Топ листа

Да се смислува и да се талка од Џеф Безос – најбарана книга од областа на нефикцијата во Литература.мк

07.07.2022.
Да се смислува и да се талка од Џеф Безос – најбарана книга од областа на нефикцијата во Литература.мк

Збирката размисли на најбогатиот човек во светот и основач на „Амазон“,  Џеф Безос - „Да се смислува и да се талка“ е најпродавана книга од областа на нефикцијата, во книжарниците „Литература.мк“, минатиот месец. На листата се и новите мотивациски книги: „Гласот во нашата глава, зошто е важен и како да го користиме“ од Итан Крос, „Уметноста на едноставното живеење“ од Шунмио Масуно, „Е, баш ме заболе“ и „Сè е за*бано: книга за надежта“ од Марк Менсон, како и биографските книги на Никола Тесла („Моите изуми“),Ричард Бренсон („Како ја изгубив невиноста“) и Фидел Кастро („Младиот Кастро: како се создаваше еден револуционер“). На листата се и неодамна промовираата книга на познатиот џез-пејач Џон Илија Апелгрен, „Забранети луѓе“  и првата популарна книга за космологија, астрономија и космогонија напишана на македонски јазик, „Мултиверзум за почетници“ од Златко Василкоски.

Во продолжение проследете ја целата топ 10 листа со најбарани книги од областа на нефикцијата , во јуни, во сите книжарници на „Литература.мк“.

1. „Да се смислува и да се талка: збирка размисли од Џеф Безос“

Со оваа фасцинантна збирка на записи од Џеф Безос – оригиналните годишни обраќања до акционерите, заедно со бројни говори и интервјуа коишто го откриваат неговиот живот, работа и развојот на неговите идеи – ќе ја разберете заднината на неговиот феноменален успех во деловниот свет.

Опфаќајќи многу теми од областа на бизнисот и политиката, од иновациите и опседнатоста со корисниците, па сè до климатските промени и освојувањето на вселената, оваа книга нуди редок увид во начинот на размислување на Безос, но и поглед во блиската иднина во чие обликување тој непосредно учествува. Книгата е напишана во директен, јасен стил и содржи неизоставни лекции за безнис-вредностите, стратегијата и извршувањето на деловните замисли.

Покрај тоа, авторот на читателот му нуди и необично јасни и разбирливи излагања на многу поими од областа на бизнисот, финансиите, јавните политики, објаснети на оригинален и лесно сфатлив начин од страна на еден од најбогатите луѓе во историјата на човештвото.

Оваа книга е неизоставно четиво за секој што сака да разбере како визионерството на само еден човек има моќ да ги унапреди животите на милиони други, и тоа на конкретен, опиплив начин. Раководители, претприемачи кои штотуку почнуваат, но и милионите потрошувачи на производите и услугите што ги нудат претпријатијата на Џеф Безос – со оваа книга сите имаат можност да ги разберат принципите на успехот на еден од најважните иноватори на денешнината.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14912

2.„Гласот во нашата глава, зошто е важен и како да го користиме“ од Итан Крос

Итан Крос е наградуван психолог кој во оваа книга ни ги открива скриените моќи на нашиот внатрешен глас и ни покажува како да го искористиме во борбата со анксиозноста, како да си го подобриме психичкото и менталното здравје и како да ги продлабочиме нашите врски со другите. Кажете му на странец дека разговарате со себеси, мошне веројатно е дека ќе ве смета за ексцентрик. Кога разговараме со себеси, често се надеваме дека ќе го поттикнеме нашиот внатрешен тренер, но наместо тоа, го поттикнуваме нашиот внатрешен критичар. Кога се соочуваме со тешка задача, нашиот внатрешен тренер нè охрабрува: Ајде, го можам тоа! Но, исто толку често, нашиот внатрешен критичар нè обесхрабрува: Нема да успеам. Сите ќе ми се смеат. Која е поентата? Крос ги истражува тивките разговори што ги водиме со себе. Испреплетувајќи ги револуционерните проучувања на мозокот што ги спроведувал во неговата лабораторија со конкретни студии на случај, тој објаснува како внатрешните разговори ги обликуваат нашите животи, работа и врски. Тој предупредува дека препуштањето на негативни и дезориентирачки разговори со себе – што ги нарекува „брборење“ – можат да ни го нарушат здравјето, да ни го „спуштат“ расположението, да ни ги ограничат социјалните конекции и да почнеме да попуштаме под притисокот. Но, добрата вест е дека ние веќе сме опремени со алатки што ни се потребни да направиме нашиот внатрешен глас да работи во наша полза. Овие алатки често не се очигледни. Скриени се во технологиите што ги ползуваме, во дневниците скриени во нашите фиоки, разговорите што ги водиме со блиските, опкружувањето во нашите училишта и на работните места. Брилијантно аргументирана, стручно поткрепена и полна со приказни со кои секој може да се идентификува, оваа книга ни дава моќ да го смениме најважниот разговор што го водиме секој ден: оној со себеси.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14746

3.„Истанбул: Сеќавањата и градот“ од Орхан Памук 

„Истанбул“ е прекрасен омаж, каков што и му прилега на овој голем град. Евокативна и документаристичка, автобиографска и историска, Орхан Памук во оваа книга пишува прекрасна „песна“ за градот во кој се родил и во кој сè уште живее и пишува. Тој ни раскажува за детството, за елитното средно училиште, за архитектонскиот факултет, за неговите родители и омилената баба, но истовремено зборува и за сликарот Мелинг и неговите прекрасни слики на Истанбул, за патописите на Нервал, Готје и Флобер и, секако, за прекрасниот Босфор. Перспективата постојано се стеснува и сe проширува и никогаш не е здодевна, зашто меланхоличниот хузун, што ги обвива страниците на оваа книга, ни зборува еднакво на сите – иако не живееме во Истанбул

Орхан Памук е можеби најпознатиот современ турски писател, добитник на Нобеловата награда за литература во 2006 година. Неговите дела се занимаваат со соочувањата помеѓу Истокот и Западот, со проблемите на уметноста и на идентитетот, а честопати се споредувани со оние на Џојс, Набоков и Маркес.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=13665

4.„Уметноста на едноставното живеење“ од Шунмио Масуно

Преку јасни, практични лекции и лекции што се учат лесно – по една на ден во текот на сто дена – познатиот будистички свештеник Шунмио Масуно евоцира мудрост стара со векови за да ви покаже како да ја применувате суштината на зен-будизмот во модерното живеење. Тука ќе научите како длабоко да издишувате за да ги исфрлите негативните емоции, како да го средувате својот дом едноставно, што ќе ви помогне да ги расчистите вашите мисли, да ги подредувате обувките навечер за да внесете ред во вашиот ум, да засадите едно цвеќе и да гледате како расте, помалку да се грижите за она што не можете да го контролирате и уште многу други нешта… Дури и ќе си создадете време за да не размислувате за ништо. Поедноставете си го животот со уметноста на зен-будизмот и научете како да се чувствувате порелаксирано, поисполнето и со обновено чувство на мир и спокој.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=13682

5. „Моите изуми“ од Никола Тесла

Малку луѓе во историјата дале толкав придонес кон погодностите на современото секојдневие како Никола Тесла. Неговите дела овозможиле електричната енергија да допре до сите катчиња на нашата планета, а нејзината примена да експлодира во безброј области на човековиот живот – процес што речиси незапирливо продолжува многу години по неговата смрт. Оставината на Тесла е богата, секогаш актуелна и неисцрпен извор на инспирација. Но, и покрај тоа што влијанието на Тесла е толкаво што е речиси невозможно да се исцрпат епитетите, неговата застапеност во јавниот дискурс е изненадувачки мала, особено во западната културна сфера. Оваа автобиографија дава увид во фасцинантниот внатрешен свет на еден од најголемите гении, но притоа на разбирлив јазик зборува и за техничката природа на неговите изуми. Правејќи го тоа, Тесла на посреден, но уверлив начин ни ја презентира својата визија за еден подобар, поправичен и помирен свет, чијашто благосостојба не е нуспроизвод на борбата за профит, туку е резултат на искрената, автентична желба за подобар живот на сите, без очекување награда.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=13514

6. „Како ја изгубив невиноста“ од Ричард Бренсон

Вистинска и возбудлива приказна на претприемачот зад империјата „Вирџин“. Ричард Бренсон со свои зборови за својот живот и за личната филозофија на живеење.

Кога станува збор за бизнисот, но и за другите нешта, сер Ричард Бренсон има едноставна филозофија: забавувај се најмногу што можеш – дури и ако тоа бара да ги прекршиш сите правила.

Тоа е таа филозофија заради која на шеснаесетгодишна возраст се откажал од школувањето, за да го основа револуционерниот магазин „Студент“ (кога му било речено дека од него се очекува да стане или криминалец или милионер), да ја именува музичката компанија „Вирџин“ (со значење девица, како одраз на неговото неискуство во бизнисот), и да ги победи гигантите како „Бритиш ервејс“ и „Кока-кола“, и тоа со нивен чекан по глава. Низ истите години успева да ги издаде некои од најважните албуми во музичката историја, како оние од Секс пистолс, Џенет Џексон и Ролинг стоунс, да урне многу светски рекорди со своите луди авантури и да изгради деловна империја вредна милијарди долари. Ова е неговата приказна, која ја раскажува со свои зборови и е како и сè останато во врска со Бренсон – забава.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=11514

7. „Забранети луѓе“ од Џон Илија Апелгрен

Книгата на познатиот џез-вокалист Џон Илија Апелгрен,  „Забранети луѓе“ е своевидно сведоштво за незавидната состојба на дел од џез- и рок-музичарите за време на пандемијата со Ковид-19.  Во книгата се застапени портрети на 14 домашни музичари, чијашто главна егзистенција се ноќните свирки и настапите во живо во локали, кои беа забранети за време на карантините и мерките за заштита за време на пандемијата. Меѓу нив се: Благоја Антовски (тапани), Игор Атанасоски-Харе (гитара), Трајче Велков (труба), Калина Велковска-Кали (вокал), Зоран Костадиновски (гитара), Крле (вокал), Кирил Кузманов (саксофон), Џоле Максимовски (бас-гитарист), Андреа Мирческа (контрабас), Иван Петровски (гитара), Полина Тасева (сопран), Петар Ренџов (гитара), Гордан Спасовски (пијано), Арбен Бени Шаќири (вокал) и Џон Илија Апелгрен (вокал). Тие се претставени преку нивни мини-биографии и интервју со три (за сите исти) прашања: зошто ја избрале музиката како професија; како ја доживуваат/преживуваат забраната за настапи во живо поради ковид-пандемијата и дали ги плаши иднината по ковидот на музички план? Апелгрен, покрај тоа што е автор на книгата, се јавува и како фотограф на црно-белите портрети на музичарите.

Предговорите ги напишаа еминетните музички новинари м-р Бранка Костиќ-Марковиќ и Ненад Георгиевски, како и познатиот фотограф Драги Неделчевски.

Објавувањето на книгата има солидарен, односно хуман аспект, за поддршка на музичарите чиишто ангажмани беа на најголем удар за време на пандемијата. Со купување примерок од „Забранети луѓе“ им се помага токму ним – на забранетите луѓе.

8. „Мултиверзум за почетници“ од Златко Василкоски

Како математиката нужно води кон противречности? Каде универзумот е „згрутчен“, а каде „мазен“? Што имаат заедничко „Епот за Гилгамеш“ и „Сердарот“ на Григор Прличев? Како го знаеме она што го знаеме за вселената? Како Галилеј се сетил на релативноста векови пред Ајнштајн? Што е вакуумот, според квантната теорија на поле? Каква е врската помеѓу бурекот и Зеноновите парадокси? Зошто фундаменталните природни закони се онакви какви што се? На кој начин берзите потекнуваат од кафеаните? Кои се најновите достигнувања во областа на истражувањето на вселената? Одговорот на овие, но и на многу други прашања, ќе го добиеме од „прва рака“, од предавач на најпрестижните универзитети во светот, како Харвард и МИТ, и човек кој е на „ти“ со врвните светски авторитети во областа на природните науки. Оваа книга, покрај тоа што е напишана на разбирлив јазик и неоптоварена со несовршеностите на преводот, е и исклучително актуелна, опфаќајќи и научни сознанија до кои е дојдено во 2021 година. Мартин Карплус, добитник на Нобеловата награда за хемија во 2013 година, за книгата на Златко ќе каже: „Ме воодушеви големата сеопфатност на книгата. Почнувајќи со потеклото на нашиот универзум, проследено со создавање на животот на Земјата, човековата цивилизација, па сè до денешната наука и идејата за мултиверзумот. Уште поважно е што овие идеи се многу јасно изложени, што ги прави достапни за читателите кои имаат само минимално разбирање на денешната физика“.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“, како и онлајн на следниот линк:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14846

9. „Е, баш ме заболе“ и „Сè е за*бано: книга за надежта“ од Марк Менсон

„Е, баш ме заболе“ е книга-водич за самопомош, што дефинира една цела генерација, авторот, кој е суперѕвезда во блогерските кругови, не нè замајува со глупости од типот дека треба постојано да се обидуваме да бидеме „позитивни“, за навистина да станеме подобри и посреќни луѓе. „Е, баш ме заболе“ доаѓа контраинтуитивен водич за проблемите со надежта.

Во „Сè е заебано“, Менсон исцртува планини од психолошки истражувања базирани на безвременската мудрост на Платон, Ниче, Кант, па и на Том Вејтс, за да ги дисецира религијата, политиката, парите, забавата и интернетот.

Со неговата препознатлива комбинација од ерудиција и хумор, Менсон нè предизвикува да бидеме почесни кон себеси, отворено спротивставувајќи се на нашите дефиниции на верата, среќата, слободата – дури и на надежта. Еден од најголемите модерни автори напиша уште една книга што ќе ја постави агендата на годините што доаѓаат.

Книгите се достапни во сите книжарници на „Литература.мк“, како и онлајн на следниот линк:

https://www.literatura.mk/ListBooksByAuthor.aspx?aut=8715

10. „Младиот Кастро: како се создаваше еден револуционер“ од Џонатан М. Хансен

Книгата „Младиот Кастро“ на авторот Џонатан М. Хансен претставува интимен портрет на раните години на Фидел Кастро во кој воедно се прикажува и како младиот Кубанец неочекувано ја водеше земјата во револуција и го „трансформираше“ светот. Книгата ќе ви го промени начинот на размислување за Фидел Кастро. Досега, биографите го третирале животот на Кастро како обвинители, пребарувајќи низ неговото минато во потрага по докази за осудување на оваа личност што не ја сакаат или не ја разбираат. А тоа неретко може да резултира со лошо прикажување на историјата и незадоволителна биографија.

„Младиот Кастро“ ги предизвикува читателите да го остават настрана често карикатуралниот приказ на брадосана, антиамериканска вжештена глава со пура во устата и да откријат како Кастро станува диктаторот, кој изгледа како трн в око на американските претседатели речиси половина век.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14373

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

array(0) {
}
Memory Consumption is: 8.44 MB