Вистински и измислени луѓе и суштества, боси и наредени во долга редица, одат кај најдобриот чевлар на светот. Во неговиот дуќан има обувки за сите и никој никогаш не останал бос! Некој веднаш ќе ги најде совршените обувки за себе, друг ќе се реши за обувките за кои долго мечтаел, некој – за оние што му се најудобни, друг ќе избрза, ќе обуе сосем погрешни, па ќе ги собуе… Некој, за жал (или за среќа!), ќе мора да ги обуе последните обувки во дуќанот…
Ова е само една од приказните што може да се „прочита“ од првата нема сликовница во Македонија – „(С)обувки“, креирана по идеја на Оливера Ќорвезироска и со илустрации на Наталија Лукомска. Станува збор за сликовница без зборови што ја раскажува својата приказна исклучиво преку илустрации, оставајќи му целосна слобода на читателот сам да ја досоздаде. Иако нема ниту еден збор, од неа може да произлезат илјадници приказни, или онолку колку што ќе има читатели.
Книгата, која е во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, беше промовирана вчеравечер (20 февруари) во „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“, во рамките на „Денови на литературата“.
Покрај авторскиот тандем, на настанот учествуваа писателите Владимир Мартиновски, Елизабета Баковска, Ермис Лафазановски и Никола Маџиров, кои ја „прочитаа“ „(С)обувки“ на свој начин, со цел да им се помогне на децата и родителите во восприемањето на приказната. Но поентата останува иста – приказната да ја раскажуваат децата, со поддршка од возрасните, а не писателите. Истакнатите книжевници го потенцираа големото значење од објавувањето на првата нема сликовница кај нас, со што и Македонија се приклучува кон светските издавачки практики.
Ќорвезироска изјави дека „(С)обувки“ е експеримент создаден со радост и љубопитност – обид да се направи првиот чекор кон најмладиот илустративен жанр во светот. Како и секоја нема сликовница, и оваа мечтае да биде „прочитана“, иако во неа нема ниту еден единствен збор.
– Беше голем предизвик да се смисли приказна која ќе продолжи да функционира и кога ќе ѝ се одземат зборовите, кога ќе се сведе само на идеја, на патоказ за една креативна цртачка рака. Тоа е исто како да градите кула од карти, потоа внимателно да ги извадите картите, а кулата да си остане. Иако звучи речиси невозможно, апсолутно е возможно и се вика нема сликовница. Се создаваше бавно, се одземаа зборовите, обеззборената приказна му се предаваше на цртежот, на визуелниот наратив. Илустрациите на Наталија Лукомска вешто го презедоа раскажувањето, надополнувајќи го со детали, невидливи сенки на зборовите. Насловот на сликовницата дојде прв и, всушност, од него и почна сè. Тргнав од контрастниот пар глаголи обува и собува, кои немаат именска еквиваленција, зашто постои само именката обувка, но не и собувка. Едноставно, с-то од глаголот го пренесов на именката и добив збор што не постои, но граматички и семантички е сосем разбирлив, би рекла и логичен и игрив. Бидејќи во приказната има многу боси ликови, сосем природно се решив за заедничка множина и на обувка и на собувка – (С)ОБУВКИ. Визуелниот наратив не е конечен како раскажувањето со зборови. Тој е отворен и нуди речиси толку варијанти колку што има читатели. Секој може да ѝ ги враќа зборовите на приказната по своја мерка и желба (дури и на кој било јазик!) и тоа е вистинската придобивка и доблест на овој несекојдневен и возбудлив проект – рече Ќорвезироска, која нагласи дека реализацијата на ова дело е поттикната од идејата на главната уредничка Бранка Бугариска – да се објави првата нема сликовница во Македонија – и на добрата тимска работа во издавачката куќа „Арс Ламина“.
Оваа визуелна приказна нè води низ магична редица од обични луѓе и ликови од бајки и познати книжевни дела, кои боси чекорат кон најдобриот чевлар на светот. Таму секој ги пронаоѓа своите совршени обувки, освен девојчето од соседството, за кое остануваат чевли со високи потпетици. Но, на девојчето тие многу му се допаѓаат – ги обува и среќно излегува од приказната. На сличен начин бил и првиот опис/сценарио што Наталија Лукомска го добила од Ќорвезироска и, без приказна (текст), само по идеја, го понела најголемиот креативен товар – да создаде илустрации кои со својата содржина визуелно ќе ја раскажат приказната.
Лукомска откри дека првпат илустрира книга без зборови, иако е запознаена со концептот и со ваков тип сликовници. Признава дека на почетокот ѝ било тешко да замисли како ќе ѝ пристапи на приказна без текст.
– Сакав да ја доловам замислата на Оливера, но, како и секогаш, тоа што го цртам јас и крајниот ефект на илустрацијата е една моја приказна што тече паралелно со текстот (или сценариото, во случајов), го надополнува, го обвиткува, скршнува од него, отвора нови нишки на интерпретацијата. Разликата и најголемиот предизвик во случајов беше знаењето дека на крајот читателот ќе ја види само илустрацијата и таа, од една страна, треба да ја претстави идејата, но да не биде еднозначна и да отвори можност читателот сам да ја гради приказната, а ликовите и мотивите да го одведат по сосема друг пат, до сосема други завршетоци и поенти – рече таа.
Ликовите ги градела како костур на приказната, внимателно балансирајќи меѓу препознатливите атрибути и авторската слобода. Таа нагласува дека препознавањето на ликовите зависи од читателскиот багаж, но и дека е сосема во ред секој читател да создаде своја приказна. Според неа, токму тука лежи магијата на немата сликовница – во можноста за лична интерпретација и игра со имагинацијата.
За Лукомска, која е една од најактуелните илустраторки во моментов кај нас, „(С)обувки“ претставува убаво надополнување во нејзиното илустраторско творештво и поинаков, пофокусиран начин на визуелно раскажување.
– „(С)обувки“ е и мое надградување, особено со оглед на замислата, т.е. на линеарноста на илустраторското раскажување. Поразлична е од сè што сум цртала досега. Не знам дали би се нафатила да создадам авторска книга без текст – но авторска, лична и целосно моја – да. Многу сакам, веќе некое време активно размислувам за тоа, но постојано сум зафатена со други проекти, а сметам дека за тоа ќе ми треба повеќе простор и слободен ум.
Таа верува дека немите сликовници ја поттикнуваат имагинацијата, способноста за раскажување и симболичко мислење – не само кај децата, туку и кај возрасните. Книгата ја гледа како предизвик што ги повикува читателите активно да учествуваат во создавањето на значењето. Смета дека домашната публика е подготвена за ваков тренд, кој веќе е присутен во светот.
Немите, односно сликовниците без текст, се еден од најмладите жанрови на илустрирани книги. Тие се свежи, поттикнувачки и повеќекратно обединувачки: ги надминуваат јазичните бариери (бидејќи не користат јазик и не им треба превод), ги обединуваат децата и возрасните преку заедничко „читање“ и разгледување и овозможуваат културно поврзување преку универзалниот визуелен јазик. Овие дела суптилно ги претвораат децата слушатели во деца раскажувачи: се развива говорот, се збогатува речникот, се поттикнува чувството за структура на приказната (вовед, заплет, решение и заклучок), а воедно се развива визуелната писменост и разбирањето на невербалната комуникација. Деталите стануваат клучни – преку нивното препознавање и поврзување децата градат паралелни, самостојни приказни. Овие сликовници не нудат конечни одговори, туку отвораат простор за многу можни читања.
Сликовницата „(С)обувки“ веќе е достапна вокнижарниците на Литература.мк и онлајн преку www.literatura.mk
„(С)обувки“ – сликовница без ниту еден збор што инспирира илјадници приказни