Ново migrirano

Романот Каде што спие ветрот од Дамијан Шинигој е тинејџерска романса со еколошки и педагошки пораки

21.10.2022.
Романот Каде што спие ветрот од Дамијан Шинигој е тинејџерска романса со еколошки и педагошки пораки

Наградуваниот авантуристички роман за млади, „Каде што спие ветрот“, од словенечкиот писател Дамијан Шинигој излезе во превод на македонски јазик, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Објавувањето на книгата е поддржано од книжевната мрежа „Традуки“. Преводот од словенечки јазик е на Дарко Спасов, а уредничка е Бисера Бендевска.

Заради своите книжевни и етички вредности, „Каде што спие ветрот“ ги добива наградите: „Десетница“ за најдобро книжевно дело за млади во 2021 година во Словенија и „Златна круша“ (2021), а е дел и од каталогот „Вајт рејвенс“ за најдобра интернационална книжевност за деца и млади за 2021 година.

Паметниот, но срамежлив Блаж, кој се обучува за спасувач во пештери, и смелата Ирена, која е ин-девојка во училиштето, заглавуваат во пештера во обид да ја поттикнат самодовербата на Блаж. „Како може Блаж да се докаже дека е мудар, храбар и самоуверен во неволја и што ќе биде со нивниот тинејџерски флерт во вакви опасни околности?“ е главното прашање околу кое се гради фабулата во оваа наградувана книга за млади на писателот и искусен спелеолог, Дамијан Шинигој.

Приказната има два тека во поглавја што се менуваат наизменично. Од една страна е обидот на спасувачките служби да го пронајдат исчезнатиот шумар, а од друга страна е авантурата на двајца тинејџери што добива непредвидлив тек. Во романот што во преден план осветлува една тинејџерска романса, на вешт начин се преплетуваат и јасни еколошки и педагошки пораки: дека пештерите и шумите се непредвидливи и опасни средини за љубопитни деца, но и дека се важни природни системи што треба да се чуваат од загадување и уништување.

Дамијан Шинигој, кој е роден во 1964 година во Ново Место, е познат словенечки писател, преведувач, уредник и сценарист. Тој е член на Здружението на писатели на Словенија, како и на Здружението на преведувачи на Словенија. Уредник е на списанијата „Ново Место“, „Јамар“ и „Наше јаме“, а пишува колумни за списанието „МАМА“ и други.

Негови најзначајни дела се: романите „Ги убиваат и војниците, нели?“ ( 1991), „Неиспукани рунди“ (1994), „Барајќи ја Ева“ (2014) и „Каде што спие ветрот“ (2020) и три збирки раскази „Удобното ќоше на таткото“ (2003), „Краток дневник на зависник од пештери“ (2012) и „Трето дете“ (2020). Добитник е на низа награди за неговите дела „Барајќи ја Ева“ и „Каде што спие ветрот“.

По неговото сценарио во 2002 година е снимен документарниот филм „Кога војната чука“ и е снимен долгометражниот филм „1991 – Неиспукани рунди“.

Шинигој е вљубеник во пештерите, а покрај тоа што ги истражува, работи и како инструктор за качување во пештери, но и за спасување. Потпретседател е на Спелеолошкото здружение на Словенија и раководител на едукација при Службата за спасување во пештери на Словенија.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн преку www.literatura.mk на следниот линк:

https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14942

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

array(0) {
}
Memory Consumption is: 8.07 MB