Топ листа

Новата книга од Колин Хувер – Лејла е најпродавана во Литература.мк во септември

06.10.2022.
<strong>Новата книга од Колин Хувер – Лејла е најпродавана во Литература.мк во септември</strong>

Само неколку недели откако излезе од печат, хит-романот „Лејла“, од број еден авторката на бестселери на „Њујорк тајмс“ – Колин Хувер, е најпродавана книга во книжарниците „Литература.мк“ за септември. Зад неа на топ 10 листата е уште една книга од Хувер, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“ – „Исповеди“. Следуваат современиот класик „Сто години самотија“ од Маркес, наградуваниот роман „Бело се пере на деведесет“ од словенечката авторка Броња Жакељ, кој неодамна беше промовиран во книжарницата „Литература.мк“ на ул. „Македонија“, историско-фантастичните романи „Невидливиот живот на Ади Лару“ од В. Е. Шваб и „Париската библиотека“ од Џенет Скеслин Чарлс и „Неподносливата леснотија на постоењето“ од Милан Кундера. Меѓу најбараните наслови беа и „Убиството на Роџер Акројд“ од познатата авторка на детективски приказни Агата Кристи, романот од серијалот за крадецот-џентлмен од Морис Леблан – „Извонредните авантури на Арсен Лупен, џентлмен крадец“, како и новиот трилер „Списокот со гости“ од Луси Фоли. Во продолжение проследете ги содржините на најбараните книги од областа на фикцијата во „Литература.мк“ минатиот месец.

1. „Лејла“ од Колин Хувер

Кога Лидс ја запознава Лејла уверен е дека со неа ќе го помине остатокот од животот – сè додека не доживуваат неочекуван напад што таа едвај го преживува. По неколку недели во болница, Лејла закрепнува телесно, но емоционалните и менталните лузни ја менуваат жената во која се вљубил Лидс. Сакајќи да ја спаси нивната врска, Лидс ја носи во пансионот во кој се запознале. Но, кога ќе стигнат таму, нивниот однос доживува чуден пресврт. А тоа е само една од многуте необјасниви појави. Чувствувајќи дека се оддалечува од Лејла, Лидс набрзо пронаоѓа утеха во Вилоу – уште една гостинка во пансионот со која го поврзуваат заеднички проблеми. Како што расте интересот на Лидс за Вилоу, неговата одлука да ѝ помогне да најде одговори го доведува во опасност здравјето на Лејла. Лидс набрзо сфаќа дека мора да избира меѓу Лејла и Вилоу, бидејќи не може да им помогне на двете. Но, доколку донесе погрешна одлука, тоа би можело да биде погубно за сите.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн преку https://www.literatura.mk на следниот линк:

https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14940

2. „Исповеди“

На дваесет и една година, Обурн Рид веќе изгубила сè што ѝ е важно. Во својата борба одново да си го изгради урнатиот свет, таа си ги зацртува целите и нема простор за грешки. Но, кога влегува во едно уметничко ателје во Далас, барајќи работа, таа не очекува да се појави длабока привлечност кон таинствениот уметник кој работи таму, Овен Гентри. Обурн ризикува првпат и си го препушта срцето да ја води, само за да открие дека Овен чува голема тајна да не излезе на виделина. Обемот на неговото минато се заканува да го уништи сето она што ѝ е важно на Обурн и единствениот начин таа да си го врати животот е да го отфрли Овен од себе. За да ја спаси нивната врска, сè што треба да направи Овен е да се исповеда. Но, во овој случај, исповедта може да биде многу подеструктивна од самиот грев.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на: https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14357

3. „Сто години самотија“ од Габриел Гарсија Маркес

Светскиот книжевен класик „Сто години самотија“ од колумбискиот писател и нобеловец Габриел Гарсија Маркес излезе од печат во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Романот „Сто години самотија“, кој е дел од едицијата „Современи класици“, се смета за магнум опус на Маркес, а важи и за едно од највлијателните дела во латиноамериканскиот книжевен канон и во светската книжевност. Од неговото прво објавување во 1967 година во Аргентина, преведен е на 46 светски јазици, а продадени се повеќе од 50 милиони примероци низ светот. Оваа епска бајка ја опфаќа стогодишната турбулентна историја на Јужна Америка, од постколонијалните дваесетти години на 19 век до дваесеттите години на 20 век, раскажана преку семејната хроника за седумте генерации од семејството Буендија од селцето Макондо. Личноста и делото на Габриел Гарсија Маркес се симбол и знак на идентификација на генерацијата латиноамерикански писатели кои го афирмираа низ светот и го потврдија со високи естетски вредности угледот на новата литература на шпански јазик во последниве децении. „Авторот кој од малото селце со загадочно име, Аракатака, во Колумбија, тргна по светот за да го разнесува алхемискиот прав на јужноамериканскиот континент, денес со своето богато дело е граѓанин на светот, писател читан во сите краишта на Земјата и близок познајник на македонскиот читател.“

Kнигата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на: https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14919

4.Бело се пере на деведесет“ од Броња Жакељ

„Бело се пере на деведесет“ е шокантен, духовит и инспиративен роман, што ја бележи животната приказна на нараторката, која во прво лице раскажува за своето детство во седумдесеттите и осумдесеттите години на минатиот век, па сè до денес. Во нејзините живи спомени на детските денови има врволица од луѓе, роднини и пријатели и богат социјален живот, што повеќепати нескриено и со носталгија таа ги поврзува со животот во рамките на поранешната република, кога се организирале групни летувања, колективни зимски екскурзии и кога луѓето главно биле безгрижни. Но, покрај тоа што овој роман во основата е наратив за растењето, истовремено е и соочување со загубите и со болеста и го доловува напорот за припитомување на стравот и на сето она што не сакаме да го видиме додека не се соочиме со него неминовно.

Броња Жакељ (1969) е дипломирана новинарка по образование. Нејзината радост заради пишувањето останува некаде меѓу страниците на списанијата и во редакциите на дневните весници, па својот прв професионален ангажман ѝ е во секторот маркетинг, а денес работи во секторот банкарство. Со оглед на тоа што во финансиите нема многу креативност, а нејзината љубов кон пишувањето никогаш не ја напушти целосно, одлучува да го напише својот прв роман, „Бело се пере на деведесет“ (2018), за кој ја добива престижната книжевна награда „Кресник“ за 2018 година.

Kнигата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14758

5. „Невидливиот живот на Ади Лару“ од В. Е. Шваб

„Невидливиот живот на Ади Лару“ е историско-фантастичен роман, горко-слатка љубовна приказна, но и омаж на уметноста и на уметничката инспирација. Приказната почнува во Франција во 1714 година. Ади Лару сака само едно: да се ослободи од оковите на животот во провинција за да може сама да господари со својата судбина. Во момент на очај таа се спогодува со ѓаволот, кој за возврат ѝ ветува слобода и вечна младост. Но, цената за тоа е висока: секој што ќе го сретне, набргу ја заборава. И така младата жена почнува патување низ вековите што ја носи на различни места од европската историја, спознавајќи ја притоа тенката граница меѓу осаменоста и малодушноста. Ади Лару се обидува да остави трага во времето и просторот, во историјата на уметноста: таа е позната муза на старите мајстори, безимена убавица во песните на големите поети. Триста години подоцна, Ади во една книжарница во Њујорк запознава момче кое ќе ја запамети...

Kнигата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на: https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14870

6. „Неподносливата леснотија на постоењето“ од Милан Кундера

Во „Неподносливата леснотија на постоењето“, Милан Кундера ја раскажува приказната за една млада жена вљубена во маж, кој е растргнат помеѓу неговата љубов кон неа и неговата невоздржлива желба и по други жени, преплетена со приказната за една од неговите љубовници и нејзиниот понизно верен љубовник. Овој извонреден роман меѓусебно сопоставува географски оддалечени места, понудува брилијантни и неверојатно интересни огледи и увиди и се карактеризира со вистинско богатство и оригиналност во поглед на стилот на пишувањето, со што за многумина го заслужува и пиететот најдобро и најпретставително дело на Кундера како романописец.

Kнигата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14522

7. „Париската библиотека“ од Џенет Скеслин Чарлс

Годината е 1939, а местото е Париз. На младата, убава и амбициозна парижанка Одил Суше сè ѝ оди од рака: ја добива својата работа од соништата во Американската библиотека во Париз и почнува љубовна врска со згодниот и либерален полицаец Пол, кој ја сака и ги поддржува нејзините соништа и амбиции. Но, Германија секавично напредува во војната, а Париз е под опсада и преполн со нацистички војници. Сè што ѝ е мило на Одил, вклучувајќи ја и Американската библиотека, може да исчезне секој момент. Годината е 1983, а местото е малото гратче Фројд во Монтана. На тинејџерката Лили ништо не ѝ оди од рака. Непопуларна е на училиште, не може да го освои момчето кое го посакува, а мајка ѝ одеднаш тешко се разболува. Но, тука е нејзината софистицирана и образована сосетка со странско потекло со која полека се зближува. Таа со нејзиниот ум и со нејзиното однесување отскокнува од здодевното секојдневие на малиот град, а нејзиниот живот и минатото се обвиткани со мистерија и тајни. Лили не знае колку тие тајни засекогаш ќе ѝ го сменат животот.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14544

8. „Убиството на Роџер Акројд“ од Агата Кристи

Кога вдовицата госпоѓа Ферарс си го одзема животот, а богатиот индустријалец Роџер Акројд следниот ден го наоѓаат убиен во неговата работна соба, во малото англиско село Кингс Абот се јавуваат уште повеќе озборувања од вообичаеното. Се слуша дека госпоѓата Ферарс си го отрула сопругот годината претходно, па дека била во љубовна врска со Акројд, а се зборува и дека била уценувана затоа што некој дознал за делото што го сторила. Но, која е причината зад убиството на Акројд? Овој случај е целосна мистерија за локалната полиција, но за среќа тука е прочуениот детектив Херкул Поаро, кој, од неодамна пензиониран, станал постојан жител на Кингс Абот со желба да одгледува тиквички во неговата градина. Тој се согласува да го преземе случајот, при што негов постојан придружник е докторот Шепард, воедно и наратор на приказната. Во текот на истрагата Поаро открива низа тајни, главно врзани за љубов и пари, а случајот ќе биде решен со еден мошне возбудлив пресврт на настаните. Романот „Убиството на Роџер Акројд“, објавен во 1926 година, се смета за роман со кој Агата Кристи стекнува голема популарност и поширока читателска публика.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14482

9. „Извонредните авантури на Арсен Лупен, џентлмен крадец“ од Морис Леблан

Првата книга од серијалот за легендарниот џентлмен крадец Арсен Лупен од францускиот писател Морис Леблан, објавена на англиски јазик со наслов „The extraordinary adventures of Arsène Lupin, gentleman-burglar“, е меѓу најбараните книги и овој месец. Арсен Лупен е еден од најпознатите книжевни ликови, тој е џентлмен, но и елегантен крадец, криминалец – пандан на генијалниот британски детектив Шерлок Холмс. Врз основа на овој лик, стриминг-сервисот „Нетфликс“ на почетокот на оваа година ја реализираше француската ТВ-серија „Лупен“ со харизматичниот Омар Сај во главната улога. „Извонредните авантури на Арсен Лупен, џентлмен крадец“ е прва збирка раскази на Леблан што раскажува за авантурите на Арсен Лупен и е објавена во 1907 година. Toj е духовит човек полн со доверба – Шерлок Холмс за криминал. Сиромашните и невините немаат од што да се плашат; често тие профитираат од неговата спонтана великодушност. Богатите и моќни како и детективот кој се обидува да му ја расипе забавата, сепак мораат да внимаваат. Тие се мета на пакоста и одмаздата на Арсен.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14561

10. „Списокот со гости“ од Луси Фоли

На остров крај брегот на Ирска се собираат гости за да го прослават стапувањето во брак на двајца луѓе. Младоженецот: згоден и шармантен, телевизиска ѕвезда во подем. Невестата: паметна и амбициозна, издавач на списание. Тоа е венчавка за медиумите, во стилот на познатите ѕвезди: дизајнерски фустан, оддалечена локација, додатоци за забава, најдобро виски. Сигналот за мобилна телефонија е нестабилен, брановите жестоки, но секој детаљ е совршено испланиран и стручно ќе биде реализиран. Сепак, совршенството е за планови, а луѓето се несовршени. Шампањот е послужен, почнува забавата, а со многубројните реминисценции и добри желби, почнуваат низа непријатности и љубомора. Другарите на младоженецот ја почнуваат играта со пиење од нивните училишни денови. Деверицата не толку случајно го уништува својот фустан. Најстариот пријател на невестата прави необична здравица. И тогаш излегува дека некој е мртов. Кој не им посакува добро на младоженците? И, можеби уште поважно, зошто?

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14521

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

array(0) {
}
Memory Consumption is: 8.28 MB