За малите читатели

Одбележуваме 190 години од раѓањето на авторот на Алиса во земјата на чудата, Луис Карол

27.01.2022.
Одбележуваме 190 години од раѓањето на авторот на Алиса во земјата на чудата, Луис Карол

 

Пред 190 години, на 27 јануари 1832 година е роден англискиот писател, математичар, логичар и фотограф Чарлс Лудвиг Доџсон, попознат под псевдонимот Луис Карол. Светската слава ја стекнал со својот книжевен класик за деца „Алиса во земјата на чудата“, првично објавен во 1865 година.

Негови други позначајни дела се продолжението на приказната за Алиса, „Низ огледалото“, како и поемите „Ловењето на Снарк“ и „Џабервоки“, кои денес се сметаат за едни од најдобрите примери за нонсенс литературата. Зад себе има 11 книжевни дела и исто толку математички трудови. Делата на Карол се препознатливи по неговите игри со зборови и по бујната фантазија на што и се должи неговата светска популарност.

Уште во младоста Карол пишувал поезија и кратки приказни што биле објавени во семејното списание „Мишмеш“ и во други весници, но со скромен успех. Во периодот од 1854 до 1856 година неговите дела биле објавени во „Комик тајмс“. Повеќето негови дела биле сатирични или комични, а неговите стандарди и амбиции биле мошне високи. По 1850 година, напишал неколку куклени претстави за забава на браќата и сестрите и една од нив зачувана е до денес. Во 1856 година го објавил своето прво дело под псевдонимот Луис Карол, кој ќе му донесе глобална популарност. Неговата романтична песна „Осаменост“ се појавила во списанието „Трејн“.

Во 1856 година, на факултетот „Кајст чрч“ нов декан станал Хенри Лидел, кој со своето семејство ќе одигра важна улога во животот на Карол. Тој се спријателил со сопругата на Лидел и со нивните деца, особено со ќерките Лорина, Едит и Алис. Долго време се сметало дека неговата Алиса настанала токму според ќерките на деканот Лидел. Сепак, во текот на подоцнежните години, Карол демантирал дека неговата хероина настанала врз основа на некој детски лик. Иако нема доволно информации, сепак е јасно дека ова пријателство со семејството имало големо влијание во неговиот живот. Тој честопати одел на веслање во околните села со нив. Токму на еден таков излет, во 1862 година, Карол ја смислил рамката на приказната што наскоро ќе стане неговиот прв и најголем комерцијален успех. По раскажаната приказна и молбите од страна на Алис Лидел да ја напише, Карол, по долго колебање, во ноември 1864 година на малата Алис ѝ дал рачно напишан ракопис насловен „Авантурите на Алиса под земја“. По неколку пробни наслови, книгата конечно била испечатена под наслов „Алиса во земјата на чудата“. Комерцијалниот успех му го променил животот на многу начини. Станал познат низ светот. Му стигнувале писма од обожаватели и бил опсипан со внимание. Неговата популарност била толку голема, што една комична анегдота вели дека кралицата Викторија толку ѝ се допаднала приказната за Алиса што предложила следното дело на Карол да ѝ се посвети нејзе. Согласно желбата на кралицата, Карол ѝ го посветил на кралицата следниот труд, кој бил математичка научна студија. Сепак, Карол силно ја демантирал оваа анегдота, велејќи дека никогаш не се случило такво нешто.

Кон крајот на 1871 година, го објавил продолжението „Низ огледалото и што Алиса пронајде таму“. Оваа книга е многу помрачна од првата, што е последица веројатно на промените што следувале во неговиот живот: смртта на татко му во 1868 година, по што Карол западнал во депресија што траела неколку години.

Во 1856 година, Карол почнал да се занимава со фотографија, тогаш нова уметност, отпрвин под влијание на неговиот вујко, а подоцна под влијание на еден негов пријател од „Оксфорд“. Напредувал и за кратко време постигнал голем углед и сметал дека од фотографијата би можел и да заработува.

Карол речиси целиот свој живот работел како професор по математика на „Оксфорд“. Најмногу интерес покажал за геометријата, алгебрата, математичката логика и разонодната математика. Смислувал логички игри, а креирал и многубројни игри со зборови, меѓу кои и првата верзија на денес популарната игра „Скрабл“.

Неговиот последен роман „Силви и Бруно“, објавен во два дела (1889 и 1893 година), не го доживеал успехот на „Алиса во земјата на чудата“. Се продале само 13.000 примероци, што било мошне разочарувачки. Починал во 1898 година во Гилфорд, како последица на грип, само две недели пред неговиот 66 роденден.

Книгата „Алиса во земјата на чудата“ продолжува да живее 124 години по неговата смрт. На основа на приказната снимени се над 30 филмски и телевизиски адаптации, направени се стотици театарски претстави и многубројни сликовници и боенки. Романот е преведен на сите светски јазици, меѓу кои и на македонски јазик. Книгата е влезена во листата на задолжителни лектири за основно училиште.

Издавачката куќа „Арс Ламина“, под својот импринт за детска литература „Либи“, ја има објавено „Алиса во земјата на чудата“ на македонски јазик, во едицијата „Лесно читливи лектири“, како и верзија на англиски јазик „Alice’s adventures in wonderland“, која е дел од категоријата „Детски класици“. Книгите се достапни во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн преку www.literatura.mk.

Додека еден ден дремливо си седи крај речниот брег со сестра си, Алиса забележува необичен бел зајак, дотеран во елече, како протрчува и вади џебен часовник извикувајќи: „О леле! О леле! Баш ќе задоцнам!“ Во истиот миг таа решава да го следи зајакот, влегува по него во една зајачка дупка и одеднаш паѓа низ еден чуден бунар по чијашто должина се гледаат еден куп креденци и полици за книги. Кога ќе заврши падот, Алиса ќе се најде среде долг, низок ходник, осветлен од редица светилки што висат од таванот. Но, авантурата вистински почнува кога со златното клуче што ќе го најде, ќе ја отвори соодветната врата и ќе здогледа невидено прекрасна градина и ќе запознае уште многу необични ликови.

Лектирното издание на книгата „Алиса во земјата на чудата“ е достапно на следниот линк:

https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=13611

Изданието на англиски јазик „Alice’s adventures in wonderland“ може да се нарача на следниот линк:

https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=13060

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

array(0) {
}
Memory Consumption is: 8.01 MB