Што се сликовници? Како настануваат? Кој ги прави цртежите, а кој го смислува текстот? Дали може од цртеж да се роди приказна? Може ли од една песна да се создаде цела книга? Ова беа дел од прашањата што малите љубопитковци од големата група од градинката Ј.У.Д.Г. „Детска Радост“ од Гази Баба, Скопје, ги поставија на работилницата што се одржа денеска (10 април) во нивната занимална во објектот „Мимоза“.
На настанот, кој е во рамките на кампањата „Магијата на приказните“, во организација на издавачката куќа „Арс Ламина“, беше претставена сликовницата „Бакнежот на пролетта“ од писателката Елизабета Баковска, со илустрации на Катерина Соколова. Уредничките од „Арс Ламина“ им ја прочитаа книгата на децата, која е дел од едицијата „Нови бајки од Македонија“, по што разговараа за впечатоците од приказната. Во продолжение децата, со своите учителки, цртаа и боеја пролетни илустрации инспирирани од бајката. На крајот, тие создадоа своја сликовница.
Кампањата „Магијата на приказните“, која почна на втори април, на Светскиот ден на книгите за деца, и ќе трае во текот на овој месец, е со цел да се истакне значењето на литературата за деца во растењето и едукацијата на најмладите. Во фокус се сликовници, во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, од домашни автори и илустратори, кои со својот квалитет, концепт, визуелна и текстуална содржина ја збогатуваат македонската литература за деца. За време на деновите на литературата за деца се одржуваат повеќе активности, чијашто цел е да им ги доближат сликовниците на сите деца. Досега се одржаа неколку работилници со автори, илустратори и уредници на изданија за деца, наменети за раношколска и предшколска возраст.