Со секој нов роман, Саманта Даунинг успева да ги изненади читателите со ликови кои се и шармантни и вознемирувачки. Во нејзиниот нов трилер „Престара за ова“, таа претставува сосема поинаква антихероина - Лоти, седумдесет и петгодишен пензиониран сериски убиец која, и покрај своето мрачно минато, лесно ги освојува симпатиите на читателите. Во ова интервју, Даунинг зборува за инспирацијата зад романот, за создавањето на морално двосмислени ликови, за важноста на хуморот во мрачните приказни и за предизвикот да се напише трилер што постојано ги руши очекувањата на читателот.
- Во вашиот нов роман „Престара за ова“ повторно претставувате смел и неконвенционален протагонист. Како го развивавте ликот на Лоти и што ја издвојува од вашите претходни антихерои?
Саманта Даунинг: Првично работев на сосема друга книга со многу помлад протагонист. Прочитав за сериски убиец кој бил фатен кога веќе бил многу стар и одамна престанал да убива. Ми се виде како фантастична идеја - пензиониран сериски убиец! Тогаш започнав нова книга со ликот на Лоти и таа стана еден од моите омилени ликови.
Таа се разликува од моите други ликови затоа што е постара жена со сосема поинаква перспектива од помладите протагонисти. Поминала низ повеќе епохи, вклучително и време кога жените биле третирани многу поинаку отколку денес. Лоти ги има искусено сите тие промени во текот на својот живот, а тоа ми беше навистина фасцинантно за истражување.
- Многу рецензии посочуваат дека читателите навиваат за вашите ликови дури и кога знаат дека не би требало. Како свесно ја градите таа морална двосмисленост кај Лоти?
Саманта Даунинг: Се трудам да создадам целосен лик - личност со многу различни страни. Лоти има седумдесет и пет години, има син, внуци и социјален живот што се врти околу нејзината црква. Воедно, таа е жена која се справува со сè што доаѓа со стареењето: има проблем со колкот, меморијата веќе не ѝ е како порано, а ниту силата не ѝ е иста.
Постојат многу аспекти од животот на Лоти со кои луѓето можат да се поврзат, а мислам дека тоа многу помага кога пишувате од перспектива на „негативец“. Таа е и саркастична, некој со кого можеби би било забавно да се дружите (секако, не како една од нејзините жртви!). Мислам дека лик со толку исполнет живот и со истите секојдневни проблеми како и многу други луѓе може да предизвика кај читателите конфликтни чувства или дури да ги натера да навиваат за неа.
- Вашите дела често се опишуваат како спој на мрачни теми и остар хумор. Како ги балансиравте хуморот и тензијата во овој роман без да го нарушите трилер-елементот?
Саманта Даунинг: Голем дел од хуморот во книгата доаѓа од набљудувањата на Лоти. Книгата е напишана во прво лице, целосно од нејзина перспектива, па читателот постојано е во нејзината глава. Таа е прилично саркастична во своите мисли и мислам дека токму тоа внесе многу хумор во еден мрачен трилер.
За мене, тоа е суштински важно. Ниту една од моите книги не е мрачна или депресивна, без разлика на темата. Сакам да имаат доза хумор, бидејќи тоа ја прави приказната поинтересна и послоевита.
- Критичарите често го истакнуваат темпото како една од вашите најголеми предности. Како ја структуриравте „Престара за ова“ за да го одржите тоа постојано чувство на итност?
Саманта Даунинг: Секогаш се трудам приказната постојано да се движи и да има повеќе откритија и пресврти, наместо само еден голем пресврт на крајот. Кратките поглавја прават темпото да делува побрзо и поитно, особено кога постојано се случуваат неочекувани работи.
- Вашите романи се познати по внимателно осмислените пресврти. Дали при пишувањето на оваа книга однапред ги имавте испланирано сите големи пресврти или тие се развиваа органски?
Саманта Даунинг: Не ги планирам моите книги однапред, туку ги пишувам едно по едно поглавје. Секое ново поглавје води кон нови идеи и така се гради приказната. Колку подлабоко навлегувам во неа, толку појасно ми станува какви ќе бидат пресвртите и откритијата. Но тоа е многу органски процес и бара многу уредување додека менувам различни елементи.
- Во повеќе интервјуа сте споменале дека „гласот“ е клучен за вашето раскажување. Како го пронајдовте и обликувавте препознатливиот глас на Лоти?
Саманта Даунинг: Лоти е толку силен лик што ми дојде речиси целосно оформена. Навистина имав чувство дека многу брзо ја разбрав неа и нејзината ситуација. Во суштина, таа е постара жена која веќе не може да прави многу од работите што ги можела кога била помлада, па е принудена да се приспособи. Тоа е нешто што сите го правиме. Не е секогаш пријатно, а Лоти сигурно не е воодушевена од тоа, но сепак го прави. Повторно – како и сите ние.
- Додека го пишувавте романот „Престара за ова“, дали свесно размислувавте што очекува читателот да се случи во одреден момент - и дали намерно ги насочувавте тие очекувања во погрешна насока?
Саманта Даунинг: Размислувам за тоа кога пишувам пресврти. Не сакам да бидам предвидлива, затоа што тоа не е забавно ниту за писателот ниту за читателот. Затоа размислувам кој би бил најочигледниот пресврт, а кој најнеочекуваниот, па се обидувам да најдам што има смисла за ликовите и приказната. Пресврт само заради самиот пресврт никогаш не е добар - не смее да биде нешто што се појавува од никаде. Навистина многу работам за моите пресврти да бидат и непредвидливи и важни за приказната.
- Вашите книги често функционираат како студии на ликови исто толку колку што се и трилери. Дали „Престара за ова“ повеќе ја гледате како психолошки портрет или како жанровски трилер?
Саманта Даунинг: Добро прашање! Се надевам дека е малку од двете. Сакам моите книги да бидат трилери, но истовремено се трудам да создадам впечатливи ликови. Ликот е она што ја движи приказната, а мојата цел секогаш е да создадам лик што ќе ги натера читателите да сакаат да го следат до самиот крај на книгата.
- Некои критичари го сметаат овој роман за ваша „најизвртена“ книга досега. Дали свесно се обидувате да ги поместувате сопствените граници со секое ново дело?
Саманта Даунинг: Секогаш се трудам да напишам нешто поинакво. Целта ми е секоја нова книга да биде подобра од претходната. Најпрво, тоа мора да биде приказна што јас лично сакам да ја напишам. Имам многу идеи што никогаш не стануваат книги, едноставно затоа што не ми се доволно интересни за да им се посветам. Приказната мора на некој начин лично да ме допре, а најчесто тоа доаѓа преку ликовите. Ако ги сакам ликовите, тогаш сакам да ја напишам приказната и да откријам што ќе им се случи.
- Која беше почетната инспирација за „Престара за ова“? Дали идејата започна со лик, ситуација или тема што долго време сте сакале да ја истражите?
Саманта Даунинг: Делумно одговорив на ова во првото прашање, но да објаснам малку повеќе... Ми се допаѓа идејата постара жена да биде протагонист. Повеќето мои други ликови имаат четириесет години или помалку, па ова беше нешто сосема поинакво за мене. Постарите жени не добиваат толку внимание како помладите - ниту во животот ниту во уметноста - а тоа ми е навистина тажно.
Лоти беше нов предизвик за мене, не само поради нејзината возраст туку и поради фазата од животот во која се наоѓа. Таа е многу свесна за сопствената смртност и почнува да носи одлуки за тоа каде сака да биде во последната етапа од својот живот. Тоа е нешто со кое повеќето од нас ќе се соочат, ако имаме среќа да живееме доволно долго, но воедно е и нешто за кое луѓето не сакаат да размислуваат. Јас одлучив дека сакам да размислувам за тоа и да пишувам за тоа - на единствениот начин што го знам. Што, секако, значеше дека таа мораше да биде пензиониран сериски убиец!
Татјана Димовска-Атанасова
Романот е достапен во книжарниците на Литература.мк и онлајн на www.literatura.mk.