Ново migrirano

Поговор кон Тесна врата од Оливера Николова

01.07.2022.
Поговор кон Тесна врата од Оливера Николова

ПОСЛЕДНАТА САМОЖРТВА НА ПЕТРА

Кица Колбе

Оливера Николова е толку долго присутна во моето паметење, што помислувам дека отсекогаш ја познавам. Иако никогаш не сум ја сретнала на подолга средба. Освен случајно, мигновено, на поминување или од далеку, повеќе со поглед што препознава, отколку во личен разговор. Таа отсекогаш за мене беше само „пријателката на вујко ми“, како што веројатно и јас за неа сум само „внуката на пријателот“. Тоа од моето пишување за нејзиниот прв роман Тесна врата (1983) прави чин на неочекувана средба одблизу. Очи в очи со нејзината проза, со нејзиниот запис и творечка имагинација. Иако знам дека во ниту еден роман не се среќаваме непосредно со личноста што го напишала. Како што знам дека ништо не нè прави толку љубопитни за личноста, како читањето на нејзината проза.

За волја на вистината, не се бев сретнала вистински со Оливера Николова ниту во нејзината проза за деца, затоа што кога таа во 1963-тата ја објави прочуената Зоки Поки јас веќе имав дванаесет години. И одамна не читав книги за деца. Читајќи ги деновиве малкуте интервјуа со неа, открив дека двете нè поврзува доживувањето на сопственото детството. Таа вели дека во пишувањето за деца го надоместила недостигот од игра во детството за времето на војната. Затоа што имала чувство дека тогаш „не се изнаиграла доволно“ и дека имала потреба да се „реализира“ како дете пишувајќи литература за деца. Какво чудесно сведоштво! Тоа ја потврдува терапевтската моќ на прозата за која зборуваат психолозите кои се занимаваат со траумата, но и теоретичарите на литературата. Возбудлива е претставата дека пишувањето книги за деца може да биде еден вид продолжено детство. Тоа не мора да противречи на фактот што авторката, можеби, во истиот миг кога ја пишувала првата книга за деца, го родила и првото дете. Во детството на сопствените деца сме мигновено вратени во нашето детство. Тоа го знам од искуството со ќерка ми и со внука ми. Секако, соочени со детството на нашите деца, сознаваме дали нашето детство било детски-игриво или возрасно-сериозно. Играта на девојчето Оливера била „заробена“ од мрачната сенка на војната. Моето детство стоеше под истата мрачна сенка, затоа што војната беше траумата на моите родители. Има деца, како Оскар Мацерат во Лимениот барабан на Гинтер Грас, кои одлучуваат да не раснат заради војната. А има и деца кои војната, дури и како траума на возрасните, ги прави прерано „возрасни“. Јас бев „возрасното“ дете кое не играше, туку само ги гледаше другите деца додека играат. А има возрасни, како Оливера Николова, кои ја победуваат војната во своето детство со лечебната моќ на литературата. Што значи, таа пишувањето за деца го доживувала како игра, ако не реално, барем симболично. Така не само што го „надополнила“ тоа што ù го украла војната туку и станала македонската Астрид Линдгрен!

Може ли да си ја замислиме Астрид Линдгрен додека пишува книги за деца, паралелно да истражува и за својот прв роман за возрасни? А зошто не? Впрочем, Оливера Николова самата сведочи дека прозата „бара трпеливост, занает, работа, време“. Прозата за деца не е само игра туку и извонредна школа за занаетот на писателството воопшто. Прозата е навистина, како што некаде вели Оливера, долг „процес на сублимирано живеење“. Прозното писмо е контемплативен процес кој, од мигот кога почнува ракописот, го обзема сето внимание. Тоа го потврдува и Оливера кога вели „мене пишувањето ми надоместува една молчаливост, индиферентност кон светот“. И јас го делам истото доживување на пишувањето како всебенасоченост и всебеповлеченост, како стивнатост за светот, затоа што во пишувањето сè се одигрува во молкот и во соочувањето со најдлабокиот слој на паметење и сознание во нас самите. Таму, во молкот, зрее приказната некогаш многу долго, со години. Ненапишаните книги ги носиме толку долго, колку што им треба за да станат слика, збор и приказна.

Затоа мислам дека и Оливера не се одлучила да напише роман за возрасни ненадејно или спонтано. Тој процес на „сублимирано живеење“ траел несомнено долго, цели дваесет години по Зоки Поки. Иако таа првата книга со раскази за возрасни, Ден за летување, ја објавила уште во 1964-тата, само една година по Зоки Поки. Мојот сега покоен професор Георги Старделов, со кого работев неколку години заедно како асистентка и доцентка по естетика, тогаш пишуваше дека Оливера Николова со првата книга за возрасни „суверено навлегува во нашата современа литература“. Додуша, тој уште ја нарекува автор, а не авторка, и раскажувач, а не раскажувачка, но тоа е во духот на тогашното време, кој многу не се трудеше да обликува соодветни феминативи. Како и да е, Старделов сметал дека таа е „изразит раскажувач (...) за кој може да се рече дека има што да раскаже пред да почне да раскажува“. Таа согледба на Старделов ја потврдува особената раскажувачка структура во Тесна врата. Со оглед на сложеноста на приказната, станав љубопитна колку време Оливера работела на ракописот, вклучувајќи го и времето во кое консултирала стручна литература за христијанските секти. Насловот на романот е позајмен од прочуеното место во Евангелието по Лука (13, 24), каде што се вели дека во Царството небеско се влегува низ „тесна врата“. Оваа синтагма се појавува во романот само еднаш, на неговиот крај, кога „ситната“ Петра, небаре на загадочен начин исчезнува во толпата гневни поклоници на различните христијански секти, кои завршуваат во меѓусебна борба.

Изгледа малку парадоксално што најуспешната македонска писателка за деца својот прв роман за возрасни го посвети на една во социјализмот речиси езотерична тема – нововерците или христијанските секти. Меѓутоа, можеби токму таа парадоксалност сведочи за особеното творечко кредо на Оливера, кое не се потчинува на литературните трендови или на политички омилените теми. Развивањето на приказната во Тесна врата е толку богато со подробности, факти и информации за различните христијански секти, што веројатно за неискусните читатели тоа романот го прави малку потешко читлив, затоа што бара голема концентрација. Се работи за сложен, многуслоен и многузначен роман. Тој не е ниту филозофска метафора за Јасперсовите „гранични ситуации“, ниту повест за искушенијата и парадоксите на верата во стилот на Достоевски. Судската хроника како наративна форма сугерира документарност, која напати се приближува до социолошката анализа, како што и долгите пасуси со теолошки и филозофски објаснувања создаваат интелектуална атмосфера. Споредено со фактот што романите на македонските писатели во тој период уште се занимаваат со македонската историја и традиција (особено Славко Јаневски и Петре М. Андреевски), темата во Тесна врата е навистина универзална. Затоа не можам да си замислам дека инспирацијата или литературниот урнек за овој роман за Оливера би можел да биде некој македонски писател. Во идејната структура на романот, кој, раскажан како извештај од судски процес, може со право да се нарече и особен вид на криминален роман, помислив дека можеби Оливера се инспирирала од романот Името на розата на Умберто Еко, кој беше објавен во 1980-тата.

Новина е што централниот лик во романот е жена, затоа што жените во романите на македонските писатели ретко беа главни ликови. Притоа, Петра е главен женски лик како „антихерој“. Не само затоа што припаѓа во типологијата на литературните ликови на малечките, обични луѓе туку и затоа што таа самата критички ги проблематизира херојството и саможртвата од идеолошки причини. „Таа беше навистина ситна. Чекореше ситно, зборуваше ситно, трепкаше ситно, со веќе први ќесички под очите. Неугледна како врапче во бујно зеленило. Загубена меѓу луѓето како случајна издишка. Па и така, мерата на нејзините чекори го цепеше светот, навистина на поситни парчиња одошто го правеа тоа другите, но во секое од тие парчиња таа се загледуваше како во свој вез, распнат на ѓерѓеф. Да се гледа, зборуваа нејзините големи очи. Сета природа вика низ своите мали нешта, зарем не забележувате?“ (Тесна врата, стр. 7) Петрината емпатија со сета природа и со сите суштества ја разбудува во неа љубопитноста за „непознатото“. Тоа што како нишка подоцна проблеснува во сите нејзини „екскурзии“ во светот на „непознатото“ – христијанските секти – е и нејзината желба да излезе од стегите на „системот“, на догматското и пропишаното. „Системот“ кој ја определил нејзината животна и професионална биографија е комунистичката партија. Партиската агитација или вербата во народот и во идеалот на праведното општество бара саможртва, која Петра совесно ја практикува, сè додека не го сретне адвентистичкиот проповедник Илија. Таа прави еден вид „хибрис“, со тоа што е љубопитна за „забранетото“, за христијанските секти, со што таа за партиските соборци станува предавник. Затоа што одбива да ја игра улогата што ù е доделена во идеолошки зацртаниот општествен круг. Конците во приказната често ги влече Комисијата за односи со верските заедници, во која работи Петриниот зет одсестра.

Мојот впечаток е дека ова не е роман за верата или за конфликтот помеѓу атеизмот и религијата, како што тој бил толкуван во осумдесеттите. Ми се чини дека клучната тема е сличноста во „менталната матрица“ на двата идеолошки, односно религиозни система, особено со оглед на нивната затвореност. Во двата система владее целосна контрола, која раѓа страв, дух на потчинетост и опортунизам. „Во нас гледа народот, Петра, ù беше рекол Благоја. Не сме ние сами, Петра...“ ( исто, стр. 36) И партијата и сектата се борат со сите средства да ги задржат своите „поклоници“ во својот затворен идеолошки круг. Затоа едните гледаат во другите непријател. Петра е единствената што го согледува тоа. Впрочем, неа не ја чуди ревносната агитација на нововерците, затоа што ја познава од комунистичката агитација. Таа, која сето време чека на љубовта, се саможртвува избирајќи да го љуби инвалидот Благоја, како негова „невенчана животна сопатничка“. (исто, стр. 12) Тој, пак, е речиси целосно идеја и разум, верба во идеалот, ревносен аскет. Тој е маж без тело. Комунистичкиот аскетизам на Благоја не е далеку од самоизбраниот аскетизам на адвентистичкиот проповедник Илија.

Сето ова е раскажано во приказна која изобилува со имиња, настани, факти и информации, а тоа делумно го прави романот затворен и шифровид. Оливера Николова акрибично опишува антагонистички инстанции на моќ, спремни да се одмаздат и да го отфрлат поединецот во мигот кога тој „не ги почитува правилата на игра“. Петра сака да истражи и да сознае што е тоа што ги привлекува луѓето во религиозните секти. Со тоа станува сомнителна и за своите партиски „соборци“, но и за нововерците кои сака да ги разбере, а некогаш дури и да ги разувери во нивната вера. Таа сака да посредува меѓу двата непомирливи света и доживува пораз. Внимателниот читател сознава дека таа сето време е во потрага по љубов, дури и кога од идеолошка увереност прифаќа да функционира во системот, жртвувајќи ги најнормалните нешта, како фамилија и мајчинство. „Чекаше потоа сè да се измени. Да го најде заслужениот мир. Да разбере каде е, најпосле да разбере до кога толку беспоштедно ќе жртвува сè што е лично, за општата цел. Чекаше... Имаше желба некој да ù пријде, да ја здроби во жесток преграб, а ниту другарите смееја да помислат на тоа, ниту самата таа. Кој би го простил тоа неверство спрема Благоја? Издржи, издржи, си велеше, сепак, чекајќи. А и кога би се нашол тој некој, храбрец и веселник што би сакал да ги прескокне сите прегради и да дојде до неа, зарем таа него би го прифатила? Можеше да му признае дека некогаш едноставно сака да влезе не во лифтот во кој ја очекуваат, туку во друг... “ (исто, стр. 38)

Оливера Николова ја раскажува сложената приказна за загадочното исчезнување на Петра со многу акрибија, луцидност и писателска ревност, небаре самата морала да помине низ некоја „тесна врата“. Асоцијацијата е оправдана, затоа што и таа по дваесет години успешно творештво за деца, се осмелува да го освои „непознатото“ – царството на романот. Тоа дотогаш беше неприкосновеното царство на мажите. Тоа беше станало речиси „сакрален“ простор, во кој жените долго немаа пристап. Умно се одлучила копнежот на Петра по љубов да го „скрие“ во нејзиниот сложен и загадочен лик. Тогаш уште не беше конјунктурен поимот „женско писмо“, но жените во литературата дотогаш беа уште само поетеси, чија главна тема неретко беше љубовта. За нас, за македонските романописателки, со овој роман Оливера Николова ги отвори ширум „портите“ во македонската литература. Во мотото кон романот таа уште самата се нарекува „автор“, иако претходно две децении беше авторка на книги за деца. Небаре тоа женско искуство во авторството да не се важи кога жената ќе се осмели да зачекори во царството на романот. Од друга страна, таа во едно интервју открива колку суштествено за неа е пишувањето проза, која очигледно ја цени повеќе од поезијата. Во прозата, особено во романите што следуваа подоцна, таа го слушала „својот сопствен глас“. Во прозата таа „се искажувала самата себеси“. Многу значајно е нејзиното сознание дека нам, на македонските писателки, „ни е потребно ослободување од чувството на инфериорност како жени“. Таа во својот роман влезе низ „тесната врата“ во македонското романописателство толку суверено, небаре чекореше по црвен тепих, иако тој не одговара на нејзината скромност. Но, нејзиното деби како романописателка се преобрази во среќна констелација за сите помлади романописателки, кои следуваа подоцна. И јас сум една од нив. Затоа ù благодарам на Оливера Николова што имаше храброст да не ги почитува традиционалните „правила“ за улогата на жените во македонската литература и да зачекори во тогаш уште „непознатото“ – прозата на македонските романописателки.

„Тесна врата“ со поговор од Кица Колбе е дел од едицијата со десет тома со 12 реобјавени книги од творештвото за возрасни на Оливера Николова, во издание на „Арс Ламина“.

Книгата „Тесна врата“, која е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн преку https://www.literatura.mk.

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14895

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

array(0) {
}
Memory Consumption is: 8.11 MB