Култниот струшки писател и сликар Димитрие Дурацовски понекогаш се враќа во Скопје — понекогаш, кога објавува нова книга. Се врати и вчеравечер (9 јуни), во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“, на промоцијата на својот нов роман „Понекогаш се враќаат“, втор во последните две години, по „Околу три по полноќ“. Но, како и на промоцијата на неговата претходна книга, која ја објави по подолга пауза од една деценија, и овојпат публиката се врати... Таа не само понекогаш, туку редовно му оддава почит и со восхит ги очекува неговите нови дела.
„Понекогаш се враќаат“ е роман за спомените и за осаменоста... Влатко Галевски, откако ја прочита книгата, искоментира дека ова е роман за моите „Сто години самотија“... и не згреши – рече авторот Димитрие Дурацовски, кој нагласи дека не сака многу да зборува за своите книги, туку остава читателите да зборуваат за нив.
Во тој дух, делото во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, го претставија промоторката Ангелина Бановиќ-Марковска, уредничката Оливера Ќорвезироска и младиот автор и сограѓанин од Струга Ненад Јолдески, кои читаа извадоци од книгата. Исечоци од мислите на Дурацовски интерпретираше и Дарко Лешоски.
Промоторката Бановиќ-Марковска истакна дека „Понекогаш се враќаат“ не е класична автобиографија.
– Оваа книга е поетика на сеќавањето во прво лице – носталгична реконструкција на минатото и стилска потрага по изгубеното време, по оние безмалку прустовски простори на меморијата, каде што минатото ја сретнува сегашноста и продолжува да живее во неа, како да не познава граници меѓу времињата. Иако е необично интимен и личен, и овој роман треба да се прими како фикција. Не затоа што во него ништо не е вистина – напротив, сè што раскажува Дурацовски е искрено до болка и соголено до коска – туку затоа што вистината не се мери со факти и со факсимили, туку со силата на препознавањето што нè обзема. Таму, каде што душа допира душа. Насловот на овој роман не е случаен. Тој е токму таков каков што е – „Понекогаш се враќаат“. Да! Но не луѓето, туку спомените за нив. Оние светлосни траги што – небаре фотони – останале заробени во коморите на свеста. Како тивок шепот што ја буди нивната заспана тага... Како ветер-параклет што се провлекува низ стара куќа, ја придвижува завесата и ни се причинува дека некој сè уште живее таму – рече таа и додаде дека, иако во овој роман нема фотографии и слики како во претходните негови книги, логиката на Дурацовски е длабоко фотографска, а на моменти дури и филмска. Целиот текст функционира како огромен, невидлив фотографски албум – замрзнати снимки што чекаат да се откријат или оживеани филмски кадри што ни ја враќаат минатата светлина. Затоа „Понекогаш се враќаат“ не е само роман што се чита, туку роман што се гледа, роман што се препознава.
Уредничката Ќорвезироска рече дека „Понекогаш се враќаат“ е роман за една куќа и за многуте животи и смрти што минуваат низ неа; за предметите, за собите и за фиоките од кои се прелеваат приказни; за враќањето кон себе, кон корените и кон најдлабоките слоеви на сеќавањето. Тоа е роман за „калливата, но топла, удобна и сигурна провинција“, за Струга што „наликува на излупен бел бадем“, за самотијата како засолниште и за времето што никогаш не исчезнува целосно.
Особеноста на ова дело е што има два краја – еден во книгата, а друг на задната корица. Во него Дурацовски за првпат создава свет исклучиво со зборови, пренесувајќи ја својата препознатлива визуелна чувствителност во книжевен израз.
Дурацовски во книгата го замолува читателот „да ја прифати веќе воспоставената ограда дека секоја сличност со постојните личности е случајна, и да ја прифати моралната склоност кон распадливиот живот како добронамерна. Исто така, објавувам дека со оваа книга сакав да се преиспитам себеси за да се ослободам од искушенијата и од сè ранливо во себе, и се надевам дека читателот вистинитоста на настаните и точните податоци ќе ги прими како стапица за душевната веродостојност“.
Димитрие Дурацовски (1952) е писател и сликар, една од најавтентичните фигури во современата македонска култура. Ѝприпаѓа на т.н. петта генерација автори што се појавија на книжевната сцена во 1980-тите години, а истовремено се смета и за предвесник на современиот концептуален ликовен израз во Македонија. Неговиот творечки опус е обележан со постмодернистичка естетика и со постојано преиспитување на границите меѓу книжевноста и визуелната уметност. Автор е на култните збирки раскази „Тајна историја“ и „Црни пророци“, како и на наградените романи „Insomnia“ и „Бледи сенки, далечни гласови“. Двократен добитник е на наградата „Рациново признание“, а носител е и на државната награда „11 Октомври“ за животно дело.
Романот „Понекогаш се враќаат“ е достапен во книжарниците на Литература.мк, како и онлајн преку www.literatura.mk.