Ново migrirano

Барби од подрумот од Маша Колановиќ е носталгична приказна за последното детство во Југославија

28.01.2022.
Барби од подрумот од Маша Колановиќ е носталгична приказна за последното детство во Југославија

Додека небото го прелетуваат борбени летала, а животот се одвива според диктатот на тревожните сирени, истовремено пред влезовите и низ маалата во Загреб се случува непрекинато детство, кое, гледано од денешен аспект, има музејска вредност. Главната игра е, всушност, паралелниот свет на популарните кукли-барбики, што толку внесено го создаваат децата од населбата Слобоштина.

Ова е краток вовед во приказната на книгата „Барби од подрумот“ од хрватската авторка Маша Колановиќ, чиешто издание на македонски јазик е на редакцијата „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“.

Станува збор за илустриран постмодернистички роман, чиешто дејство се случува во деведесеттите години на минатиот век во Хрватска. Приказната остава простор за многуслојни читања, благодарение на умешниот писателски пристап на авторката, со еден замав да ги забележи социјалните и општествените промени во фонот на еден пресвртен историски период на просторот на поранешна република Југославија.

Нарацијата во романот во прво лице ја води малата Маша, но со мудрост и искуство на возрасен човек, со многу ретроспективи и паралели. Приказната го следи нејзиното колектирање на куклите-барбики и заедничката игра со другарчињата кога војната е пред распламтување и зема замав низ цела Југославија. За да ја заштити својата колекција барбики, таа ги пакува куклите во кеси за замрзнување и нежно ги распоредува во својот куфер со Штрумфови. Таа смета дека ако ја погоди бомба нивната зграда и сè се претвори во урнатини, животот нема да биде бесмислен сè додека нејзините барбики останат безбедни во својата розова облека и флуоресцентните модни додатоци... И, се разбира, сè додека ништо лошо не се случи со некој од нејзиното семејство, роднините и другарите од училиштето и од нејзината зграда.

Но, како што завршува војната, така завршува и играта со барбиките. Предадени и уништени, донирани, изгубени или, пак, трајно спакувани, тие полека си заминуваат од животот на детето... Како што си заминуваат барбиките, така си заминуваат и луѓето.

Во својот поговор кон оригиналното издание, славниот писател Миљенко Јерговиќ пишува: „Годините кога растела Маша било време кога се рушеле царства. Така би пишувало во бајките и во историографските анализи. Всушност, тоа беше време на војна во Хрватска, времето во 1991 година. За тоа оловно и херојско време, кога и водителите на дневните вести на телевизија зборуваа малку погласно, за да бидат слушнати без микрофон, многу работи тогаш се раскажуваа и се сведочеа, но немаше книги од кои можеше да се дознае како било навистина. Ете, да речеме, во Нов Загреб, во населбата Слобоштина. Ова е книга и за тоа, раскажана толку паметно и добро така што на некои места читателот ќе почувствува силна гордост затоа што ќе си помисли дека самиот раскажува, а не Маша. И тогаш, кога ќе си дојде на себе, ќе сфати дека нема поголем комплимент за една книга напишана на крајот од детството“.

Маша Колановиќ (р. 1979, Загреб) е писателка, уредничка, визуелен уметник и предавач. Таа е професор по современа хрватска литература на Универзитетот во Загреб. Нејзиното прво дело е збирката песни „Пијавици за осамени“ (2001). „Барби од подрумот“ е нејзин прв роман, објавен на хрватски јазик во 2008 година. Нејзини други дела се: „Почитувани бубачки и други морничави приказни“ (2019), „Јамерика“ (2013), „Ударник! Бунтовник? Потрошувач...“ (2011). Добитничка е на престижната награда на Европската унија за книжевност (ЕУПЛ) за 2020 година, која им дава признание на новите книжевни таленти низ Европа. Признанието ѝ го донесе збирката раскази „Почитувани бубачки и други морничави приказни“.

Книгата „Барби од подрумот“ е достапна во сите книжарници „Литература.мк“ и онлајн на следниот линк:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14439

 

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

array(0) {
}
Memory Consumption is: 5.9 MB