Најнови изданија

Велко Неделковски: Мојата нова книга Симчо е литературен апел против алкохолизмот кој е присутен во нашето општество

06.05.2021.
Велко Неделковски: Мојата нова книга Симчо е литературен апел против алкохолизмот кој е присутен во нашето општество

Македонскиот автор Велко Неделковски неодамна го објави своето ново дело „Симчо“ во кое еден шестоодделенец се соочува со сериозен проблем во своето семејство – алкохолизмот на неговиот татко. Книгата е дел од едицијата „Читанки“ и е наменето за млади читатели, и покрај фактот што разработува горлива тема. „Симчо“ неодамна беше објавен во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, и е достапна во книжарниците на „Литература.мк“ или може да се нарача онлајн преку интернет-страницата www.literatura.mk. Со авторот Неделковски поразговаравме за новото дело и за темата што се одлучи да ја разработи.

* За овој ваш роман одбравте потресна тема за дете чијшто татко има проблем со алкохолот, а сепак книгата е наменета за детските читатели. Кој беше вашиот мотив и со каква цел ја создадовте книгата „Симчо“?

Да, приказната е слоевита и напишана е со моќен креативен и емотивен набој, до срцевината на горливата тема – алкохолизмот како зло што безочно рие и разорува. Не можев и не сакав авторски да ги затворам очите пред еден ваков предизвик. Мотив плус ми беше надежта дека јас, низ фабулата на романот, ќе понудам своевиден излез од тој безизлез. Приказната завршува со ветувачки надежен „хепи енд“. Малиот, а голем литературен јунак Симчо ги победува сите неволи, пречки и таги.

* Можете ли малку повеќе да ни откриете за ова дело, како и за процесот на создавање на приказната и за градење на овој детски лик?

„Симчо“ е урбан перифериски роман. Ги следи случувањата во едно наше просечно четиричлено семејство. Таткото е зависник од алкохолот, а тоа е генератор за разградување на семејната симбиоза. Тој и таков товар тежи врз кревките рамена на Симчо, ученик и секојдневен сведок на грди домашни сцени. Но, Симчо е борец! Тој е стожерен лик: мил, тивок, чувствителен. Не откривам повеќе за содржината, тоа им го препуштам на читателите.

* Дали сметате дека овој роман би можел да им помогне на децата кои се соочуваат со вакви проблеми во рамките на семејството и дали го имавте тоа на ум додека ја кроевте приказната?

Романот „Симчо“ е реалистичен исечок од нашето секојдневие. Секако, ќе им помогне на децата, но и на возрасните, успешно да ги пребродат ваквите порочни искушенија.

* Колку од вашата приказна е извадена од македонското општество и проблемите со кои се соочуваат денешните деца?

Реално, алкохолизмот е присутен и во македонското општество. Тој жилаво опстојува. Дел од младите луѓе, дали како свој предвремен показ на зрелоста, земаат чашка жесток пијалак в рака. Тоа е погрешно, тоа е опасно, нужна е осмислена кампања за превенција. Или силен и гласовит литературен апел, како што тоа го прави мојот роман „Симчо“.

* Велите дека Симчо наоѓа сила да се справи со неволите во кои е вовлечен од неправедниот однос на околината и од својот груб и неодговорен татко. Дали во секоја ваква детска приказна во земјава проблемот може да се лоцира и во околината која, наместо помош, дава осуда?

Околината обично воајерски молчи и набљудува, со прекор или со сочувство, но вистински реагира кога веќе е доцна. Не голи совети, потребна е конкретна помош. Од поединци, од организирани групи луѓе, од институциите на системот. Навреме да се лоцира опасноста и соодветно да се реагира со спектар заштитни мерки. Во тоа се лекот и спасот од овој порок.

* Вие сте исклучително активен писател и постојано создавате нови приказни за деца и за возрасни. На што работите во моментов?

Тукушто завршив еден свој нов краток роман за возрасни. Редактирам и стилизирам збирка мои хаику-песни, заедно со десетина портрет-акварели насликани од мене. Секако, следен мој проект ќе биде книга сказни за најмладите читатели.

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

12.
Jan.
Најнови изданија
„Рокчето“ е прва книга за деца на Никола Маџиров, еден од најистакнатите и најпреведуваните современи македонски поети во светот.
array(0) {
}
Memory Consumption is: 7.96 MB