Топ листа

Гласот во нашата глава од Итан Крос е најбарана мотивациска книга во септември

05.10.2022.
<strong>Гласот во нашата глава од Итан Крос е најбарана мотивациска книга во септември</strong>

Мотивациската книга што ги открива скриените моќи на нашиот внатрешен глас и ни покажува како да го искористиме во борбата со анксиозноста, „Гласот во нашата глава“ од Итан Крос, беше најбаран наслов од областа на нефикцијата минатиот месец. На топ 10 листата со мотивациски книги се повеќе изданија, кои веќе подолго време се омилени меѓу читателите: „ЗЕН: Уметноста на едноставното живеење“ од Шунмио Масуно, „Астрофизика за луѓе кои немаат време“ од Нил Деграс Тајсон, автобиографијата на Никола Тесла – „Моите изуми“, „Уметноста на создавање спомени“ од Мајк Викинг, и еден од поновите наслови: „Четири илјади седмици“ од Оливер Буркеман. Високо на листата е првиот сеопфатен учебник по детска стоматологија кај нас, „Детска стоматологија“ од група автори, меѓу кои проф. д-р Елизабета Ѓоргиевска, која што е уредничка на изданието. Книгата, во издание на „Арс Ламина“, беше промовирана во септември во Стоматолошкиот факултет. Во оваа листа се најде и уште едно стручно издание од областа на медицината – „Атлас на човечката анатомија“ од Френк Х. Нетер. Ова одбројување е збогатено и со хит-изданијата „Е, баш ме заболе“ и „Сè е за*бано: книга за надежта“ од Марк Менсон.

Во продолжение проследете ја топ 10 листата со најбарани изданија од областа на нефикцијата во книжарниците на „Литература.мк“ во септември.

1. „Гласот во нашата глава, зошто е важен и како да го користиме“ од Итан Крос

Итан Крос е наградуван психолог кој во оваа книга ни ги открива скриените моќи на нашиот внатрешен глас и ни покажува како да го искористиме во борбата со анксиозноста, како да си го подобриме психичкото и менталното здравје и како да ги продлабочиме нашите врски со другите. Кажете му на странец дека разговарате со себеси, мошне веројатно е дека ќе ве смета за ексцентрик. Кога разговараме со себеси, често се надеваме дека ќе го поттикнеме нашиот внатрешен тренер, но, наместо тоа, го поттикнуваме нашиот внатрешен критичар. Кога се соочуваме со тешка задача, нашиот внатрешен тренер нè охрабрува: Ајде, го можам тоа! Но, исто толку често, нашиот внатрешен критичар нè обесхрабрува: Нема да успеам. Сите ќе ми се смеат. Која е поентата?

Крос ги истражува тивките разговори што ги водиме со себе. Испреплетувајќи ги револуционерните проучувања на мозокот што ги спроведувал во неговата лабораторија со конкретни студии на случај, тој објаснува како внатрешните разговори ги обликуваат нашите животи, работа и врски. Тој предупредува дека препуштањето на негативни и дезориентирачки разговори со себе – што тој ги нарекува „брборење“ – можат да ни го нарушат здравјето, да ни го „спуштат“ расположението, да ни ги ограничат социјалните конекции и да почнеме да попуштаме под притисок.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“, како и онлајн на следниот линк:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14746

2. „ЗЕН: Уметноста на едноставното живеење“ од Шунмио Масуно

Преку јасни, практични лекции и лекции што се учат лесно – по една на ден во текот на сто дена – познатиот будистички свештеник Шунмио Масуно евоцира мудрост стара со векови за да ви покаже како да ја применувате суштината на зен-будизмот во модерното живеење. Тука ќе научите како длабоко да издишувате за да ги исфрлите негативните емоции, како да го средувате својот дом едноставно, што ќе ви помогне да ги расчистите вашите мисли, да ги подредувате обувките навечер за да внесете ред во вашиот ум, да засадите едно цвеќе и да гледате како расте, помалку да се грижите за она што не можете да го контролирате и уште многу други нешта… Дури и ќе си создадете време за да не размислувате за ништо. Поедноставете си го животот со уметноста на зен-будизмот и научете како да се чувствувате порелаксирано, поисполнето и со обновено чувство на мир и спокој.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=13682

3. „Астрофизика за луѓе кои немаат време“ од Нил Деграс Тајсон

Каква е природата на просторот и времето? Кое е нашето место во универзумот? Кое е местото на универзумот во нас? Ова е најдобриот водич во потрагата по одговорите на овие прашања што го зашеметуваат умот, напишан од познатиот астрофизичар и популарен автор Нил Деграс Тајсон. Но, современиот човек речиси и да нема време да размислува за вселената. Затоа, Тајсон пишува на оваа тема со разбирлив и лесно читлив стил, правејќи ги и најсложените вселенски концепти достапни за оние што немаат време. Додека чекате да се свари утринското кафе или да дојде автобусот, „Астрофизика за луѓе кои немаат време“ ќе ви го каже само најнеопходното за разбирање на вестите од областа на вселенските науки, но и за информирано учество во разговори на таа тема. Ќе знаете интелигентно да зборувате за Големата експлозија, црните дупки, кварковите и квантната физика, за откривањето нови планети и потрага по вонземски живот. Оваа книга речиси гарантирано ќе ги прошири вашите перспективи и ќе ги збогати вашите знаења, и тоа на начин што ќе ве предизвика да посакате уште.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“, како и онлајн на следниот линк:

https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=13595

4. „Моите изуми“ од Никола Тесла

Малку луѓе во историјата дале толкав придонес кон погодностите на современото секојдневие како Никола Тесла. Неговите дела овозможиле електричната енергија да допре до сите катчиња на нашата планета, а нејзината примена да експлодира во безброј области на човековиот живот – процес што речиси незапирливо продолжува многу години по неговата смрт. Оставината на Тесла е богата, секогаш актуелна и неисцрпен извор на инспирација. Но, и покрај тоа што влијанието на Тесла е толкаво што е речиси невозможно да се исцрпат епитетите, неговата застапеност во јавниот дискурс е изненадувачки мала, особено во западната културна сфера. Оваа автобиографија дава увид во фасцинантниот внатрешен свет на еден од најголемите гении, но притоа на разбирлив јазик зборува и за техничката природа на неговите изуми. Правејќи го тоа, Тесла на посреден, но уверлив начин ни ја презентира својата визија за еден подобар, поправичен и помирен свет, чијашто благосостојба не е нуспроизвод на борбата за профит, туку е резултат на искрената, автентична желба за подобар живот на сите, без очекување награда.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“, како и онлајн на следниот линк:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=13514

5. „Детска стоматологија“ од група автори, проф. д-р Елизабета Ѓоргиевска (уред.)

„Детска стоматологија“, која е првиот сеопфатен учебник по детска стоматологија кај нас, е сублимат на долгогодишна работа и искуство во работа со децата во стоматолошка ординација, но и пресек на најсвежите сознанија во научната мисла од оваа област.

Ракописот е систематизиран во 37 поглавја, кои се приказ на клучните проблематики со кои се занимава детската стоматологија, почнувајќи од растот и развојот на орофацијалната регија и одонтогенезата; приемот, прегледот и контролата на болката кај педијатрискиот пациент во стоматолошката ординација; преку неправилностите во развитокот на забите, денталниот кариес и заболувањата на пулпата и пародонталните ткива кај млечните, младите трајни и трајните заби и нивна терапија. Разработени се современите материјали што се користат во детската стоматологија, со посебен осврт на естетиката во детска возраст и употребата на ласерите во детската стоматологија.

Оваа книга е наменета, пред сè, за студентите на додипломски студии за доктори по дентална медицина, но и стручните стоматолошки сестри и техничари, студентите на втор и трет циклус на постдипломски студии, специјализантите и специјалистите по детска и превентивна стоматологија и другите специјалности, како и за сите колеги кои сакаат да ги дополнат и да ги освежат знаењата од областа на детската стоматологија.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“, како и онлајн на следниот линк:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14931

6. „Уметноста на создавање спомени“ од Мајк Викинг

Мајк Викинг, кој е истражувач на среќата и најпродаван автор на „Њујорк тајмс“, во книгата „Уметноста на создавање спомени: како да создавате и да помните среќни моменти“ открива како да создавате и да помните среќни моменти, кои го прават животот посладок. Секоја година имаме на располагање фиксен број денови. Некои денови нè одминуваат не оставајќи никаква трага зад себе, а некои ги помниме засекогаш. Дали го паметиш првиот бакнеж? Или највкусниот оброк? Или мирисот на свежо потстрижената трева на совршен летен ден? Кога нашите сетила се стимулирани, кога ќе ја искористиме моќта на првите искуства и кога сме свесни за сопствените чувства и емоции, полесно ќе ги зачуваме нашите среќни спомени. Повикувајќи се на научни истражувања на среќата, Мајк Викинг нè учи како да создаваме среќни спомени и како полесно да ги задржиме. Користејќи податоци и дневници, прашалници, глобални анкети и истражувања, научни осврти на однесувањето и експерименти со среќата, „Уметноста на создавање спомени“ ќе ни објасни како да создадеме совршени моменти. Моменти што ќе ги запаметиме засекогаш. Моменти што ќе ја обликуваат нашата личност.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн преку https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14748

7. „Е, баш ме заболе“ и „Сè е за*бано: книга за надежта“ од Марк Менсон

„Е, баш ме заболе“ е книга-водич за самопомош, што дефинира една цела генерација, авторот, кој е суперѕвезда во блогерските кругови, не нè замајува со глупости од типот дека треба постојано да се обидуваме да бидеме „позитивни“, за навистина да станеме подобри и посреќни луѓе. „Е, баш ме заболе“ доаѓа контраинтуитивен водич за проблемите со надежта.

Во „Сè е заебано“, Менсон исцртува планини од психолошки истражувања базирани на безвременската мудрост на Платон, Ниче, Кант, па и на Том Вејтс, за да ги дисецира религијата, политиката, парите, забавата и интернетот.

Со неговата препознатлива комбинација од ерудиција и хумор, Менсон нè предизвикува да бидеме почесни кон себеси, отворено спротивставувајќи се на нашите дефиниции на верата, среќата, слободата – дури и на надежта. Еден од најголемите модерни автори напиша уште една книга што ќе ја постави агендата на годините што доаѓаат.

Книгите се достапни во сите книжарници на „Литература.мк“, како и онлајн на следниот линк:

https://www.literatura.mk/ListBooksByAuthor.aspx?aut=8715

8. „Атлас на човечката анатомија“ од Френк Х. Нетер

Единствениот анатомски атлас со илустрации од лекари, „Атлас на човечката анатомија“, содржи светски познати, извонредно јасни прикази на човечкото тело со клиничка перспектива. Покрај познатиот труд на д-р Френк Нетер, овде ќе најдете и речиси сто слики од д-р Карлос А. Г. Мачадо, еден од денешните најистакнати медицински илустратори. Заедно, овие двајца неверојатно талентирани лекари-уметници ги потенцираат најрелевантните клинички прикази на човечкото тело. Покрај тоа, повеќе од 50 внимателно избрани радиолошки слики помагаат илустрираната анатомија да се поврзе со живата анатомија онака како што може да се види во секојдневната практика. Станува збор за седмото издание, кое е ажурирано со нови податоци, врз основа на барања од студентите и лекарите. Книгата содржи нов дел за преглед на системи што содржи прикази на целото тело на површинска анатомија, крвни садови, нерви и лимфи; над 25 нови илустрации од д-р Мачадо, вклучувајќи ги и клинички важните фасцијални слоеви на вратот, длабоки вени на ногата, бурзи на колкот, васкулатура на простатата и делови што тешко се визуализираат, како што е инфратемпоралната фоса; нови клинички табели на крајот од секое поглавје, што се фокусираат на структурите со високо клиничко значење. Овие табели овозможуваат брз увид, организирани според органските системи и упатуваат каде најдобро можат да се видат клучните структури на илустрациите; над 50 нови радиолошки слики – некои сосема нови прикази, а други направени со понови алатки за визуелно претставување – се вклучени врз основа на тоа колку можат да им помогнат на читателите да ги разберат клучните елементи на топографската анатомија.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн преку

https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=13464

9. „Четири илјади седмици“ од Оливер Буркеман

Под претпоставка дека ќе доживеете 80 години, имате само околу 4.000 седмици. Никој не треба да каже дека нема доволно време. Опседнати сме со списоците на задачи што треба да ги завршиме, а кои постојано се зголемуваат, со преполните електронски сандачиња, рамнотежата работа-приватен живот и постојаната битка со дистракции; преплавени сме со совети како да станеме попродуктивни и поефикасни со разни „трикови“ со цел да ги оптимизираме нашите денови. Но, ваквите техники често само ги влошуваат работите. Чувството на анксиозност станува поинтензивно и најзначајните работи во животот изгледа дека се зад хоризонтот. И покрај тоа, ние ретко ја поврзуваме секојдневната борба со времето со крајниот проблем на управување со него: предизвикот како најдобро да ги искористиме нашите 4.000 седмици.

Потпирајќи се на увидите и на античките и на современите филозофи, психолози и духовни учители, Буркеман ни нуди забавен, хумористичен, практичен и длабок водич за времето и управувањето со времето. Отфрлајќи ја залудната модерна фиксација „да се заврши сè“, книгата „Четири илјади седмици“ ги запознава читателите со алатки за градење на значаен живот со прифаќање на конечноста, покажувајќи колку од бескорисните начини до кои сме дошле размислувајќи за времето не се неизбежни, непроменливи вистини, туку избори што сме ги направиле како поединци и како општество – и дека можеме да ги правиме работите поинаку.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн преку https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14871

10. „Иднината на умот“ од Мичио Каку

Мичио Каку е професор по физика на њујоршкиот Градски универзитет, соосновач на теоријата на поле на струни и автор на научни книги, меѓу кои „Хиперпростор“, „По Ајнштајн“, „Физика на невозможното“ и „Физика на иднината“. Бил домаќин на научни телевизиски емисии на Би-би-си, „Дискавери“ и „Саенс“. Неговите емисии можат да се чујат на 130 радиостаници ширум светот. Пишувал за најугледните светски списанија и гостувал на најгледаните телевизии.

Во оваа книга, професорот Каку на лесно разбирлив начин ни ги презентира досегашните сфаќања и откритија поврзани со човековиот ум и неговите ограничувања, но уште повеќе и неговите потенцијали. Во возбудлива низа од историски раскажувања и уверливи објаснувања, авторот нуди фасцинантна перспектива во разбирањето на мозокот, мислите, чувствата, стравовите и долгата низа несвесни пориви што во голема мера ги формираат одлуките што ги носиме секојдневно. Притоа, професор Каку нè уверува дека нашиот ум, и покрај тоа што не е целосно разбран, е секако разбирлив. Каку е оптимист за иднината на човештвото. Воодушевено раскажува за најновите технички, експериментални и дијагностички постигнувања што нудат извонреден увид во неистражените пространства на човековиот ум. Истовремено, однапред се радува на откритијата што допрва нè чекаат во блиската иднина – забележувајќи јасен историски тренд, професор Каку нуди уверлива визија за човештво во блиската иднина – човештво кое со помош на технологијата ќе стане уште похумано и уште подобро.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн преку

https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=13607

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

array(0) {
}
Memory Consumption is: 8.3 MB