За малите читатели

Нова едиција со 10 книги за Шерлок Холмс адаптирани за деца во издание на Арс Ламина

23.02.2022.
Нова едиција со 10 книги за Шерлок Холмс адаптирани за деца во издание на Арс Ламина

Познатите книги за генијалниот детектив Шерлок Холмс, од славниот шкотски писател сер Артур Конан Дојл, адаптирани за најмладите читатели, се дел од новата едиција во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Во серијалот „Шерлок Холмс за деца“ на македонски јазик се десет книги: „Студија во скарлетна боја“, „Знакот на четворката“, „Синиот гранат“, „Марамата со точки“, „Сојузот на црвенокосите“, „Велепоседниците од Рајгејт“, „Поморската спогодба“, „Вампирот од Сасекс“, „Дамата со превез“ и „Тројцата студенти“.

Ова е втора голема едиција со светски книжевни класици адаптирани за деца, во издание на „Арс Ламина“, по „Шекспир за деца“.

Овие куси наративни и илустрирани верзии на познатите романи сe адаптирани за помладите читатели. Изданијата од овој серијал се наменети, пред сè, за деца од училишна возраст, односно за млади читатели над осум години. Преку оваа едиција, децата уште од рана возраст ќе се запознаат со приказните за Шерлок Холмс. Инаку, познатите книги од авторот Артур Конан Дојл се адаптирани за помладата публика од страна на Стефани Бодет. Уредник на изданијата во превод на македонски јазик е Надица Фирфова.

– Се работи за истите дела како оние за возрасната читателска публика, се работи за истите приказни, со истите ликови и истото дејство, но во скратена верзија и мајсторски изведена адаптација. При читањето на оваа скратена детска верзија, воопшто не се чувствува недостаток од основната приказна. Напротив, дејството тече со одлична динамика, при што се задржува вниманието од почеток до крај. Изворно, едицијата „Шерлок Холмс за деца“ е во издание на англиската издавачката куќа „Свит чери паблишинг“, од каде што посочуваат дека се работи за мошне успешен серијал, што е многу популарен кај децата од училишна возраст. Се разбира, ова беше доволен мотив да се заинтересираме за објавување на книгите во превод на македонски јазик, бидејќи како издавачка куќа секогаш сме во потрага по четива што можат да предизвикаат внимание кај младите читатели и да ја поттикнеме љубовта кон читањето и пишаниот збор. Особено зашто во овој случај се работеше за класични дела од областа на детективската фикција и славното име Шерлок Холмс – велат од „Арс Ламина“.

Изданијата од едицијата „Шерлок Холмс за деца“ се богато илустрирани со цртежи што се во функција на текстот, што придонесува кон едно комплетно читателско доживување. Секоја книга има отпечатен т.н. „кју-ар“ (QR) код, за едноставен пристап до оригиналното англиско издание, но како аудиокнига. Ова му додава дополнителна вредност на секое издание, бидејќи на децата им нуди можност да ја слушнат книгата на изворен стандарден англиски јазик и изговор и со тоа да си го збогатат вокабуларот и знаењата по англиски јазик.

Со оглед на тоа што се работи за изданија за деца од училишна возраст, во книгите има посочена и интернет-страница од која можат да се симнуваат некои активности и вежби на англиски јазик поврзани со делата, при што младите читатели имаат можност и да го вежбаат јазикот низ овие активности.

Инаку, издавачката куќа „Арс Ламина“ во своето портфолио од неодамна ги има и новите објави на романите за Шерлок Холмс од Артур Конан Дојл, за повозрасната публика.

За сите деца-љубители на пишаниот збор, кои се љубопитни да ги откријат приказните за Шерлок Холмс, претставуваме куса содржина на книгите од серијалот што веќе се достапни во книжарниците „Литература.мк“ и онлајн преку www.literatura.mk.

„Студија во скарлетна боја“

Тело за кое се смета дека е лицето И. Џ. ДРЕБЕР е откриено сношти во празна куќа во Лондон. Нема очигледна причина за СМРТТА. Неговата адреса е Кливленд, Охајо. Секоја информација е добредојдена. По мистериозното убиство, полицијата е збунета, па најпознатиот детектив аматер на светот е замолен да помогне во истрагата. Заедно со д-р Вотсон, Шерлок Холмс тргнува во потрага за откривање на една одмазда, која оди подлабоко од сите можни претпоставки.

Книгата е достапна за нарачка на следниот линк: https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14835

„Знакот на четворката“

Биди до третиот столб одлево пред театарот „Лицеум“ ВЕЧЕРВА во деветнаесет часот. Ти си жена на која ѝ имаат згрешено и ќе ја добиеш ПРАВДАТА. Немој да повикуваш полиција. Ако повикаш, сè ќе биде залудно. Кога го замолија Холмс да ја погледне мистериозната порака што ѝ пристигна на Мери Морстен, ниту тој, ниту, пак, Вотсон очекуваа дека ќе бидат вовлечени во предавничка пајажина стара неколку децении. Набрзо ќе почнат и опасни експедиции под сјајот на месечевата светлина за да го разоткријат значењето на знакот на четворката и да го решат одамна закопаниот криминал.

Книгата е достапна за нарачка на следниот линк: https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14831

„Синиот гранат“

Вчера од кутијата со накит на грофицата Моркар бил УКРАДЕН скапоцен дијамант, познат како Син гранат. Грофицата нуди награда од ИЛЈАДА фунти за оној што ќе ѝ помогне да го врати скапоцениот камен... Додека полицијата се обидува да го најде украдениот дијамант, Холмс се труди да го најде сопственикот на една божиќна вечера. Но, откако детективот случајно ќе наиде на дијамантот, Холмс и Вотсон влегуваат во трка со времето за да спасат невин живот.

Книгата е достапна за нарачка на следниот линк: https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14834

„Марамата со точки“

Со голема тага известуваме за СМРТТА на г-ѓицата Џулија Стоунер од Стоук Моран. Причината останува НЕПОЗНАТА. Повторно се слушаат необичните звуци што за последен пат се огласиле околу мигот на смртта на Џулија. Сестра ѝ Хелен знае дека е само прашање на време кога и самата ќе ја доживее истата судбина. Се подготвува мрачен заговор, а единствениот начин да се фати злосторникот е да се зачекори среде смртоносна стапица...

Книгата е достапна за нарачка на следниот линк: https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14829

„Сојузот на црвенокосите“

СОЈУЗОТ НА ЦРВЕНОКОСИТЕ има потреба од нов член кој би помагал со извесни мали обврски. Платата за оваа позиција ќе биде ЧЕТИРИ фунти неделно. Сите црвенокоси мажи со добро здравје и со навршени дваесет и една година ќе бидат земени предвид. Откако добро платената работна позиција на Џабез Вилсон во Сојузот неочекувано се затвора, тој го замолува Холмс да дознае зошто. Она што почнува како секојдневна истрага се претвора во вечерна заседа во која Холмс се обидува да спречи неверојатна кражба.

Книгата е достапна за нарачка на следниот линк: https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14840

„Велепоседниците од Рајгејт“

Вилијам Кирван, кочијашот на семејството Канингем, вчеравечер бил УБИЕН додека го штител имотот на господарот. Ова е втора ПРОВАЛА во областа за помалку од една недела. Со надеж дека ќе му помогне на Холмс побрзо да закрепне по еден особено напорен случај, Вотсон договара посета на пријателот на село. Но, по кражбата што ја остава збунета локалната полиција, Холмс е вовлечен во мрежа од лаги, уцени и убиство. Самиот мора да ги најде натрапниците – ако успее да го преживее случајот.

Книгата е достапна за нарачка на следниот линк: https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14839

„Поморската спогодба“

Вотсон, би можел ли да го доведеш твојот пријател Шерлок Холмс да се види со мене? Моето работно место во МИНИСТЕРСТВОТО ЗА НАДВОРЕШНИ РАБОТИ се чинеше безбедно додека не се случи оваа ужасна катастрофа. Се плашам дека мојата кариера е УНИШТЕНА! Војната станува вистинска закана откако ќе биде украден таен документ од Министерството за надворешни работи. Но, зошто крадецот чекал десет недели за да го продаде? Холмс и Вотсон се втурнати во светот на меѓународната дипломатија само за да откријат дека опасноста може да дојде од неочекувана страна.

Книгата е достапна за нарачка на следниот линк: https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14830

„Вампирот од Сасекс“

Господине – нашиот клиент, господинот Роберт Фергусон, ни се обрати во врска со ВАМПИРИ. Со оглед на тоа што сме инженерска фирма, за жал темата не е некоја на којашто можеме да дадеме стручно мислење. Можеби вие ќе можете да бидете од поголема ПОМОШ. Холмс и Вотсон се соочуваат со најчудниот случај дотогаш. Еден вознемирен сопруг доаѓа кај нив да побара помош, очајно сакајќи да го разбере чудното однесување на неговата жена. Таа е фатена на дело како ја цица крвта на сопственото бебе! А сепак, вампирите се измислени, тие не постојат... нели?

Книгата е достапна за нарачка на следниот линк: https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14838

„Дамата со превез“

Пред седум години во селцето Абас Парва се случил страшен инцидент. Господинот Рондер, сопственикот на ЦИРКУСОТ СО ДИВИ ЖИВОТНИ, го загубил животот откако бил НАПАДНАТ од избеган лав. Холмс се соочува со стара мистерија откако добива покана да ја посети дамата која одбива да си го прикаже ликот. Грозоморното злосторство од пред седум години остава ужасни последици, а Холмс е единствениот кој може да ја спаси дамата со превезот од сопствената совест.

Книгата е достапна за нарачка на следниот линк: https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14836

„Тројцата студенти“

Господине Холмс – молам за вашата помош. Не смеам да ја вмешам полицијата. Ако овој немил СКАНДАЛ биде јавно објавен, репутацијата на овој универзитет ќе биде целосно УНИШТЕНА. Едно опуштено патување со цел истражување се претвора во трка со времето кога професорот Соимс им се обраќа на Холмс и Вотсон со чудна мистерија. Тројца студенти се осомничени за мамење пред испит, па ќе успее ли Холмс да го реши случајот навреме за да може да се одржи испитот?

Книгата е достапна за нарачка на следниот линк: https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14805

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

array(0) {
}
Memory Consumption is: 8.06 MB