам моето однесување?“ Другите можат да ги осудат нашите реакции и да помислат „Што не е во ред со оваа личност?“ Кога ги преиспитуваме нашите емоции, лесно е да ја лоцираме вината во себе; себеси и на другите околу себе да им поставуваме невозможни стандарди. Време е да почнеме да си поставуваме поинакво прашање.

Низ длабоко лични разговори, Опра Винфри и реномираниот експерт за трауми и мозок д-р Брус Пери нудат револуционерна и длабока промена, прашувајќи „Што е со тебе“ или „Што ти се случило?“

Нашите најрани искуства далекосежно ги обликуваат нашите животи и „Што ти се случило?“ обезбедува моќни научни и емоционални сознанија за моделите на однесување што многумина од нас се борат да ги разберат.

Во оваа книга, Винфри споделува приказни од сопственото минато, сфаќајќи ја од искуството ранливоста што доаѓа поради соочувањето со трауми од раното детство. Здружувајќи ги силите со д-р Пери, еден од водечките експерти за деца и развој на мозокот, тие ја спојуваат моќта на раскажувањето приказни со науката за да ги разберат подобро и да ги надминат ефектите од нашето минато.

Во разговорот низ книгата, двајцата се фокусираат на разбирањето на луѓето, на однесувањето и на нас самите. Тоа е суптилна, но длабока промена во нашиот пристап кон траумата и тоа е она што ни овозможува да го разбереме нашето минато за да го расчистиме патот кон нашата иднина – отворајќи ја вратата за издржливост и заздравување на докажан, моќен начин.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“, како и онлајн на следниот линк:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=15009

5. „Уметноста на создавање спомени“ од Мајк Викинг

Мајк Викинг, кој е истражувач на среќата и најпродаван автор на „Њујорк тајмс“, во книгата „Уметноста на создавање спомени: како да создавате и да помните среќни моменти“ открива како да создавате и да помните среќни моменти, кои го прават животот посладок.

Секоја година имаме на располагање фиксен број денови. Некои денови нè одминуваат не оставајќи никаква трага зад себе, а некои ги помниме засекогаш. Дали го паметиш првиот бакнеж? Или највкусниот оброк? Или мирисот на свежо потстрижената трева на совршен летен ден? Кога нашите сетила се стимулирани, кога ќе ја искористиме моќта на првите искуства и кога сме свесни за сопствените чувства и емоции, полесно ќе ги зачуваме нашите среќни спомени. Повикувајќи се на научни истражувања на среќата, Мајк Викинг нè учи како да создаваме среќни спомени и како полесно да ги задржиме. Користејќи податоци и дневници, прашалници, глобални анкети и истражувања, научни осврти на однесувањето и експерименти со среќата, „Уметноста на создавање спомени“ ќе ни објасни како да создадеме совршени моменти. Моменти што ќе ги запаметиме засекогаш. Моменти што ќе ја обликуваат нашата личност.

Книгата е веќе достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн преку https://www.literatura.mk.

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14748

 6. „Е, баш ме заболе“ од Марк Менсон

Во оваа книга-водич за самопомош, што дефинира една цела генерација, авторот, кој е суперѕвезда во блогерските кругови, не нè замајува со глупости од типот дека постојано треба да се обидуваме да бидеме „позитивни“, за да станеме навистина подобри и посреќни луѓе. Веќе со децении ни се сервира тезата дека позитивното мислење е она клучното што води кон среќен и исполнет живот. Но, Марк Менсон вели: „Море, кој ја ’врти‘ позитивноста. Да бидеме искрени – нештата се зафркнати, но немаме друг избор освен да живееме со нив онакви какви што се“. На неговиот многу популарен блог на интернет, Менсон ниту ја бојадисува стварноста во розово, ниту ја заобиколува. Тој ги изложува работите токму онакви какви што се, што е една вистинска доза необработена, свежа и искрена вистина – нешто што денес навистина ни недостига. Менсон ја изнесува и ја брани тезата дека луѓето, според природата на работите, се суштества со свои мани и ограничувања. „Не може секој да биде исклучителен – општеството е сочинето од победници и губитници, а нешто од сето тоа ниту е фер, ниту, пак, е по твоја вина.“ Неговиот совет до нас е да си ги препознаеме и да ги спознаеме нашите ограничувања и да ги прифатиме – и дека токму тоа, вели тој, е вистинскиот извор на моќ со кој можеме да се стекнеме. Откако еднаш ќе ги прифатиме нашите стравови, грешки и несигурности – откако ќе престанеме да бегаме и да ги избегнуваме болните вистини, туку ќе почнеме да се соочуваме со нив – дури тогаш можеме и да тргнеме во потрага по храброста и самоувереноста по кои трагаме толку очајно.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“, како и онлајн на следниот линк:

https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=13453

7. „Нашиот луд мозок: што навистина ни подготвува умот“ од Дин Бурнет

Невронауката ни дава забавни и интригантни одговори на прашањата зошто понекогаш нашиот сопствен мозок нè саботира. Поради што губите во расправите со луѓе кои знаат многу помалку од вас? Зошто никогаш не можете да се сетите на името на жената со која штотуку сте разговарале, иако сте ја препознале и точно знаете која е таа и кој ве запознал со неа? И зошто, откако неодамна сте ја прекинале врската, со денови лежите склопчени на каучот, движејќи се само повремено да ги избришете солзите и носот, кој ви тече?

На овие и на уште многу интересни прашања, поврзани со „однесувањето“ на нашиот мозок, одговара неврологот и комичар Дин Бурнет во својата книга „Нашиот луд мозок: што навистина ни подготвува умот“. Во книгата тој вели дека на сите ни се случува да влеземе в кујна или да го отвориме лаптопот или самоуверено да застанеме на говорница и одеднаш да немаме поим што сме сакале да направиме. А сето тоа благодарение на тоа што мозокот решил да прави глупости. Човечкиот мозок – толку блескаво паметен, толку високоразвиен – е особено збунет, погрешлив и неорганизиран. Дали знаете, на пример, дека вашето паметење е егоцентрично? Дека теориите на заговор и суеверието неизбежно се дел од еден здрав човечки мозок? Или дека алкохолот во извесна мера може да ви го подобри паметењето (само внимателно прочитајте ја книгава пред да решите лично да се уверите во ова)?

Во книгата „Нашиот луд мозок“ Бурнет нè запознава со таинствената сива (и бела) материја, толку склона да прави будалштини и попатно ни го објаснува несовршенството на величествениот човечки мозок и како тоа несовршенство влијае на сè што правиме, говориме, доживуваме. Стручна, духовите и забавна, оваа книга им е наменета на сите што понекогаш се прашуваат зошто родениот мозок им го саботира животот или што повторно смислил сега.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14948

8. „Истанбул: Сеќавањата и градот“ од Орхан Памук

„Истанбул“ е прекрасен омаж, каков што и му прилега на овој голем град. Евокативна и документаристичка, автобиографска и историска, Орхан Памук во оваа книга пишува прекрасна „песна“ за градот во кој се родил и во кој сè уште живее и пишува. Тој ни раскажува за детството, за елитното средно училиште, за архитектонскиот факултет, за неговите родители и омилената баба, но истовремено зборува и за сликарот Мелинг и неговите прекрасни слики на Истанбул, за патописите на Нервал, Готје и Флобер и, секако, за прекрасниот Босфор. Перспективата постојано се стеснува и сe проширува и никогаш не е здодевна, зашто меланхоличниот хузун, што ги обвива страниците на оваа книга, ни зборува еднакво на сите – иако не живееме во Истанбул.

Орхан Памук е можеби најпознатиот современ турски писател, добитник на Нобеловата награда за литература во 2006 година. Неговите дела се занимаваат со соочувањата помеѓу Истокот и Западот, со проблемите на уметноста и на идентитетот, а честопати се споредувани со оние на Џојс, Набоков и Маркес.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=13665

9. „Не слушате кога ви зборуваат: Што пропуштате да слушнете и зошто е важно тоа“ од Кејт Марфи

Кога последен пат навистина сте слушале некого додека зборува? Кога последен пат некој вас навистина ве слушал? На работа нè учат како да водиме конверзација. На социјалните мрежи формираме сопствени наративи. На забавите дискутираме едни со други. И нашите политичари, исто така. Не ги слушаме другите кога зборуваат. И никој не нè слуша нас. Да, живееме во свет во кој технологијата ни овозможува непрекината дигитална комуникација и можности за поврзување, но се чини како всушност никој да не слуша никого, дури не ни знае како се прави тоа. Во оваа мудра и духовита книга Кејт Марфи, соработничка на „Њујорк тајмс“, темелно истражува и ни објаснува зошто веќе не умееме да се слушаме едни со други, како тоа ни влијае и како можеме да ја повратиме таа умешност. Сознанијата од областа на психологијата, невронауката и социологијата на слушање авторката ни ги претставува вешто и јасно покажува дека навистина го сослушала и чула она што Сузан Кејн го говореше во книгата „Тивките луѓе за интровертните“. Време е да престанеме да зборуваме и да почнеме да слушаме.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14747

10. „Океј сум! Помагајте!“ од Анабел Ривкин и Емили Мекмикан

Оваа книга дава свеж поглед на моќта и потенцијалот на жените: духовити, дигитално писмени и исклучително неспокојни. Идејата потекнува од колумната насловена како „Будалеста зрелост“ од која подоцна Ривкин и Мекмикан ја развија истоимената интернет-страница за да го променат имиџот на средната доба, како контраудар на угнетувањето базирано на вежби, рецепти и сосредоточеност на шпоретот. Значи, ова е книга полна со совети како да се води „несовршен живот“. Опсегот на теми со кои се занимаваат тие е голем – од кариерата до мајчинството, од сите сеќавања и искуства што си ги собрала до грешките што си ги правела, оние поради кои жалиш и оние на кои си благодарна, од држењето диети и диктатот како треба да изгледаш до конечното ослободување. Ова не е прирачник за тоа како да живееш и што да правиш, главната порака е: не сме совршени, но тоа е океј. Животот и не е толку лош кога знаеш дека и другите се во истиот сос.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14750

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

array(0) {
}
Memory Consumption is: 8.48 MB