Ново migrirano

Умешност на лутината од Билјана Велковска е мал водич за голема лична моќ

10.10.2022.
<strong>Умешност на лутината од Билјана Велковска е мал водич за голема лична моќ</strong>

Од авторката на „Психосоматика, емоции што разболуваат и лекуваат“, Билјана Велковска, деновиве од печат излезе новата книга за самопомош, „Умешност на лутината: мал водич за голема лична моќ“. Книгата, која е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, веќе е достапна во книжарниците „Литература.мк“, како и онлајн преку www.literatura.mk.

Една од рецензентите на книгата, доц. Мирјана Јовановска Стојановска, која е психолог/психотерапевт и претседател на Комората на психолози на Македонија, вели дека „Умешност на лутината“ нè води на мало патување, а првата станица е: лутината.

– Секојдневно се сретнуваме со оваа емоција, ама многумина од нас не сфаќаат колку комплексна и важна е лутината за нас. Ова чувство е корен на многу наши дисфункционалности, незадоволства, несигурности. Меѓутоа, ова чувство исто така е учител и извор на нашата лична моќ. Преку примери од секојдневието, книгата ни открива слој по слој од лутината. Откако ќе ја прочитаме сфаќаме дека патувањето со „Умешност на лутината“ било патување во самите нас. Наша е лутината, наш е изборот што ќе правиме со неа. Негирањето на нашата лутина е негирање на себеси. Одењето против својата лутина е одење против самите нас. Да се разбере и да се прифати лутината значи да се разбереме и да се прифатиме себеси. Книгава нè повикува: Принесете ги на олтарот на Вистината своите заблуди, погрешни сфаќања, искривената слика за себеси, тајните, мачнината, самокритиката. „Умешност на лутината“ едноставно и ненаметливо нè повикува на своевидна „револуција“: Бидете својата сопствена револуција. Испразнете ги своите несвесни пештери преполнети со потиснати емоции. Покажете му на светот колку светлина има во вас. Потоа ќе ви биде лесно да се исправите. Дигнете ја главата. Засилете го гласот. Викајте ја слободата – вели таа.

Психологот/психотерапевт Дора Попова Узуновски нагласува дека „Умешност на лутината“ е како амалгам од повеќе книги, па му го дава на читателот, без да губи многу време, она најпотребното што би го извлекол за себе од сите тие книги заедно. Практичноста е негова силна страна.

– „Умешноста на лутината“ е ретко дело наменето за пошироката читателска публика, а сепак според својата содржина не спаѓа во класичната комерцијална литература меѓу книгите за самопомош. Впрочем, и не може да спаѓа затоа што обработува „жешка“ тема што со векови е репресирана, неразбрана, неизживеана и нетрансформирана. Тема што се пика под тепихот во повеќето општества, почнувајќи од генералната репресија на самите влади, па потоа во секое семејство како основна клетка. За да се разбере гласот на лутината, нејзината умешност и конструктивната примена ни се потребни веројатно уште многу милениуми, сè додека човекот не одлучи да се откаже од својот првобитен егоцентризам, кој донесува најразлични неправди, за кои подоцна тешко му е да преземе одговорност. Токму поради тоа, овој водич е особено важен да се има на полицата во секоја домашна библиотека, бидејќи во исто време е пред самото време, но и сосема навремен, имајќи предвид дека е време да се почне еволуција на лутината. Таа е најосновната човечка и животинска емоција, со која човекот може да уништи и да се самоуништи, но кога е свесно трансформирана е најголемиот двигател и сила на личноста која отвора железни врати, прави чуда и поместува планини. Тогаш се вика љубов – се вели во освртот на Попова Узуновски.

Билјана Велковска е родена во 1978 година во Скопје. Дипломирала на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет и е магистер по клиничка и советодавна психологија. Нејзините работни ангажмани вклучуваат преводи, рецензии, уредување на книжевни изданија, книжевни критики и написи во дневниот весник „Вест“, каде што работела како новинар во културната рубрика. Има ангажман како советник за управување и координирање на човечки ресурси. Интересот за психологијата, личен и професионален, Велковска го добива по стручната соработка во неколку изданија со Здружението за психотерапија и едукација „Амигдала“. Во 2019 година, во издание на „Арс Ламина“ ја објави „Психосоматика, емоции што разболуваат и лекуваат“, кое е нејзино прво дело, плод на повеќегодишно истражување на една многу важна и неправедно занемарена тема: конекцијата помеѓу телото и умот.

Книгата „Умешност на лутината: мал водич за голема лична моќ“ е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“, како и онлајн на следниот линк:

https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14939

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

array(0) {
}
Memory Consumption is: 8.05 MB