За малите читатели

Магијата на приказните: Калиопи Трпчева го наслика светот на Шила со учениците од ОУ Невена Георгиева-Дуња

04.04.2023.
Магијата на приказните: Калиопи Трпчева го наслика светот на Шила со учениците од ОУ Невена Георгиева-Дуња

Книгата е најверниот пријател на децата. Читајќи, тие никогаш не се осамени. Таа им отвора нови светови, ги носи на неверојатно авантури, ја поттикнува нивната креативност и фантазија, ги развеселува, инспирира и охрабрува... Им дава супермоќ... Ова се дел од пораките и заклучоците на работилницата, што вчера (3 април) се одржа во ОУ „Невена Георгиева-Дуња“, Скопје. Топлата книжевна дружба, организирана во рамките на кампањата на издавачката куќа „Арс Ламина“ – „Магијата на приказните“, беше инспирирана од сликовницата „Шила“. За тоа како настанала „Шила“, од цртеж до сликовница, зборуваше илустраторката на изданието Калиопи Трпчева. Таа, заедно со претставници од „Арс Ламина“ и библиотекарката на училиштето Маја Трајковиќ, со видеоанимација, разговор и цртање, им го доближи светот на книгите и илустрациите на третоодделенците од училиштето.

Трпчева им раскажа како почнала да црта, што најмногу сакала да црта кога била дете, како и кога решила да биде ликовна уметница и влегла во светот на илустрациите... Децата поставуваа прашања, даваа идеи и свои размислувања, цртаа и боеја, поттикнати од Шила. На крајот, ја изненадија илустраторката со свои цртежи-видувања на Шила. Средбата заврши со илустрација на таблата, која Трпчева ја нацрта инспирирана од размислувањата на децата за книгите, креирајќи нов лик – Дуња, чија супермоќ е читањето книги.

Сликовницата „Шила“, која е во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, е топла приказна за патот до среќата на едно срамежливо девојче, „сошиена“ од лирската приказна на Јана Мишо и колоритните илустрации на Калиопи Трпчева. Играта со ткаенините, со машината за шиење, со копчињата и со конците е впечатлив, личен начин за изразување, но и за справување со емоциите кај децата, различни и поинакви во однос на другите околу нив. Волшебниот свет на Шила преку шиењето на сите попатни емоции низ растењето, нè води до зрелост и целосна исполнетост. Правејќи кукли, Шила го крои и го шие светот по мера на среќата кон која се стремиме сите. Кругот на животот се свртува со безименото девојче на кое веќе возрасната Шила му помага побрзо и полесно да стане тоа што сака.

Почнувајќи од 2 април, кога се одбележува Светскиот ден на книгите за деца, издавачката куќа „Арс Ламина“ ја почна кампањата „Магијата на приказните“, во чијшто фокус се сликовниците. За време на деновите на литературата за деца се одржуваат повеќе активности, чијашто цел е да им ги доближат сликовниците на сите деца. Планирани се работилници со автори, илустратори и уредници на изданија за деца, наменети за предшколска и раношколска возраст, објава на нови сликовници, претставување/запознавање на авторите на новите изданија, низа промотивни активности, како и акции во продажните места со изданија од „Арс Ламина“.

Акцент ставаме на новите сликовници, во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, од домашни автори и илустратори, кои со својот квалитет, концепт, визуелна и текстуална содржина ја збогатуваат македонската литература за деца.

Станува збор за изданија објавени во едициите „Сезнајковци“, „Железница на чувствата“, „Бајки од Македонија“ и најновата – „Љубов на прв збор“.

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

array(0) {
}
Memory Consumption is: 7.98 MB