Интервјуа

Оливија Георгиевска: Сликовниците ги поттикнуваат детската фантазија и оптимизмот

10.04.2023.
Оливија Георгиевска: Сликовниците ги поттикнуваат детската фантазија и оптимизмот

Детството поминато со книги е среќно детство! Книгите ја поттикнуваат нивната фантазија, креативност и интелект и ги подготвуваат за иднината. Читајќи, децата учат како да се соочат со своите емоции, ќе научат да носат одлуки и да размислуваат... Во воведувањето во светот на книгите за деца значајна улога имаат родителите и наставниците, но и авторите, илустраторите и издавачите. Со нивното творештво, едукативниот пристап и квалитетните изданија (визуелно и содржински) придонесуваат децата да бидат во допир со соодветна и убава литература. Сè со цел издигнување на значењето на книгите за деца и оддавање почит на сите учесници во создавањето на овие значајни книжевни светови, овој месец „Арс Ламина“ ја организира кампањата „Магијата на приказните“. Во фокус се сликовниците за деца во издание на импринтот за детска литература „Либи“. Една од авторките, која со своите дела придонесува во збогатување на македонската литература за деца, е Оливија Георгиевска.

По веќе препознатливиот серијал сликовници: „Игра со именки“, „Игра со глаголи“ и „Игра со придавки“ (сите во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“), како и изданието за возрасни „Тајната градина“, неодамна од печат излезе новата сликовница на Оливија Георгиевска - „The Black cat Mara – the hat shubara“. Оваа книга за деца, која е со илустрации на Иванка НиБа, првично е публикувана на англиски јазик, а наскоро ќе има и македонско издание.

Во рамките на кампањата „Магијата на приказните“, поразговаравме со Георгиевска за важноста на книгите во растењето на децата, за нејзините омилени наслови од детството, како и за создавањето на нејзината нова книга.

* Сликовниците се првите изданија преку кои децата се запознаваат со светот на книгите. Колку е важно да им се раскажуваат приказни и да им се читаат книги на децата во нивното растење?

–  Во сите деца го препознавам фантазерот „Малиот принц“, во едно мало определено време. Тие размислуваат апстрактно, интересно и нивните разговори сами по себе се приказни од кои можат да учат возрасните кои го заборавиле своето детство. Ако на децата, кога влегуваат во светот на определеното општествено однесување (во колосекот на коцката), не им се даваат приказните од сите видови, нивната фантазија ќе застане. Исто како да садите цвеќе без вода. Секако дека секој народ си има своја традиција, пејзаж, култура, па ако на децата им читате африкански приказни, а живеат во Осло, навистина ќе имаат што да научат. Приказните, а особено басните се училиштето на искуството.

* Со какви книги растевте? Кои Ви беа омилените сликовници како дете?

– Најомилени ми беа приказните на Ханс Кристијан Андерсен. Сè уште ги чувам и мислам дека се ремек-дело. Иако беа многу тажни, беа крајно поучни. Како сите на моја возраст, пораснав со сликовниците за Марика и Каљуш (кои денес се Мартина и Патапуф), а една од најомилените книги ми е на Ивана Брлиќ Мажураниќ – „Книгите од дамно време“. Имав неброено многу сликовници и книги за деца, а татко ми беше како хумористична книга за деца. Ми ги раскажуваше со старски зборови на прилепски дијалект. Имавме вистински театар дома.

* Колку со Вашиот избор влијаете на книжевниот вкус на Вашите ќерки. Какви книги најчесто се читаат во вашиот дом?

– Јас сум малку романтичен тип кој сака научна-фантастика и фантастика. Кога беа помали, на моите деца им читав сликовници од цел свет и ги научив да имаат слободни срца и очи. Да го гледаат светот без предрасуди. Сега тие читаат добри класици и современи дела. Понекогаш на маса наоѓам книги што се од новово време, а јас не ги знам. Детето некогаш треба да биде учителот на родителот.

* Како се роди идејата за вашата нова сликовница „The Black cat Mara – the hat Shubara“?

– Мојата другарка од детството, Наташа, со која читавме деноноќно, ми прати конкурс за детска книга/сликовница во Англија. Истиот ден седев во ресторанчето „Барик“ и таму помина една многу црна мачка со многу златни очи, која ја фотографирав. Мачката Мара си постои. Наеднаш ми надојде река од мисли. Ја смислив целата приказна од А до Ш. Следуваше навистина долга работа, истражување рими, барање ритам и игривост. Тогаш кога се склопи мозаикот, се роди книжето.

* Може ли во кратки црти да ни ја раскажете приказната? Каква е таа црна мачка Мара-Шубара?

– Мачката Мара живеела на север, каде што царува снегот. Непослушно излегла од дома и Мраско, северниот ветер, ја претворил во шубара. А шубарата од главата на бабичката, во чија куќа живее, дошла во рацете на фрцлестата учителка и библиотекарка. И така, од ваму – таму, сепак ќе има среќен крај за сите.

* Книгата е напишана и публикувана првично на англиски јазик? Дали наскоро можеме да ја очекуваме и на македонски јазик?

– Книгата имаше дури три препеви на македонски, а едниот го направив и јас. Сите три препеви имаа свој сопствен живот и живост, затоа што препевот е исто како да напишеш свое дело. Се радувам затоа што можев да видам како други очи ја гледаат книгата и како го разбираат текстот. Наскоро ќе излезе и на македонски јазик.

* Каква беше соработката со илустраторката Иванка НиБа и како течеше процесот на реализација со издавачката куќа „Арс Ламина“?

– „Арс Ламина“ ја доживувам како издавачка куќа која има разбирање, сфаќање и знаење за трендовите и барањата на читателите. Соработката со сите вработени е едноставна, спонтана и навистина богата со размена на искуства и знаења. Се бараа илустратори, па Иванка НиБа ја доби работата и направи многу нежни и модерни илустрации. Во оваа работа најважна е блиската соработка и комуникација, зашто така се заокружува процесот на раѓање на едно дело. А тоа никогаш не недостига кога е во прашање „Арс Ламина“.

* Обично книгите за деца носат важна поука за децата? Која е главната порака на оваа сликовница?

– Пораката до младите читатели е да бидат весели! Ако е можно, да ги согледаат непријатностите од една пооптимистичка и смешна страна. Мачката Мара западна во неволја, чиј исход не се знаеше. А имаше само желба да фати глувче и несреќно влезе во замките што секогаш се пред нас. Животот треба да се негува и да се живее, искуствата да нè учат на иднината, а ние да наоѓаме време за смеење и за радување на ситните снегулки што се топат лесно.

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

14.
Feb.
Интервјуа
„Девојката што ја наслика смртта“ е дебитантска книга на Андреа Мирческа. Станува збор за психолошки трилер со примеси на мистерија и драма што п...
13.
Feb.
Интервјуа
Дејан Василевски - добитник е на повеќе награди за неговата кратка проза и неговите песни и е објавен во повеќе литературни списанија и една антологија....
15.
Sep.
Интервјуа
Зошто сјајот и бедата на славата ѝ се толку инспиративни и како ги прикажува во романите ни открива авторката на бестселерите: „Дејзи Џонс енд Д с...
06.
Jul.
Интервјуа
Со моите сликовници сакам да им помогнам на децата да го прифатат светот околу нив
array(0) {
}
Memory Consumption is: 8.09 MB