За малите читатели

Читањето е супермоќ – инспирација за литературен и ликовен конкурс

23.04.2023.
Читањето е супермоќ – инспирација за литературен и ликовен конкурс

Во чест на Светскиот ден на книгата и на авторското право (23 април), издавачката куќа „Арс Ламина“ го почнува новиот литературен и ликовен конкурс инспириран од кампањата „Читањето е супермоќ“. Право на учество на овој креативен предизвик, кој ќе трае од денеска (23 април) до 23 мај 2023 година, имаат сите ученици од основните училишта од целата држава. Тие можат да напишат поетско или прозно дело или да нацртаат цртеж што ќе бидат поттикнати од светот на книгите, читањето и литературата.

Победниците ќе бидат соопштени и наградени на посебен настан на почетокот на јуни 2023 година. Наградниот фонд се состои од дипломи и книги обезбедени од „Арс Ламина“. Tворбитe на тема „Читањето е супермоќ“ ги очекуваме на следната е-адреса: konkurs@arslamina.com.

При конкурирањето, учениците треба да ги наведат следните податоци: име, презиме, ментор, одделение/клас и училиште, како и поштенската адреса и телефонски контакт (од родител за помладите учесници).

Главната мисија на кампањата „Читањето е супермоќ“, која издавачката куќа „Арс Ламина“ ја спроведува веќе петта година по ред, е поттикнување на читачките навики кај децата. Целите на кампањата се: подигнување на јавната свест за значењето на читањето од најмала возраст и во таа смисла вклучување на колку што е можно поголем број релевантни чинители од сите сфери на нашето живеење, негување на мајчиниот јазик, поттикнување на читањето и унапредување на читачките вештини, понуда на квалитетно поминато време настрана од новите технологии, образовна поддршка преку збогатување на наставната програма и активностите на училишните библиотеки, поддршка на децата со тешкотии во читањето – дислексија – за кои создадовме едиција „Лесно читливи лектири“ со соодветен фонд и проред, одобрени од здружението за дислексија „Ајнштајн“ и прераснување на „Читањето е супермоќ“ во долгорочна, национална кампања.

Оваа година, во соработка со скопските општини, „Арс Ламина“ организира серија едукативни презентации за претставниците на основните училишта (директорите, библиотекарите и наставниците) како поддршка на наставната програма со понуда на конкретни методи, алатки и стратегии за поттикнување на читањето. Целта е активно вклучување на наставниците и библиотекарите во унапредување на читачката култура, читачките вештини, усното изразување, когнитивните способности на децата. Во рамките на оваа соработка со општините, „Арс Ламина“ донира по сто книги (лектири, лектирни читанки, збирки, вежбанки и нагледни средства) во библиотеките на сите училишта што ќе се вклучат во кампањата.

Инаку, 23 април има голема симболика за светската литература. На овој датум во 1616 година починале Шекспир, Сервантес и Инка Гарсиласо де ла Вега. Исто така, тоа е датум на раѓање или смрт на други истакнати автори, како што се Морис Друон, Халдор К. Лакнес, Владимир Набоков, Јозеп Пла и Мануел Мехија Валјехо. Од почит кон интернационално познатите книги и автори и нивната поврзаност со овој датум, поттикнувајќи ги сите, а особено младите луѓе, да го откријат задоволството од читањето и да стекнат почит кон незаменливиот придонес на оние што го унапредуваат социјалниот и културниот напредок на човештвото, УНЕСКО го создал Светскиот ден на книгата и авторското право. Ова бил и природен и очекуван избор на Генералната конференција на УНЕСКО, која се одржала во Париз во 1995 година.

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

array(0) {
}
Memory Consumption is: 5.81 MB