Топ листа

Жолти чорапи е најбараното издание за деца во Литература.мк во февруари

07.03.2023.
Жолти чорапи е најбараното издание за деца во Литература.мк во февруари

Новата сликовница посветена на чувствата, „Жолти чорапи“ од Билјана Лотеска, е најпродаваното издание за деца во „Литература.мк“ во февруари. На втората позиција на топ 10 листата се најдоа двете нови книги од авторката на популарниот серијал „Исидора Мун“, Хариет Мункастер: „Мирабела прави палавости“ и „Мирабела ги крши правилата“. Следуваат „Шах за деца“ од Сабрина Шеванес и четирите сликовници на младата авторка Маја Мишевска („Мравката Тони“, „Бумбарот Боби“, „Гасеницата Кики“ и „Бувот Оли“) и „Исидора Мун и ѕвездата паѓалка“ и „Исидора Мун слави роденден“. Меѓу најкупуваните е и читанката „Детелинки-белинки“ од група автори, која беше промовирана во февруари, за време на Деновите на литературата. Следуваат сликовниците од едицијата „Нови бајки од Македонија“: „Бакнежот на пролетта“ и „Осаменото дрво“, лектирното издание „Мери Попинс“ од П. Л. Траверс и едукативните илустрирани книги за најмладите „Другарска азбука“ и „Кула од бројки“. Во продолжение проследете ги содржините на најпродаваните топ 10 книги за деца објавени под „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“.

1. „Жолти чорапи“ од Билјана Лотеска

„Жолти чорапи“ е топла, лирска приказна за препознавање на чувствата кај децата раскажана на лесен, забавен и симболичен начин преку вселувањето на добродушниот Бувко во една нова шума. Сакајќи да се запознае и да се спријатели со соседите, Бувко секому му подарува соодветен подарок и на крајот сите животни стануваат посреќни.

„Жолти чорапи“ поттикнува на запознавање и го негува пријателството. Децата, освен што можат да уживаат во оваа приказна, можат и да учествуваат во неа преку работниот додаток на крајот од сликовницата. Сликовницата е збогатена со илустрации на Катерина Трајановска.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14968

2. „Мирабела прави палавости“ и „Мирабела ги крши правилата“

Семејството на Мирабела е посебно, а сите љубители на Исидора Мун веројатно веќе ја познаваат, затоа што Мирабела е братучетка на Исидора Мун! Исидора и Мирабела имаа авантури и претходно, но овде првпат таа ќе биде главен лик во новите приказни.

Мирабела е половина вештерка, половина самовила, целосно палава. Мирабела живее со мајка ѝ, која е вештерка, татко ѝ, кој е виленик, и брат ѝ Вилбур. Нејзино милениче е малото виолетово змејче – Виолета. Обожава да прави вештерски магии под месечевата светлина, исто колку што ги обожава и природата и самовилската магија.

Во „Мирабела прави палавости“ на Мирабела ѝ е забрането да ги понесе своето вештерско волшебно стапче и котелот на традиционалниот самовилски собир... но таа не прави секогаш како што ѝ е кажано... всушност, Мирабела баш ужива да прави палавости каде и да оди. Освен тоа, што би можело да тргне наопаку ако направи малкуцка вештерска магија?!

Во „Мирабела ги крши правилата“ ветува дека нема да прави никакви бели во своето училиште за вештерки. Но, часот по правење волшебни напивки тргнува малку наопаку, а часот по летање се претвора во катастрофа. Набрзо, Мирабела запаѓа во голема неволја. Сепак, со помош на другарка ѝ Карлота, можеби ќе успее да ги поправи работите пред да си заминат дома.

Книгите за Мирабела можат да се најдат во книжарниците на „Литература.мк“ или да се нарачаат онлајн преку www.literatura.mk.

„Мирабела прави палавости“ https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=15026

„Мирабела ги крши правилата“ https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=15025

3. „Шах за деца“ од Сабрина Шеванес

Шахот ги развива аналитичките способности кај децата и го поттикнува нивниот здрав натпреварувачки дух. Истовремено, на децата им нуди забава.

Оваа книга со симпатични цртани ликови е одличен начин децата да научат да играат шах. Филип и Маја – две темпераментни дечиња вљубени во шахот – објаснуваат сè: какви фигури има, што прави секоја од нив, отворањето, средината и завршницата на партијата, како се дава мат, како и шаховски итроштини со кои се победува. Книгата е срдечна, забавна и заслужува место на детската полица за книги.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=13588

4. „Мравката Тони“, „Бумбарот Боби“, „Гасеницата Кики“ и „Бувот Оли“

Едицијата „Железница на чувствата“, во рамките на импринтот „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, се збогати со нови четири сликовници за деца над петгодишна возраст, од авторката Маја Мишевска. Станува збор за „Мравката Тони“, „Бумбарот Боби“, „Гасеницата Кики“ и „Бувот Оли“. Живописните илустрации се авторско дело на познатиот и светски афирмиран илустратор Михајло Димитриевски – Тхе Мичо.

Секоја од четирите отпечатени сликовници (од вкупно седум) пренесува една силна поентичка. Па, така, во „Мравката Тони“ се зборува за упорноста како многу важна особина што се здобива од најмала возраст. Бумбарот Боби, пак, од истоимената сликовница ни ја носи пораката за важноста на другарството и на љубезноста. Кики е многу дружељубива гасеница, желна да си најде сродно друштво.

На бувот Оли му е најтешко од сите животни во шумата, затоа што сите мали животинки неосновано се плашат од нивниот сожител, само затоа што е птица на темнината.

Сликовниците се достапни во сите книжарници „Литература.мк“, со можност да се нарачаат и онлајн на следниот линк:

https://www.literatura.mk/ListBooksByAuthor.aspx?aut=9182

5. „Исидора Мун и ѕвездата паѓалка“ и „Исидора Мун слави роденден“

Во новата, возбудлива приказна, Исидора една ноќ здогледува ѕвезда паѓалка што паѓа од небото и запознава нова светлечка другарка. Таа се вика Нова и не требало да падне на Земјата. Притоа, го загубила своето месечево мачорче Плутон! Тргнуваат во потрага што се претвора во незаборавна авантура. Откријте дали Исидора ќе ѝ помогне на Нова да го најде загубеното мачорче пред да се врати дома?

Во „Исидора Мун слави роденден“ Исидора со нетрпение го очекува својот роденден. Но, кога роденденската забава ја организираат мајка ѝ и татко ѝ, забавата нема да биде како оние на кои била досега.

Книгите се достапни во сите поголеми книжарници и онлајн на следните линкови:

„Исидора Мун и ѕвездата паѓалка“ https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14950
„Исидора Мун слави роденден“ https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=13125

6. „Детелинки-белинки“ од група автори

Книгата за деца „Детелинки-белинки: современи бајки со четири листенца“ содржи шеснаесет современи бајки од 15 македонски автори. Изборот на бајките во оваа збирка е направен од пристигнатите материјали на конкурсот за новосоздадени бајки на Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – „Браво сине!“ и издавачката куќа „Арс Ламина“, спроведен во 2020 година. Во книгата се застапени бајки од нови, но и од веќе етаблирани автори: Билјана Станковска („Авантурите на едно мракче“), Владо Димовски („Во земјата на белите облачиња“), Анета Ристеска („Вин-вин“), Клементина Петрушевска („Часовникот на Симон“), Мартина Дукоска („Детелинки-белинки“), Светлана Дарудова („Бајка за Нова година“ и „Талкачката“), Анита Димовска („Зелената кралица“), Биљана Стојановска („Змејот од Пелистер“), Ана Ѓорѓевиќ („Горделивата жирафа“), Марија Ралповска („Волкот Пуи“), Мимоза Тодоровска („Волшебен лет“), Владо Јаневски („Папагалот и кучето“), Алма Растодер („Магијата на другарството“), Ана Гаштарова („Не е добро да се лаже!“) и Весна Кираџиева („Авантурите на Трепколетка“).

Приказните се наредени во четири циклуси – како четири листенца на „среќната“ детелинка. Овие современи бајки ја збогатуваат домашната литература за деца. Некои од нив се случуваат и во наше време, на наши предели и со препознатливи ликови од нашето опкружување, со што уште повеќе им се приближуваат на малите големи читатели.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“, како и онлајн, преку https://www.literatura.mk.

https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14928

7. „Осаменото дрво“ и „Бакнежот на пролетта“

„Бакнежот на пролетта“ од писателката Елизабета Баковска и „Осаменото дрво“ од Нина Максимова се дел од едицијата „Нови бајки од Македонија“, кои излегоа од печат во издание на Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – „Браво сине!“ и издавачката куќа „Арс Ламина“.

Во една земја, на крајот од последната улица на едно гратче, во една малечка куќичка под еден рид, живееше едно девојче со баба си. Откако знаеше за себе, девојчето секое утро седеше покрај прозорецот и гледаше надвор. Во дворот пред куќичката сѐ беше бело, а голите гранки на дрвјата на ридот беа клапнати под тежината на снегот, зашто надвор секогаш беше зима... Ова е воведот во приказната во „Бакнежот на пролетта“.

„Осаменото дрво“ е повеќе од бајка за едно осамено дрво, тоа е приказна за растењето, за трансформацијата, себеприфаќањето и другарството... Во неа може да се најде и еко-порака.

Книгите се достапни во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://literatura.mk/ListBooksforCategory.aspx?cat=172&displayName=%D0%91%D0%B0%D1%98%D0%BA%D0%B8%20%D0%BE%D0%B4%20%D0%9C%D0%B0%D0%BA%D0%B5%D0%B4%D0%BE%D0%BD%D0%B8%D1%98%D0%B0

8.  „Мери Попинс“ од П. Л. Траверс

Мери Попинс е необична англиска гувернанта која би посакало да ја има секое дете! Долетува во Лондон со помош на ветерот од исток право во домот на семејството Бенкс, на Црешовата уличка број 17, за да се грижи за нивните четири деца. Мери Попинс има волшебна торба и чадор од кој не се дели. Се појавува од никаде, внесува радост и авантура во животите на децата, а нејзините магични моќи можат и неможното да го направат можно!

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“, како и онлајн, преку :

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=13547

9.  „Хари Потер и Каменот на мудроста“ од Џ. К. Роулинг

Еден обичен ден во домот на Дарслиеви, на Привет драјв, бр. 4, стигнува писмо за момчето во креденецот под скалите, Хари Потер. По многуте обиди на тетин Вернон да ги скрие писмата што постојано доаѓаат, една вечер на вратата се појавува Рубеус Хагрид од „Хогвортс“, училиштето за вештерство и волшебништво, и му вели на Хари дека е волшебник. Тогаш почнуваат авантурите на Хари и неговите пријатели, но влогот е голем − целиот волшебнички свет е во опасност.

Книгите од серијалот „Хари Потер“ се достапни во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на: https://bit.ly/3mJoQVw

10. „Кула од бројки“ и „Другарска азбука“

„Кула од бројки“ од Христина Шеќероска, со илустрации на Андреј Лавчански, е весела сликовница во рима од едицијата „Сезнајковци“. Со неа децата игриво влегуваат во светот на бројките. На забавен, шаренолик начин, преку стихови, гатанки, досетки и патокази, спонтано се совладуваат учењето и пишувањето на броевите од 1 до 10. Сликовницата може да се персонализира со испишување на името на детето на почетокот, но и со вежбање на правилното пишување на бројките во малиот, подзаборавен потсетник на краснописот на дното од секоја страница.

Сликовницата „Другарска азбука“ од Снежана Петрова-Џамбазова, со илустрации од Ивана Јовановска, ќе ве внесе во светот на буквите, на пишувањето, на запознавањето со кирилицата. Во оваа интересна книга за деца, на забавен и на шаренолик начин преку римувани строфи ќе дознаете повеќе за другарството, за заемните игри, понекогаш и за работните задачи на момчиња и девојчиња чиишто имиња почнуваат со иста буква.

Книгите се достапни во сите поголеми книжарници и онлајн на следните линкови:

„Кула од бројки“ https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=15023
„Другарска азбука“ https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=13532

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

array(0) {
}
Memory Consumption is: 8.46 MB