Новата книга на најнаградуваната македонска писателка во 2026 година, Оливера Ќорвезироска, „Шеесет: врсничка антологија на македонскиот расказ (1965 – 2025)“, излезе од печат во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Со ова го одбележуваме и 61. роденден на Ќорвезироска, родена на денешен ден, 29 ноември 1965 година. Ова издание има и посебна лична димензија бидејќи е поврзано со нејзиниот претходен, шеесетти роденден и со шест децении македонска расказна книжевност.
Во книгата се застапени 61 расказ од исто толку бележити македонски автори.
Антологијата е збогатена со лични микронарации на Ќорвезироска, во кои таа ги поврзува избраните раскази и нивните автори со сопствените искуства, сеќавања и биографија, откривајќи лични и книжевни врски со делата што ги избрала.
„Во 2025-тата година наполнив шеесет години и се решив за врсничкиот концепт како мошне соодветен за антологија каква што сакав да направам“, објаснува Ќорвезироска.
Во „Шеесет“ прави избор од македонскиот расказ во периодот од 1965 до 2025 година, издвојувајќи по еден расказ за секоја година. Изборот е направен врз основа на личен, книжевен и генерациски критериум – секоја година е претставена со една збирка и еден расказ за кој авторката смета дека носи нешто ново, посебно или значајно за македонската книжевност.
Антологијата има и дополнителен личен печат. За секоја година и за секој одбран расказ, Ќорвезироска напишала микронарација, која на различни начини се поврзува со нејзината биографија, со авторите, со ликовите и со самите книжевни дела.
„Од една страна – секоја година од својот живот ја означив со расказ, му ја посветив на еден конкретен расказ; од друга страна – го избрав она што всушност ме избрало мене“, вели авторката.
Со овој концепт, „Шеесет“ е истовремено антологиски преглед на шест децении македонски расказ и личен книжевен запис, во кој се испреплетуваат историјата на една книжевна форма и индивидуалното читателско и авторско искуство.
Оливера Ќорвезироска е една од најзначајните современи македонски писателки, авторка на поезија, проза за деца и возрасни, романи, раскази, книжевна критика и на есеистика. Нејзиниот богат творечки опус опфаќа повеќе од дваесет книги, меѓу кои „Заклученото тело на Лу“, „Аб’т“, „Три Марии“, „Страдањата на младиот лектор“, „(С)плетени раскази“, „Две перници“, „Новелички без шеќер“, „Улиците што ги нема“ и „Престапни години“.
Нејзините раскази се застапени во дваесетина антологии на современиот македонски расказ, објавени во земјава и во странство, а се преведувани на англиски, француски, унгарски, албански, чешки, српски, бугарски, словенечки, полски, руски, германски и на грчки јазик.
Ќорвезироска е повеќекратна добитничка на значајни книжевни награди. Нејзиниот роман „Три Марии“, исто така во издание на „Арс Либрис“, е добитник на „Роман на годината“ за 2025 година, на наградата „Стале Попов“ на Друштвото на писателите на Македонија за најдобро прозно дело за 2025 година и на „Рациновото признание“. Со тоа таа стана првата македонска писателка што ги добила овие три престижни признанија за едно исто дело.
Член е на Друштвото на писателите на Македонија и на Македонскиот ПЕН-центар.
Книгата е достапна во книжарниците на „Литература.мк“ и онлајн преку www.literatura.mk.