Мигрирано

#bookstagram интервју со @bookreaders_community

09.03.2023.
#bookstagram интервју со @bookreaders_community

Катерина Павловска и Саше Паневски се гости во нашето трето интервју од серијалот #bookstagram интервјуа. Тие се креатори на профилот @bookreaders_community, кој е на листата на омилени #bookstagram профили на многумина читатели и инстаграм-корисници. Веќе долго ги следиме нивните постови со препораки за читање и искрено се радуваме кога ќе видиме кај нив книга што е од рафтовите на нашите книжарници (а се случува често).

Профилот @bookreaders_community оваа година ќе го слави својот петти роденден. Креиран е еден августовски ден, во 2018 година, во еден момент кога Катерина и Саше почувствувале потреба за место каде што ќе даваат препораки за книгите што ги читаат, ќе можат да видат што читаат другите и зошто им се допаднала или не им се допаднала одредена книга, но и каде што ќе можат да сретнат истомисленици и да бидат слушнати. Тогаш, имаше само едно такво катче, па така се решиле да направат и тие свое.

Нивниот букстаграм-профил е дел од нивниот живот. Како што велат, тој е нивна инспирација и мотивација. Но, и ни откриваат дека наскоро ќе почнат да работат и со нивниот блог и да бидат поактивни.

Во продолжение проследете што друго ни открија низ одговорите на нашите прашања.

 

Која ви беше омилена лектира како деца?

Кате: Не би можела да издвојам помеѓу „Двојната Лота“ и „Хајди“.

Саше: „Зоки Поки“, без дилема! За мене, оваа книга е култна и ми го одбележа детството. Можеби не се сеќавам на сите прочитани лектири, но затоа оваа сѐ уште ја паметам јасно.

 

Дали вашиот букстаграм-профил направи некоја значајна промена во Вашиот живот?

Кате: Ми го промени животот во секое можно поле, на најпозитивен можен начин. Луѓето постојано ме прашуваат: Како постигнуваш сѐ? Зар не е голема обврска да водиш профил? Јас уживам! Да, обврска е, се разбира, исто како и работата. Но, обврска што ја сакам со сето срце. Пред сѐ, кога го отворивме профилот воопшто не очекувавме толкава поддршка и публика на читатели. Профилот не само што ми го зголеми интересот кон книгите и ме натера да ги следам трендовите туку и ме направи покреативна и поиновативна личност, поспособна и поодговорна, личност што научи како подобро да го организира времето и да постигне сѐ што ќе науми. Поради него почнав да подарувам книги, запознав многу луѓе (не само од Македонија) со кои веќе четири години (откако постои профилот) контактираме и си даваме препораки. Едноставно, тој е дел од мене. Не би можела да си го замислам животов без него.

Саше: Во моментов не ни можам да замислам што сум правел пред тоа. Освен тоа што профилов направи значајна промена во мојот живот, ме оформи и како личност: ми даде можност да се изразувам слободно, да бидам слушнат... Се надевам дека овој букстаграм-профил им овозможува барем половина од она што ни го овозможува мене и на Кате, бидејќи сепак нашата цел е сите заедно да придонесеме кон поголема достапност на книгите во Македонија, но и зголемување на читачката публика. Затоа, често објавуваме фотографии на тоа наше „мало општество“.

 

Кој ви е омилен лик/карактер од книга?

Кате: Тешко ми е да издвојам само еден, но кога би морала да изберам, тоа би била Лили Блум од „Ова завршува со нас“ од Колин Хувер. Пример за храбра жена!

Саше: Ова е навистина едно од потешките прашања што ми ги поставиле. Во речиси секоја книга има барем еден лик кој ми оставил впечаток. Но, кога би морал да изберам еден лик, веројатно тоа би бил Од Томас, од истоимениот серијал на Дин Кунц.

 

Дали читачките навики ви се менуваат според сезоната и времето?

Кате: Дефинитивно! Понекогаш желбите и можностите не одат рака под рака. Читам секое утро во автобус додека патувам за на работа и попладне кога си одам дома. За жал, по работа не сум секогаш во можност да читам, бидејќи некогаш сум преморена, а некогаш имам обврски. Затоа, читањето во автобус го практикувам секој ден.

Во однос на сезоната, обично во лето ми е тешко да се фокусирам и да фатам книга, додека, пак, во зима редовно имам сопствен „маратон на читање“.

Саше: Се разбира, сезоната и времето имаат влијание врз моите читачки навики, иако, можеби чудно, но воопшто не влијаат и на моите навики за купување нови наслови. Има моменти кога, едноставно, не можам да замислам да бидам без книга, на пример, на летен одмор или на зимски викенд на планина, кога патувам, пред да заспијам... Но, генерално, сезоната и времето многу повеќе влијаат на мојот избор на следна книга за читање.

 

Постои ли автор или авторка кои никогаш не сте го прочитале, а ви се следни на листата?

Кате: Да, ги има повеќе. Но, би ги издвоила: Џејн Остин, Маргарет Атвуд, Саманта Даунинг, Маријана Запата, Елиф Шафак и други.

Саше: Сакам да читам автори кои претходно не сум ги читал, а често и на мојата листа се наоѓа по некој нов автор кој допрва треба да го истражам. Авторка која набргу планирам да ја читам, а досега не сум читал ништо од неа е Саманта Даунинг.

 

Дали читате книги кога се во тренд или чекате да згасне возбудата, па ги читате?

Кате: Дали книгата е во тренд или не, не ми игра улога за тоа дали ќе ми се најде на листата за читање или не. Има книги што во моментов се сензации на „Тик-ток“ и на „Инстаграм“, а не ни помислувам да ги прочитам. Едноставно, сметам дека не се за мене. Особено имајќи предвид колкупати сум се зезнала читајќи ги токму таквите книги.

Саше: Овие два критериума не ми се репер во изборот на книга за читање. Сметам дека трендовите создаваат големи очекувања, но претежно и нереални. Но, од друга страна, доколку некој наслов ми се допадне (од книгите за кои најмногу се зборува) – нема да размислам двапати. Веднаш ќе ја купам книгата и ќе почнам со читање.

 

Читате повеќе домашни или странски автори?

Кате: Повеќе читам странски автори, но само поради тоа што има бескраен избор на чик-лит романи. Целосно ги поддржувам домашните автори, но кај нас тој жанр не е толку присутен. Сѐ што е напишано од наш автор во тој жанр веќе сум го прочитала.

Саше: За жал, повеќе читам странски автори, иако веројатно повеќе сакам да читам домашни. Тоа се должи на соодносот во изборот на книги за купување, како и релативно недостатокот на книги по мој вкус – исполнет со мистерија, фантазија, научна фантастика... Морам да истакнам дека во последно време сѐ почесто наши писатели прават храбри чекори и запливуваат во овие недоволно застапени литературни води, па така, многу уживав во книгата на Хари Кацановски насловена „Анатрос“. Очекувам книгите од овој жанр да бидат позастапени во иднина и кај нас.

 

Која светски популарна книга би сакале да биде преведена на македонски јазик?

Кате: Има навистина повеќе, па не би можела да издвојам само една. Ќе набројам неколку: серијалот “Twisted” од Ана Хуанг, серијалот “Knockemout” од Луси Скор, “Every Summer After” од Карли Фортун, “La chica de nieve” од Хавиер Кастилјо и многу други.

Саше: Сметам дека, иако сме мал пазар, имаме одличен избор на литература за читање, а и достапност на насловите, па затоа не размислувам често на книги што не се преведени. Тоа не значи дека нема автори кои не би сакал да ги видам во наши изданија на полиците во книжарниците. Би ја издвоил шпанската авторка Елисабет Бенавент, која навистина пишува уникатни љубовни приказни.

 

Кој е вашиот омилен почеток од роман?

Кате: На конкретен цитат не би можела да се сетам. Но, почетокот на „Сите твои совршености“ од Колин Хувер ми е омилен. Дејството почнува веднаш. Книгата станува интересна уште од првиот пасус.

Саше: „Човек во црно бегаше низ пустината, а го следеше пиштолџија.“ - „Темната кула“ од Стивен Кинг ('The man in black fled across the desert, and the gunslinger followed' – 'The dark tower', ), веројатно една од најдобрите воведни реченици што некогаш сум ги прочитал.

 

Кои ти се топ 5 книги на сите времиња за вас?

Кате:
– „Човекот по име Уве“ (Фредрик Бакман)

– „Ова завршува со нас“ (Колин Хувер);

– „Верити“ (Колин Хувер);

– „Седумте мажи на Евелин Хуго“ (Тејлор Џенкинс Рејд);

– „Дејзи Џонс енд Д сикс“ (Тејлор Џенкинс Рејд).

Саше:
– „Зад затворени врати“ (Б. А. Парис);

– „Автостоперски водич низ галаксијата“ (Даглас Адамс);

– Серијалот „Темната кула“ од Стивен Кинг ('The dark tower');

– „Ready player one“ (Ернест Клајн);

– „Кери“ (Стивен Кинг).

 

Дополнително прашање 1: Омилена жена автор и омилен цитат поврзан со жената.

Кате:

– Омилена жена автор: Колин Хувер

– Цитат 1: Зошто кога е нападната некоја жена, одговорноста паѓа на неа? „Камо да не си одела пеш дома“. „Камо да не поминела низ паркот“. „Камо да фатела такси“. Кога се работи за силување, ми се чини дека постојано се користи тоа „камо“. Никој никогаш не зборува за мажот. Никој никогаш не вели „камо“ да не ја силувал. Секогаш се зборува за жената. Камо...

Извадок од „Ноќно пливање“, Меган Голдин

– Цитат 2: Ич не сакав да бидам нечија муза. Јас не сум муза. Јас сум некој и нешто. И точка, пичка ви матер.

Извадок од „Дејзи Џонс енд Д сикс“, Тејлор Џенкинс Рејд

Саше:

– Омилена жена автор: Колин Хувер

– Цитат: Ако ги ставаш под рефлектор само своите недостатоци, сите твои совршености ќе останат во сенка.

Извадок од „Сите твои совршености“, Колин Хувер

Дополнително прашање 2: Дали постои уште нешто што сакавте да ве прашаме, а не го сторивме тоа?

Кате и Саше: Која книга ви го променила животот и како?

Тука завршија со пишување, па ни оставија да размислуваме за одговорот на последното прашање и да го дознаеме во некоја следна пригода.

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

array(0) {
}
Memory Consumption is: 8.13 MB