Вести

Деса од Ивана Трајаноска, во издание на Арс Ламина, влезе во најтесниот избор за Роман на годината

08.03.2022.
Деса од Ивана Трајаноска, во издание на Арс Ламина, влезе во најтесниот избор за Роман на годината

Романот „Деса“ од Ивана Трајаноска, кој е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, влезе во најтесниот избор за престижната награда „Роман на годината 2021“. За признанието, што по 23-ти пат го доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, ќе се борат четири финалисти. Жирито во состав Владимир Јанковски (претседател), Катица Гароска Ацевска, Ермис Лафазановски, Лилјана Пандева и Катерина Богоева (претставник на Фондацијата) најдоцна до 15 март оваа година ќе го соопшти победникот. Наградата „Роман на годината“ се состои од плакета, оригинална статуетка и паричен износ од 150.000 денари. Инаку, во првичната листа, од пријавени 39 романи, 14 беа во издание на „Арс Ламина“. Во првата селекција со 20 наслови влегоа пет кандидати, а во следниот топ 10 избор, се пласираа три романи.

Деса е главната протагонистка во истоимениот роман на универзитетската професорка, книжевна истражувачка и критичарка Ивана Трајаноска. Авторката ни носи филигрански изработена приказна за несреќниот живот на една жена, за миграцијата и судирот на вредностите од мало место во големо, за погрешните животни избори и за тагата за непроживеаното. Деса e жена-сон, тивка, приспособлива, непокорна, но свитлива, скротувачка на своите внатрешни ветрови и сили. Како довеано бело, лесно облаче среде модрите стратуси. Егзотична птица залутана во туѓо небо. Големите соништа ги носи од Кратово во Скопје, каде што треба да се остварат. Но, новата средина значи и поголем избор. Поголемиот избор значи и поголеми шанси за грешни одлуки…
Романот „Деса“ беше дел од најтесниот избор за наградата „Пегаз“ за најдобар необјавен роман за 2020 година, а беше промовиран на Саемот на книгата во 2021 година.
„Деса размислуваше. Не разговарала вака, за музика, за што било досега, со никого. Се праша, зошто, ама навистина зошто го сака Бетовен… воопшто не ја интересираа животите на композиторите, нивните биографии, не размислуваше за нивните карактери и за тоа какви луѓе биле. Ништо што беше надвор од музиката не ја допираше. Како да излегуваше од себеси кога слушаше, како да го напушташе своето тело… најпрвин ја оставаше својата облека, чевлите, крутиот градник, килотите со висок струк, а потоа и кожата. Телото го оставаше на подот заедно со сè друго и лебдеше над нив, а потоа се вивнуваше и ја напушташе собата, па куќата, па овој град, овој свет и пловеше по небото и некако, не знаеше како, како да беше поблизу до Бога…“

Ивана Трајаноска е универзитетска професорка, книжевна истражувачка и критичарка, преведувачка и писателка. Родена е во Скопје во 1981 година. Додипломските студии по англиски јазик и книжевност со француски јазик и книжевност ги завршува на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Постдипломските и докторските студии ги завршува на Универзитетот „Пол Валери-Монпелје 3“, во Франција, во областа на англистиката. Докторира во 2014 година на тема „Улогата на музиката во романот ’Аџилак‘ на Дороти Ричардсон“ со највисоки почести. Речиси дваесет години работи како професор по англиски и француски јазик. Од 2008 година предава англиска книжевност, академско пишување и интеркултурна комуникација на Универзитетот „Американ колеџ“ – Скопје. Во 2008 година го објавува својот прв роман „Разгледници“ во издание на „Арт и Арт“. Објавува и кратка проза во македонски литературни списанија. Има објавено повеќе стручни и научни трудови на македонски, француски и англиски јазик во меѓународни списанија и зборници на теми од книжевноста, особено интердисциплинарноста и интермедијалноста во англиската книжевност од почетокот на дваесеттиот век и наставата по англиски јазик. Одржала повеќе гостински предавања на универзитети во странство како Новиот бугарски универзитет (Бугарија), Државниот колеџ во Кросно (Полска), Уралскиот државен педагошки универзитет (Русија), Универзитетот во Келн (Германија) и други. Член е на повеќе здруженија меѓу кои и Меѓународната асоцијација за реч и музика. Во 2017 година е објавен нејзиниот прв книжевен превод од француски на македонски јазик на романот „Јастребот од Мае“ на францускиот писател и добитник на наградата „Гонкур“, Жан Кариер.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:
https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14701

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

12.
Apr.
Вести
Книжарниците „Литература.мк“ и „Ист гејт мол“ донираа едукативни играчки во „СОС Детско село“. 
10.
Mar.
Вести
Онлајн-страницата на „Литература.мк“ e прогласена за најдобра е-продавница за култура, настани и едукација на Ecommerce Awards 2022. 
array(0) {
}
Memory Consumption is: 7.95 MB