Интервјуа

ИНТЕРВЈУ СО ДЕЈАН ВАСИЛЕВСКИ – МАКЕДОНСКИ ПИСАТЕЛ И ПРЕВЕДУВАЧ

13.02.2024.
ИНТЕРВЈУ СО ДЕЈАН ВАСИЛЕВСКИ – МАКЕДОНСКИ ПИСАТЕЛ И ПРЕВЕДУВАЧ
ИНТЕРВЈУ СО ДЕЈАН ВАСИЛЕВСКИ – МАКЕДОНСКИ ПИСАТЕЛ И ПРЕВЕДУВАЧ

Дејан Василевски е роден во 1975 година во Скопје, Македонија. Тој е преведувач од српски, хрватски, црногорски и босански јазик и поет и писател на кратка проза. Добитник е на повеќе награди за неговата кратка проза и неговите песни и е објавен во повеќе литературни списанија и една антологија. Дејан Василевски учествувал на повеќе литературни читања и фестивали (двапати на Струшките вечери на поезијата). Дел од неговата кратка проза и песни се преведени на српски и на бугарски јазик.

Дејан Василевски минатата година беше дел програмата за престој на писатели, уметници и преведувачи од Балканот во градови од други земји од регионот, имено во Белград, Истанбул, Приштина, Тетово и Тирана, во рамките на проектот „Регионална мрежа за културна разновидност“, финансиран од Европската комисија. За 2023 година изборот што го изврши независна комисија од професионалци беше мошне тежок: од шеесет и седум апликанти, десет беа избрани за престој од еден месец.

Како дел од проектот тој одговори и на неколку значајни прашања поврзани со неговото искуство и неговата професија:

 

1. Колку е за вас важна врската помеѓу вашата креативност и вашето општествено или културно опкружување?

– Зависи од различни околности, како и од мојата внатрешна состојба во дадено време кога пишувам или преведувам. Понекогаш средината навистина влијае на мене и постои директна врска и реален однос помеѓу мојата креативна активност и средината. Понекогаш се случува да се изолирам, да не ми е гајле каде сум и каква е средината. Ова се различни состојби на умот. Се разбира, постои голема разлика помеѓу тоа да се биде во местото каде што живеете и да се биде на некое друго место. Со самата промена, односот помеѓу креативната активност и средината станува многу важен. Мојата креативност е дополнително нагласена од моменталната општествена и културна средина, поради фактот што мојата преведувачка резиденција ја извршувам во Белград. Едно е кога работите на материјалот од вашата „безбедна“ средина дома, а друго е кога ќе излезете надвор од моделите на препознавање и ќе се фрлите во непознатото. Особено во град како Белград, кој нуди нешто ново на секој агол, а секоја улица открива нешто различно, нуди различна креативност, различна уметност од онаа дома, нели? И особено поради секојдневната комуникација на јазикот на кој моментално преведувам, па можноста за учење нови зборови, фрази, поими и ситуации и нивно имплементирање во преводот, дополнително ја зголемува креативноста и квалитетот на она што се работи.

Едно е кога работите на материјалот од вашата „безбедна“ средина дома, а друго е кога ќе излезете надвор од моделите на препознавање и ќе се фрлите во непознатото.

 

2. Што е поважно за вас како писател/уметник/преведувач, вашето директно лично опкружување, градот или земјата во која живеете, и зошто?

– Поголемиот дел од она што го имам напишано е за мојот роден град, односно градот во кој живеам, и за моите чувства, емоции, искуства околу моето Скопје, моето живеење во него итн. Скопје ми е многу важен како град што го чувствувам дека е мој. Се разбира, мојата директна лична средина, бидејќи ме изгради во личноста што сум сега, е многу важен фактор за мене како писател. Не сметам дека за мене како автор е значајна земјата во која живеам. Многу ретко или никогаш не сум бил инспириран од земјата во која живеам или престојувам одреден временски период. Сепак, јас сум поинспириран и ме инспирира урбаноста на некое место, односно местото во кое живеам или престојувам, неговите улици, куќи, градби, паркови и скриени катчиња, сакам да претставам реални ликови во реални ситуации и места. Ако треба да дадам еден термин што беше најинспиративен за мене, тогаш тоа би бил – (непознатата) улица!

 

3. Какво е вашето искуство како жител во градот што ќе го изберете во контекст на оваа програма?

– Моментално сум на преведувачка резиденција во Белград, Србија, а во април оваа година бев на преведувачка резиденција во Цетиње, Црна Гора. Иако Белград особено добро го познавам од порано, бидејќи често патував и престојував во Белград, најмногу поради Саемот на книгата, а и поради музичките настани, морам да нагласам дека градот нуди многу повеќе од она што сум го доживеал досега. Всушност, чувствувам како да сум загребал само малку под површината на градот за време на сите мои посети на Белград досега. Моето искуство како жител на градот што го избрав во контекст на оваа програма е уникатно. Остварив многу контакти со луѓе од фелата, а покрај моето учество на Поетската слем вечер што се одржа во просториите на КРОКОДИЛ, на 30 октомври, на која претходно бев поканет да настапам, дополнително бев поканет да ја претставам мојата поезија на поетска вечер во рамките на настанот организиран од тимот на Spoken Words RS, на 10 ноември, на кој учествуваа дваесетина поети од Србија, а јас како гостин од Македонија и уште една поетеса од Русија. Тоа е нешто што беше договорено по мојот настап на Поетската слем вечер во КРОКОДИЛ, па можам да кажам дека приказната околу мојот престој во Белград успешно се шири низ литературните кругови, запознавам нови уметници и доживувам нови уметности! Иако сум на половина пат од мојот престој додека го правиме ова интервју, веќе остварив неколку контакти кои нудат можности за соработка и продлабочување на она што го правиме во регионот на книжевно поле. И, конечно, она за што сум тука – работата за преведување на стихозбирката Повремена како викенд населба од поетесата Маша Сеничиќ, со која веќе имам средби, а на тие средби разговараме за проблемите на кои наидувам додека ги преведувам нејзините песни, ги „надминуваме“ ситуациите, зборуваме за метрика и интерпункција, што има „помеѓу редовите/стиховите“ итн.

Ако треба да дадам еден термин што беше најинспиративен за мене, тогаш тоа би бил – (непознатата) улица!

 

4. Зошто избравте да бидете писател и преведувач?

– Пишување песни, хаику песни, кратки раскази, тоа е нешто што многу лесно го одвојувам од преводот, што го гледам како сосема поинаква категорија од создавањето уметност. Пишував за да ги канализирам емоциите што сакаа да излезат од мене, и тоа беше главно поезија, потоа пишував затоа што сакав да го прикажам градот, општеството во кое живеам низ мојата призма, низ мојот поглед, низ моите очи и како сето тоа ми изгледа мене. Тоа е времето кога интензивно пишував кратки раскази. А денес најмногу пишувам хаику песни, затоа што сакам да го доловам моментот во кој живеам, моментот што го гледам и чувствувам. Од друга страна, иако работам како лектор во издавачката куќа „Арс Ламина“ во Македонија, пред неколку години решив да почнам да преведувам, донекаде револтиран од неквалитетните преводи од регионални јазици што се појавија на македонскиот издавачки пазар. Сметав дека тоа можам да го направам подобро со оглед на моето искуство и како лектор и како автор, комбинација за која сметав дека може да понуди поголем квалитет. Потоа некако се пронајдов себеси во преведувањето. Досега имам преведено 12 книги од автори од Хрватска, Србија и Црна Гора. И морам да напоменам дека преводот во овој период целосно ја окупира мојата креативност и ме исполнува, па немам намера да престанам со преведување, иако го преведувам само она што ми се допаѓа како читател. Така, ги имам преведено Јурица Павичиќ и Маша Колановиќ од Хрватска, Стефан Тиќми, Неле Карајлиќ и Урош Петровиќ од Србија и Никола Николиќ од Црна Гора, а сега ја преведувам српската поетеса Маша Сеничиќ.

Пишување песни, хаику песни, кратки раскази, тоа е нешто што многу лесно го одвојувам од преводот, што го гледам како сосема поинаква категорија од создавањето уметност.

 

Дејан Василевски се потпишува како преведувач и лектор на многубројни наслови достапни во книжарниците на „Литература.мк“, а од него, под псевдонимот Гето Руди, можете да најдете и две авторски дела – „Реми“ и „Младите стихови на стариот поет“ и онлајн преку www.literatura.mk, на следниот линк https://bit.ly/getorudi

Поврзани производи

Sačuvano u omiljne
Motivišuće
Kreativno
Prilagođeno uzrastu
140 МКД
2,27 EUR
Заштеда 30%
200 МКД
Sačuvano u omiljne
Motivišuće
Kreativno
Prilagođeno uzrastu
120 МКД
1,94 EUR

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

14.
Feb.
Интервјуа
„Девојката што ја наслика смртта“ е дебитантска книга на Андреа Мирческа. Станува збор за психолошки трилер со примеси на мистерија и драма што п...
15.
Sep.
Интервјуа
Зошто сјајот и бедата на славата ѝ се толку инспиративни и како ги прикажува во романите ни открива авторката на бестселерите: „Дејзи Џонс енд Д с...
06.
Jul.
Интервјуа
Со моите сликовници сакам да им помогнам на децата да го прифатат светот околу нив
array(0) {
}
Memory Consumption is: 11.09 MB