Ново

„Риба во(н) мрежа“ од Jована Mатевска Aтанасова е добитник на наградата „Пегаз“ за 2023 година

25.12.2023.
„Риба во(н) мрежа“ од Jована Mатевска Aтанасова е добитник на наградата „Пегаз“ за 2023 година
„Риба во(н) мрежа“ од Jована Mатевска Aтанасова е добитник на наградата „Пегаз“ за 2023 година

Ракописот „Риба во(н) мрежа“ од авторката Јована Матевска Атанасова е победник на петтото издание на книжевната награда „Пегаз“ за најдобар необјавен роман во 2023 година.

На годинашниот конкурс за наградата за најдобар необјавен роман на годината „Пегаз“, што ја организира издавачката куќа „Арс Ламина“ во соработка со Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, се пријавија и учествуваа 36 ракописи.

За победникот одлучи жирито во состав: Николина Андова Шопова, писателка и добитничка на наградата „Роман на годината“ за 2018 година, Ивана Трајаноска, писателка и универзитетска професорка, и Бисера Бендевска, уредничка во издавачката куќа „Арс Ламина“.

– „Риба во(н) мрежа“ е тинејџерски роман што третира една современа тема што ги засега најмногу помладите генерации − прекумерната зависност од технологија и предизвикот да се живее без „помошта“ од паметните телефони. Раскажувачкиот стил е непретенциозен, забавен, со внимателно дозиран хумор во приказната. Авторката, освен со јазикот, си поигрува и со формата, вметнувајќи графички содржини што треба да симулираат мобилни апликации, икони од интерфејс на мобилни уреди, рачно напишан телефонски именик, цртежи-патокази итн., кои и визуелно го разигруваат текстот и го оживуваат во рацете на читателите. Одредницата „роман за млади“ треба да се сфати само условно, како и дидактичкиот увод дека Ника, главниот лик, се обидува „да го разбие митот дали може да се преживее еден ден без мобилен, за доброто на тинејџерите“. Зад оваа своевидна лажна трага се крие посложена и послоевита приказна, во која освен спротивставувањето на реалниот и виртуелниот свет, пред читателот се открива внатрешниот, емотивен свет на една млада девојка која се соочува со многу предизвици – се вели во образложението на жирито.

Според жирито, „Риба во(н) мрежа“ се приближува до светските трендови за пишување литература за млади и би можел да го поттикне односниот жанр во македонската културна средина и да постави одреден стандард на кој би се надоврзале идните автори на литература за млади.

– Она што додава вредност на овој роман е директното реферирање на книжевни класици за деца од македонската книжевна историографија, како што се: „Големи и мали“ од Бошко Смаќоски, „Касни порасни“ од Петре М. Андреевски, „Шеќерна приказна“ од Славко Јаневски..., суптилно сугерирајќи дека лектирата е неизоставен дел во форматирањето на личноста и воспитувањето на вкусот од најмала возраст, но и дека книгата, како и мобилниот телефон, ја има таа моќ моментно да нè прошета низ времето и да ни врати пријатни спомени, без разлика на „застареноста на моделот“ – дополнуваат од жирито.

Јована Матевска Атанасова е родена во 1991 година, во Битола. По професија е дипломиран и лиценциран психолог. Досега објавила пет книги, меѓу кои: романот „Тамбовските снегови“ (2015), е-романот „Писмата во библиотеката“ (2016), кој е дел од наградените книги на Фондацијата „Македоника“ и УНЕСКО за воведување на млади автори во дигиталното издаваштво, психолошкиот прирачник „Јас во суперлаТИв“ (2021); збирката раскази „Гладоморје“ (2021) и збирката раскази „Три во тринаесет“, за која ја доби наградата „Книжевен круг за проза“ за 2022 година, од друштвото на писатели Битолски книжевен круг. Во подготовка се и две сликовници што треба да бидат издадени идната година.

Добитник е и на повеќе награди за кратки раскази: две откупни награди на конкурсите за краток расказ распишани од дневниот весник „Нова Македонија“ во 2015 и 2016 година, двоен лауреат е на наградата „Живко Чинго“ за 2020 (расказот „Гладоморје“) и 2021 година (расказот „Пура во Осака“), а во 2022 година ја добива првата награда на конкурсот за краток расказ распишан од Фондот на холокаустот, „Раскажи фотографија“.

Нејзините раскази се преведени на англиски, српски и албански јазик, застапени во повеќејазични збирки и антологии. Пишува и книжевни и театарски рецензии.

Покрај победничкиот роман, жири-комисијата ги разгледа во најтесниот избор и ракописите „Страшни приказни“ од Сузана Камберова, „Неочекувано“ од Ана Мовска (псевдоним) и „Интервенција“ од Игор Рамдедов, за кои наведе дека се издвоиле од мноштвото по оригиналноста на содржината и по стилската изведба.

Наградата „Пегаз“ е откупна и се состои од паричен износ од 90.000 денари, статуетка и објавување на победничкиот роман во посебна едиција на издавачката куќа „Арс Ламина“.

„Арс Ламина“ објавува дека конкурсот за избор на најдобар необјавен роман за 2024 година е веќе отворен и авторите можат да ги пријавуваат своите необјавени ракописи најдоцна до 1 септември 2024 година.

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

08.
May.
Вести
Денес светот одбележува сто години од раѓањето на Дејвид Атенборо – легендарниот и најпознат британски автор на природонаучни филмови, природонаучник, ...
01.
May.
Вести
Во весела и топла атмосфера, исполнета со детски џагор и насмевки, на 27 април, во рамките на Саемот на книгата, на штандот на „Арс Ламина“, беа ...
28.
Apr.
Вести
По хит-романите за Тито и Сирма, авторот на бестселери Зоран Спасов Ѕоф деновиве ја промовираше својата нова книга – „Гоце Делчев: Љубов и смрт&l...
27.
Apr.
Вести
Во прекрасниот и инспиративен амбиент на книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“, во петокот (24 април) беше промовирана книгат...
26.
Apr.
Вести
Енергична и ведра, со постојана насмевка и исклучително топол и пријателски пристап, популарната американска авторка на психолошки трилери Сара Пеканен, во с...
22.
Apr.
Вести
На денешната прес-конференција, што се одржа во „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“, се обратија Бранка Бугариска, директорка на издаваш...
18.
Apr.
Вести
Во емотивна атмосфера, исполнета со многу сеќавања, анегдоти и голема почит, вчеравечер (17 април) во преполната книжарница „Литература.мк“ во &b...
15.
Apr.
Во најава
По романите за Тито и Сирма, од популарниот автор Зоран Спасов Ѕоф, пристигнува нова историска фикција – роман за Гоце Делчев.
09.
Apr.
Во најава
Биографската книга „Фудбал под сенка“, посветена на легендарниот македонски фудбалер Васил Рингов, во авторство на новинарот Срѓан Ивановиќ, ќе б...
13.
Mar.
Вести
Романот „Три Марии“ од Оливера Ќорвезироска, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина - публикации“ е добитник на н...
array(0) {
}
Memory Consumption is: 8.19 MB