Интервјуа

#bookstagram интервју со @ana_gubler

27.04.2023.
#bookstagram интервју со @ana_gubler
#bookstagram интервју со @ana_gubler

Таа е позната по својот топол глас и прекрасната насмевка со која возбудено раскажува и ги оценува книгите што ги прочитала во периодот. Можеби единствената која редовно снима видеорецензии и ги користи сите придобивки од овој формат што го избрала, бидејќи, освен што е една од нашите омилени, таа е омилена букстаграмџика и на многу други љубители на книги. Активна е од февруари 2015 година, а профилот го користи за да споделува и убави моменти од својот приватен живот. Тука е затоа што активно и редовно споделува многу повеќе за книгите што ги има прочитано.

Во интервјуто број 7 ве запознаваме со Ана Јаневска, која сите добро ја знаеме од профилот @ana_gubler.

Прочитајте го целото интервју во продолжение:

Која книга за тебе значи детство?

Мојата омилена лектира дефинитивно е „Пајажината на Климентина“. Таа книга ми е некако врежана во срцето и секогаш кога ќе ја здогледам на полиците ме потсетува на детството и на основното училиште. Се сеќавам дека крајот на приказната го читав во автомобил додека патував со моите родители и дека ми побуди многу емоции (си пуштив по некоја солза).

 

Колку книги читаш во просек на годишно ниво?

Зависи колку слободно време имам, ми се случувало да прочитам и по десетина книги во еден месец, повеќе од стотина годишно, некогаш ми се случувало да не прочитам ниту една книга во месецот, меѓутоа со менувањето на обврските би кажала дека сега во просек читам по 50 книги на годишно ниво.

 

Како ја уредуваш твојата домашна библиотека: по жанр, по боја, по автор или имаш твој систем?

Секако. Уживам да си ги чистам полиците и да ги прередувам книгите. Тоа е нешто што ми претставува уживање, релаксација и задоволство, особено откако библиотеката ми е веќе на целиот ѕид, а целиот процес трае минимум два часа. Книгите си ги подредувам најпрвин по издавачка куќа, потоа ги подредувам по жанр (посебно трилери, посебно романси итн.), доколку имам повеќе наслови од ист автор ги подредувам книгите една по друга и, на крајот, ги подредувам по боја.

Дали позајмуваш книги на други? Се случило ли да не ти вратат книга што си им ја позајмила и уште не можеш да ја преболиш?

Пред неколку години позајмив неколку книги на две различни личности, едната личност воопшто не ми ги врати книгите, а другата личност ми ја врати книгата потопена со кафе. Бев страшно разочарана и не можев да разберам зошто некој би се однесувал толку неодговорно со книга. Оттогаш не позајмувам книги на никој друг, освен на мајка ми, мојата најдобра другарка и на момчето, затоа што знам дека ќе ми ги чуваат книгите како што си ги чувам јас.

 

Кој карактер од книга би сакала да биде вистинска личност?

Многу би сакала неколкумина од моите омилени ликови да се вистински личности и да имам шанса да ги запознам. Како, на пример, Грахам од „Сите твои совршености“ и детективот Роберт Хантер!

 

Ако би морала да читаш книги само од еден автор, кој би бил тој/таа?

Уф, тешко прашање. Знаете како, имам омилени автори од сите жанрови. Многу е тешко да се одлучам само за еден, па затоа би ви одговорила вака: доколку смеам да читам само трилери, тогаш тоа со сигурност би биле книгите од Крис Картер, а доколку смеам да читам само романси, тогаш тоа би била мојата омилена Колин Хувер.

Кога би морала да заминеш на подолг пат, каде што не можеш да купиш книги, кои три книги би ги понела со тебе?

Секогаш кога одам на патување си носам со себе по неколку наслови. Затоа, на некое такво патување со себе би ги понела моите омилени книги, а тоа се: „Сите твои совршености“ од Колин Хувер, „Еден по еден“ од Крис Картер и „Заеднички стан“ од Бет О’Лири.

 

Постои ли филм за кој би посакала да има книга? И обратно, која книга би сакала да ја претвориш во филм?

Според мене, многу филмови заслужуваат да бидат преточени во книги. Постојат екранизирани дела што сметам дека доколку постоеле како книги, би биле уште подобри, со подлабоки емоции. Еден од филмовите за кои сметам дека заслужува да има и книга е култниот филм „Титаник“.

Истото мислење го имам и кога станува збор за обратна ситуација. Сметам дека многу книги заслужуваат да бидат прикажани на филмското платно, сѐ со цел да допрат до колку што е можно поширока публика. Многу би сакала да се оствари екранизирана верзија на „Верити“ од Колин Хувер и „Девојката во огледалото“ од Роус Карлајл.

 

Кои книги се на твојата TBR-листа за следниов период?

Уф, многу се. Мојата TBR-листа се зголемува секој ден, особено со некои нови наслови. Меѓутоа, дефинитивно со нетрпение чекам да ги прочитам „For Butter or Worse“ (книга за која пекав со месеци да ми стигне), „Icebreaker“, „Genesis“ и, се разбира, мегапопуларниот серијал „Twisted“.

 

Кога би напишала книга, каков жанр би била?

Дефинитивно би станувало збор за крвав, мрачен и неизвесен трилер со доза на романса помеѓу главните ликови. J

 

Дополнително прашање: Кои се твои омилени македонски #bookstagram профили и кој би сакала да го видиш во нашите следни интервјуа?

Имам многу омилени bookstagram профили, на пример: Девојчето со книгите, Bibliophils, Продолжи да читаш и сите тие ми се многу драги пријателки и постојано си споделуваме мислења и впечатоци за книги. Во некои од следните интервјуа би сакала да ги видам Dijana’s library, Bella’s reviews или Read with Stefani. J

 

Дополнително прашање 2: Има ли нешто што сакаше да те прашаме, но не го сторивме тоа?

Да. Што те инспирираше да почнеш да снимаш видеорецензии?

Сакав да почнам со нешто поразлично во читателскиот свет кај нас, кога ја добив идејата да почнам со видеорецензии. Сметам дека на тој начин се допира до многу поширока публика, особено кога таа публика може да ти го види ликот и да ги почувствува твоите емоции додека раскажуваш за одреден наслов. Многу ми е мило што, ете, на некој начин, сум единствена во тоа што го правам, а го правам со огромно задоволство

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

14.
Feb.
Интервјуа
„Девојката што ја наслика смртта“ е дебитантска книга на Андреа Мирческа. Станува збор за психолошки трилер со примеси на мистерија и драма што п...
13.
Feb.
Интервјуа
Дејан Василевски - добитник е на повеќе награди за неговата кратка проза и неговите песни и е објавен во повеќе литературни списанија и една антологија....
15.
Sep.
Интервјуа
Зошто сјајот и бедата на славата ѝ се толку инспиративни и како ги прикажува во романите ни открива авторката на бестселерите: „Дејзи Џонс енд Д с...
06.
Jul.
Интервјуа
Со моите сликовници сакам да им помогнам на децата да го прифатат светот околу нив
array(0) {
}
Memory Consumption is: 8.1 MB