По „Атлас на светот“, „Животни“ и „Моето тело“, популарниот серијал илустрирани книги за деца „Моите патувања“ се збогатува со четири нови наслови: „Вселената“, „Нашата планета“, „Транспорт“ и „Што како работи?“
Станува збор за раскошно илустрирани енциклопедии во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, кои на едноставен, забавен и визуелно привлечен начин ги објаснуваат термините, случувањата и појавите во светот околу нас. Создадени за љубопитните умови, овие книги поттикнуваат истражување и учење преку интересни факти, преку илустрации и преку интерактивни елементи.
На страниците има преклопи и „прозорчиња“ за откривање, а секоја книга крие и голема скокачка страница што дополнително ја збогатува авантурата – од Големата експлозија и активен вулкан до воз и важен научник.
МОИТЕ ПАТУВАЊА - ВСЕЛЕНА
Што се случува во далечните галаксии? Зошто Плутон веќе не се смета за планета? Каква наука стои зад вселенските патувања?
„Вселената“ ги води малите истражувачи на возбудливо патување низ ѕвездите и низ планетите, откривајќи им ги тајните на бескрајниот космос. Книгата е исполнета со интересни информации и со изненадувачки факти што ќе ги поттикнат децата да поставуваат уште повеќе прашања за вселената.
МОИТЕ ПАТУВАЊА - НАШАТА ПЛАНЕТА
Од што зависи климата? Како настануваат вулканите? Како живеат животните и растенијата? Кој гради големи брани и мостови и како се развивале јазиците и културите?
„Нашата планета“ открива колку е неверојатен светот каде што живееме. Децата ќе дознаат повеќе за Земјата, за природата и за живиот свет, но и за луѓето, за нивните култури и за начинот на кој го менуваат светот околу себе.
А за уште поголемо доживување, книгата содржи и огромна скокачка страница со активен вулкан!
МОИТЕ ПАТУВАЊА - ТРАНСПОРТ
Како функционираат возовите, авионите и автомобилите? За што служат крановите и хеликоптерите? Зошто денес не можеме да патуваме со „Конкорд“ или со цепелин?
„Транспорт“ ги запознава децата со разните видови возила и со начинот на кој луѓето се движат – од копно и вода до воздух. Од најголемите машини до најбрзите превозни средства, книгата открива интересни факти од историјата и од развојот на транспортот.
А на крајот ги очекува и голема скокачка страница со воз!
МОИТЕ ПАТУВАЊА - ШТО КАКО РАБОТИ?
Како функционира светот околу нас? Која е разликата меѓу научник и пронаоѓач? Дали Земјата е огромен магнет? Како сончевите зраци можат да се претворат во електрична енергија?
„Што како работи?“ ги охрабрува децата да прашуваат, да истражуваат и да го откриваат научното објаснување зад нештата што секојдневно ги гледаат околу себе.
Со многу интересни факти, илустрации и интерактивни елементи, книгата го претвора учењето во вистинска мала научна авантура – која завршува со голема скокачка страница посветена на еден важен научник! Што мислите, кој?
Четири нови книги, безброј прашања и уште повеќе откритија. „Моите патувања“ се создадени за сите деца што сакаат да знаат како, зошто и што се крие зад светот околу нив.
Изданијата се достапни во книжарниците „Лиература.мк“ и онлајн преку www.literatura.mk.