За малите читатели

Во нови авантури со две нови книги за Тото мачката-нинџа

10.02.2022.
Во нови авантури со две нови книги за Тото мачката-нинџа

Подгответе се за нови авантури со Тото – мачката-нинџа! Во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, деновиве од печат излегоа два нови книги: „Тото мачката-нинџа и суперѕвездената катастрофа“ и „Тото мачката-нинџа и мистериозниот крадец на накит“. Од серијалот на авторот Дермот О’Лири и илустраторот Ник Ист досега на македонски јазик се објавени првите две книги: „Тото мачката-нинџа и неверојатната кражба на сирењето“ и „Тото мачката-нинџа и големото бегство на змијата“.

Неверојатната мачка-нинџа Тото е речиси слепа, но тоа не ја спречува да ја извршува својата должност и да го спасува животинскиот свет од непријателите и пакосниците, како дел од Древниот ред на мачки-нинџи од светот, каде што ја регрутираше нејзиниот шеф Лери. Тото има и брат, мачорот Сивко, кој, за разлика од неа, не е толку храбар, но е верен придружник на својата сестра и е нејзини очи кога ќе затреба. Тие се апулијански мачиња (од покраината Апулија во Италија), кои живеат во Лондон со нивните човечки мама и папа, како што милува да ги нарекува Тото.

„Тото мачката-нинџа и суперѕвездената катастрофа“ е трета возбудлива авантура на Тото, Сивко и Мачколик и нивните нови заеднички пријатели, видрата Лутра, мачето Чорапко и мегаѕвездата Џони. Стариот непријател на дружината е повторно во акција и одлучен да го воспостави злиот поредок во животинскиот свет. Но, Тото не е за потценување дури и кога е отидена на заслужен одмор, зашто – еднаш нинџа е засекогаш нинџа.

По напорниот работен период, на инсистирање на пријателот Мачколик, Тото и брат ѝ Сивко одат на најпознатиот животински фестивал „Мачконбери“ – што се одржува истовремено со човечкиот музички фестивал „Гластонбери“ – за да се опуштат и да уживаат во добра музика. Освен тоа, на фестивалот ќе настапува и мегапопуларниот мачор Џони и неговиот бенд, „Џони и Кратковлакнестите“, за што Мачколик е многу возбуден и успева својата возбуда да му ја пренесе и на Сивко, додека Тото е вообичаено воздржана од изразување емоции. Но, уште во возот со кој се превезуваат до музичкиот фестивал, се навестува неволја. Некој кове напад врз Тото, а заднината се чини уште поголема...

Најемотивниот настан во оваа епизода е што Тото и Сивко добија ново братче – тигресто-белото мачорче Чорапко од домот Батерси, со кое толку се спријателија за време на нивната авантура што го поканија да стане рамноправен член на нивното семејство.

Во четвртата книга од серијалот, „Тото мачката-нинџа и мистериозниот крадец на накит“, Тото добива нова задача од својот шеф Лери – да ѝ помага на Шила, полициско куче и нивна пријателка, во обезбедувањето на францускиот амбасадор за време на неговата посета на Лондон. Како дел од распоредот на амбасадорот е предвидена посета на Лондонската кула, каде што се чува кралската колекција на скапоцен накит и каде што е изложен вредниот околувратник на стариот Том (мачорот-миленик на градоначалникот на средновековниот Лондон, Дик Витингтон). Токму кога гостинот треба да го види највредниот предмет за животинскиот свет во Лондон, групата ја пречекува неочекувана глетка. Накитот не е на своето место. Осомничени за кражба се Лери и гавранскиот началник на Кулата – Кирил. Тото, Сивко и Мачколик се ставаат во погон да ја докажат невиноста на Лери и на Кирил, а потрагата по докази ги води до најнеочекуваното сценарио за вистинскиот сторител.

И во оваа авантура, Тото беспоштедно се впушта во исправањето на неправдата, но овој пат тимот ѝ е побогат за еден член, братчето Чорапко.

За инспирацијата да го напише серијалот за мачката-нинџа Тото, во едно интервју авторот Дермот О’Лири кажува дека откако ја напишал автобиографската книга „Насловната музика на мојот живот“во која, меѓу другото, зборува и за своите вдомени мачки од Италија, му се родила идејата да напише серијал за деца во кој главните ликови ќе ги толкуваат неговите миленици. Набрзо откако ги вдомиле Сивко и Тото, забележале дека Тото има проблем со видот, но дека на одредени светлински дразби прави нагли движења што го потсетиле Дермот на потези на нинџа. Токму така му се родила идејата да напише книга: за мачката Тото која е прекрасна и кротка мачка преку ден, а навечер се претвора во мачка-нинџа.

– Како повеќето сопственици на домашни миленици, така и ние си го замислувавме нивниот таен живот откако ќе заспиеме. Така јас си ги замислував ноќните авантури на Сивко и на Тото. Гледајќи ги реакциите на читателите (на серијалот за Тото, н.з.) по фестивалите и во училиштата, не можам да бидам посреќен! Воодушевен сум од фактот што децата го читаат овој серијал и што го сакаат толку многу – вели Дермот во интервјуто и додава: „Ник Ист заврши одлична работа, оживувајќи ја оваа идеја. До детаљ ги разработи нештата за кои јас и не сум размислил, што ме остави да се прашувам ’кој‘ е овој човек? Толку живописно ги нацрта масовните сцени како во млечниот бар ’Киселото канче‘, на пример, или глетката од далечина на фестивалот ’Мачконбери‘“.

Тој го споделува и чувството на возбуда при разработувањето на епизодните улоги, на ликот Мачколик, кој е најдобар пријател на мачињата, на негативците, меѓу кои е пријателот број еден на Тото и на Лери – надвојводата Фердимачков.

– Обожавам крими-романи, така што ги извлеков профилите на сите лошковци од книгите што сум ги прочитал. Фердимачков има нешто од непријателите на Бонд и многу потсетува на главниот соперник на Шерлок Холмс, Моријарти. Уживам кога ги пишувам сцените со надвојводата Фердимачков. Глумците велат дека секогаш е предизвик да се толкуваат негативци во филмовите, јас велам дека е особено забавно и да се пишува за нив – поентира О’Лири.

Книгите од серијалот „Тото мачката-нинџа“ се достапни во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн преку www.literatura.mk.

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

array(0) {
}
Memory Consumption is: 8 MB