За малите читатели

Светски ден на книгите за деца: Магијата на приказните со сликовниците од Арс Ламина

02.04.2023.
Светски ден на книгите за деца: Магијата на приказните со сликовниците од Арс Ламина

Со објавување на нови книги, читање приказни, креативни работилници, конкурси, кампањи за поттикнување на читањето и промотивни настани секоја година на втори април на глобално ново се одбележува Светскиот ден на книгите за деца. Овој празник на литературата за најмладите се одбележува од 1967 година, а воспоставен е во чест на роденденот на славниот данскиот книжевник и еден од најголемите писатели за деца Ханс Кристијан Андерсен (1805 – 1875).

Издавачката куќа „Арс Ламина“ оваа година го одбележува Светскиот ден на книгите за деца со повеќедневен настан со назив „Магијата на приказните“, во чијшто фокус се сликовниците за деца во издание на импринтот за детска литература „Либи“. За време на деновите на литературата за деца, кои почнуваат на втори април (недела) и ќе траат во текот на целиот месец април, ќе се одржат повеќе активности, чијашто цел е да им ги доближат сликовниците на сите деца. Планирани се работилници за деца со автори, илустратори и уредници на изданија за деца, наменети за предшколска и раношколска возраст, објава на нови сликовници, претставување/запознавање на авторите на новите изданија, низа промотивни активности, како и акции во продажните места со изданија од „Арс Ламина“.

Акцент ставаме на новите сликовници, од домашни автори и илустратори, кои со својот квалитет, концепт, визуелна и текстуална содржина ја збогатуваат македонската литература за деца.

Станува збор за изданија објавени во едициите „Сезнајковци“, „Железница на чувствата“, „Бајки од Македонија“ и најновата – „Љубов на прв збор“.

Со едицијата „Љубов на прв збор“ издавачката куќа „Арс Ламина“ реафирмира постари, класични дела на познати македонски и регионални писатели за деца, објавувајќи ги во нов илустративен формат. Под оваа едиција се сликовниците: „Танцот на шарените шамичиња“ од Александар Прокопиев (илустрации од Сања Симоска), „Во полската куќичка“ од Ванчо Николески (ил. Љупка Стојкова), „Коњчето од рингишпилот“ на Јован Стрезовски (ил. Орце Нинески) и најновата – „Ремек-дело“ од Дејан Алексиќ (илустрации на Наталија Лукомска).

Неодамна од печат излезе новата сликовница од авторката Оливија Георгиевска, со илустрации на Иванка НиБа – „The Black cat Mara – the hat shubara“. Книгата за деца, која првично е публикувана на англиски јазик, наскоро ќе има и македонско издание.

Во едицијата со едукативни сликовници „Сезнајковци“, покрај веќе добро познатите „Игра со придавки“, „Игра со глаголи“ и „Игра со именки“ од Оливија Георгиевска и „Другарска азбука“ од Снежана Петрова-Џамбазова, деновиве од печат излезе весела сликовница во рима „Кула од бројки“ од авторката Христина Шеќероска, со илустрации на Андреј Лавчански.

Едицијата „Железница на чувствата“ се збогати со нови четири сликовници за деца над петгодишна возраст, од авторката Маја Мишевска. Живописните илустрации се авторско дело на познатиот и светски афирмиран илустратор Михајло Димитриевски – Тхе Мичо. Станува збор за книгите „Бумбарот Боби“, „Мравката Тони“, „Гасеницата Кики“ и „Бувот Оли“. Во текот на оваа година ќе бидат публикувани уште три книги од овој серијал со потпис на младата Мишевска.

Под „Железница на чувствата“ е објавена и популарната сликовница, која им ги претставува на најмладите различните емоции, „Жолти чорапи“ од Билјана Лотеска, со илустрации на Катерина Трајановска.

Веќе добро познатата едиција „Бајки од Македонија“, која е во издание на Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – „Браво сине!“ и издавачката куќа „Арс Ламина“, минатата година беше дополнета со четири нови бајки од современи автори и илустратори. Станува збор за „Перуника“ од авторот Сибо (илустрации на Јована Велинова-Трајанова), „Бакнежот на пролетта“ од Елизабета Баковска (ил. Катерина Соколова), „Сончевото момче Ил“ од Катерина Данаилова (ил. Орце Нинески) и „Осаменото дрво“ од Нина Максимова (Ил. Иван Коминовски). Едицијата ќе биде збогатена со уште неколку нови бајки што ќе излезат од печат следниот месец.

Сликовниците се првите изданија преку кои децата се запознаваат со светот на книгите. Најпрвин ги слушаат приказните што им ги читаат возрасните, а потоа, кога ќе се описменат, и самите ја сознаваат магијата на пишаниот збор. Со секоја книга се отвора нов волшебен свет пред младите (и идните) читатели. Книгите имаат моќ да ги однесат децата на незаборавно патување, во фантазијата, минатото, иднината, длабоко во морето и далеку во вселената.

Во поттикнување на љубовта кон литературата многу помагаат и илустрациите. Затоа, покрај писателите, важна улога имаат илустраторите. Еден цртеж може да замени илјадници зборови. Може да раскаже цела приказна и да ги поттикне децата да смислат свои наративи. Затоа сликовниците, со својата приказна, која може да биде поучна и мотивирачка, пренесена преку главните протагонисти и визуелно раскажана преку илустрациите, играат важна улога во растењето и едукацијата на децата.

Еден ден, децата на кои им читале ќе станат активни читатели. А, дете кое чита еден ден ќе стане возрасен кој размислува.

Во април, паралелно продолжува и големата кампања на „Арс Ламина“ за поттикнување на читачките навики кај учениците – „Читањето е супермоќ“, во рамките на која се одржуваат низа обуки и предавања за наставниците од скопските општини. Ова вмрежување со општините е проследено со донација на сто книги, што „Арс Ламина“ ги обезбедува за секое училиште вклучено во кампањата. Овој месец ќе биде распишан и литературен конкурс, поттикнат од „Читањето е супермоќ“.

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

array(0) {
}
Memory Consumption is: 7.98 MB