Ново migrirano

Оливера Николова: Јазикот на кој сите се изразуваме е за нас најубавиот јазик на светот

21.09.2022.
<strong>Оливера Николова: Јазикот на кој сите се изразуваме е за нас најубавиот јазик на светот</strong>
Македонската писателка Оливера Николова ja доби наградата „Прозарт“ за авторски придонес кон развојот на книжевноста на Балканот, што ја доделува Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“. На свеченоста, што се одржа во вторникот (20 септември) во Даут-пашиниот амам во Скопје, за време на јубилејното, десетто издание на книжевниот фестивал, Николова се заблагодари со видеообраќање.

Во говорот таа истакна дека жали што не присуствува на настанот:
„Жалам што не сум во состојба да ја споделам со вас оваа значајна средба во која се испреплетуваат нашите остварени и неостварени соништа и во која, сепак, присуството не е ниту малку имагинарно. Јас ѝ припаѓам на македонската литература, а мојот јазик на изразување, како што знаете, е македонскиот јазик. Нема да бидете зачудени, нели, ако речам дека јазикот на кој сите се изразуваме е за нас најубавиот јазик на светот. Нема да бидете зачудени, на пример, ако речам и дека во јазикот со кој се изразуваме понекогаш безмерната радост ја сметаме за лесноумна, бесмислена, за кобничка опасност од која се комплицира животот и се мултиплицираат несреќите... или ако речам уште дека стоиме на несигурна почва на историјата каде што си вообразуваме дека сме ја постигнале иднината на нашите мечтателни предци… или дека, денес, и самите правиме скелиња по кои потомците ќе досегнат незаслужени врвови... или ако за смртта умееме да пееме само како за божествена дарба што од нас прави безумни, но горди чеда... Не сте зачудени, нели? И кај вас и со вас е така, нели?
Денес, кога мојата земја и мојот јазик успешно го множат своето ехо, а ние се чувствуваме срчни и полетни, зошто да не кажеме дека, еве, и ние вредно ја ткаеме мрежата на светот заедно со другите? Мрежата на светот како некоја земна галаксија во која сите соѕвездија светат еднакво за секого. Дека се трудиме да веруваме оти тоа е така и дека мора да биде така. Нели веќе без страв го исправаме своето пред приливот на туѓото? Зошто да не го кажеме тоа? Дека ни било земано недозволено и дека и самите сме земале недозволено, дека сме давале и ни давале и дека сите подрачја надвор од уметничкото секогаш ни се чинеле банални и обични, а дека вистинската смисла на патетичното, вистинската смисла на драматичното, за нас не била да им ја дадеме нивната фотографска вредност, туку нивното највисоко духовно значење.
Нас, како што убаво знаете, според некој неизбежен договор, нè именуваат како писатели. И ние понекогаш го протежираме ова именување. Но, мојата сосетка кога сака да се мајтапи со мене ме нарекува ’нашата мила писателка‘, мојата мајка која не знаеше како се станува писател, ми се обраќаше со ’Ти, што сакаш да станеш некаков си писател‘, но син ми, кој и ден-денес претпочита да нема мајка писателка, ми се обраќа најчесто со ’Ти, која си пред сè мајка, после сè друго‘. Тоа многупати ме тера и самата да застанам и да си поставам себеси многу неизговорени прашања. Запирам и молчам, а прашањата се множат. Знам ли добро каков одговор ќе ме задоволи?
Писател... Писатели... Знаеме ли што се очекува од нас? Го прифаќаме овој товар со занес, а што се бара од нас? Што треба да работиме? Дали да се слушаме само себеси? Дали да ги слушаме првенствено другите? А, најважното: дали би го прифатиле и тоа што ни се наметнува? Колку што знаеме за соништата и за мечтите, за нивната лесна проточност, за нивното недофатно веќавање, толку нивното менување пред нас упорно го издига јарболот на нивната разградливост, на копнежот за цврста почва. Што ни кажува тоа? Значи ли само дека мораме да бидеме тука? Дека нашиот поглед мора да има цел, а нашата работа задача? Значи ли тоа дека мораме да знаеме и кога не знаеме? Значи ли тоа дека мораме да имаме јасен увид во она што ни се случува? Смееме ли да го одречеме тоа? Смееме ли пактот на силите на злото да го прогласиме за невидлив? Смееме ли како творци на замисленото да ја завртиме главата од темницата што нè гори со својот адски пламен, од она со кое животот нè наградува и нè измачува? Зарем само колебањето во постоењето на доброто ја одржува тензијата во нашата работа? Кој е нашиот вистински повик?
Драги пријатели. Сепак... Зар не сме помислиле, сепак, дека нашата сигурна зона е онаа во која не се колебаме? Зар не сме помислиле дека тогаш нашиот увид во она што го перципираме е безгрешен и дека што и да кажеме или напишеме, сепак сме најблиску до неповредливоста на вистината и до непроменливоста на визурите? Сме се поколебале ли дали ќе ни се поверува кога нашите зборови ќе добијат ореол на пророштво? Но, ве прашувам: зар тогаш супериорноста на нашата ограниченост не е она од кое треба да бегаме? Целото сме го поделиле на помали целини, но зар тие не крескаат за поголемо единство? Го гледаме ли тоа? Или барем, го чувствуваме ли? Што треба во тој случај да прифатиме како свое мото?
Во име на овие брзи и површни размисли, во име на нашето колебање за кое секој писател го остри перото, ја поздравувам нашата сложност во предвидувањата што секогаш сме ги оспорувале, да го чуеме не само пискотот на разумот туку и нашата несигурност со коja ја китиме кревкоста на упорното постоење. Она што го работиме никогаш не ќе знаеме со сигурност кои бедеми ги поставува, сè додека не го пропуштиме времето да истрча пред нас и да ни мавта од иднината за повикување“, истакна таа.

Десеттото издание на фестивалот „ПРО-ЗА Балкан“ се одржа од 18 до 21 септември. На настанот учествуваа Дамир Каракаш од Хрватска, Владислав Бајац од Србија, Елена Алексиева од Бугарија, сценаристот и режисер Рајко Грлиќ од Хрватска, нашиот писател Томислав Османли, поетот Пијан Славеј, како и Броња Жакељ од Словенија – авторката на романот „Бело се пере на деведесет“, кој беше промовиран во книжарницата „Литература.мк“ на ул. „Македонија“.

Оливера Николова, која е раскажувачка, романсиерка и драмска писателка, е родена во Скопје во 1936 година. Целиот работен век го минала во Македонската радио-телевизија како уредник и драматург. Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 1963 година. Покрај романите како „Вежби за Ибн Пајко“, „Куклите на Росица“, „Збогум, Вано, Ванке…“, „Песот со тажен поглед“ и збирки раскази за возрасни, има објавено и 17 книги за деца и сликовници, меѓу кои: „Девојките на Марко“, „Мојот звук“, „Преминот не е осветлен“, „Светлосна година“ и др. Нејзината култна книга за деца „Зоки Поки“ стана задолжителна лектира во училиштата, а според неа е снимена и детска телевизиска серија. Организатор на фестивалот е „Прозарт медиа“. Поддржувачи на „ПРО-ЗА Балкан“ се: Министерството за култура, „Традуки“, Турскиот културен центар „Јунус Емре“, Град Скопjе, Културно-информативниот центар на Бугарија во Скопје, Амбасадата на Словенија, Францускиот институт во Скопје, Кинотеката, Националната галерија, „Спона“.
Издавачката куќа „Арс Ламина“, под својот импринт „Арс Либрис“, оваа година го реобјави целокупното творештво за возрасни од Николова. Книгите, кои се дел од едицијата „Македонски книжевни класици“, се во ново руво и со нови поговори од значајни македонски професори, книжевници и писатели. Станува збор за книгите: „Куклите на Росица“ (со поговор од Елизабета Баковска), „Тесна врата“ (поговор Кица Колбе), „Куќичка“ (поговор Румена Бужаровска), „Тромбот“ (поговор Владимир Мартиновски), „Адамовото ребро“ (поговор Калина Малеска), „Збогум Вано, Ванке…“ (поговор Јелена Лужина), „Пешаци по црни полиња“ (поговор Гоце Смилевски), „Белиот чад“ (поговор Никола Гелевски), како и „Вежби за Ибн Пајко“ (поговор Катица Ќулавкова) во исто издание со „Песот со тажен поглед“ (поговор Давор Стојановски) и „Лева комора“ (поговор Владимир Јанковски) во исто издание со „Кадифената покривка“ (поговор Оливера Ќорвезироска).

Реобјавените книги од Оливера Николова се достапни во книжарниците „Литература.мк“ и онлајн преку https://www.literatura.mk, на следниот линк:

https://www.literatura.mk/ListBooksByAuthor.aspx?aut=8519

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

array(0) {
}
Memory Consumption is: 5.95 MB